Мисијата на Светите браќа Методиј и Кирил е една од најважните историски настани и процеси за поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска треба да се повикуваме како за авангардна вредност.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Кога византискиот император Михаил Трети го добил писмото од моравскиот кнез Ростислав во кое тој го моли Ромеецот да им испрати мисионери кои ќе го шират христијанството меѓу населението во Моравија, тој можел да им испрати свештеници кои ќе ја шират верата на елински, или на тогашниот грчки јазик, ако ви е така поразбирливо.
Но, не. Михаил Трети ги повикал Методиј и Константин (името на Кирил од светот), кои штотуку вратени од Хазарската мисија, веќе работеле на преводот на Светото Писмо (Библијата) и на другите тогаш достапни книги, апокрифи и житија на светите отци, откако претходно на тогашн ја создале глаголицата, писмото кое ќе биде основата за азбуките на словенските народи, меѓу кои и на македонската азбука и јазик.
Тоа е првата авангардна активност на Светите солунски браќа Методиј и Кирил.
Тоа ви е како денеска некој да се ангажира и врз основа на јазикот на некоја култура којашто нема писмо за да го артикулира мајчиниот говор низ кодифицирани словни знакови, да креира, да дизајнира фонт со кој на тој народ ќе му овозможи низ сопствената идентитетска „днк“ да прифати комуникациско словно писмо за да не ги користи постоечките доминантни јазици како англискиот, францускиот, шпанскиот, рускиот или било кој друг.
Со многу слична таква авангардна определба солунските браќа заминале за Моравија за да им се „спротивстават“ тогашните христијански центри на моќ кои застапувале „догма“ дека Светото Писмо единствено и само единствено може да се проповеда учи и практикува само на латински, јудејски и елински (грчки). Тријазичниците.
Благодарение на државната функција на нивниот татко, синовите Константин и Михаил (како што преовладува мислењето дека тоа било името на Методиј пред да се замонаши) имале можност да се школуваат во тогашните угледни образовни институции и двајцата, пред да ги прифатат мисиите за ширење на христијанството (Хазарската и Моравската). Како угледни личности на високи државни позиции, имале можност да бидат во контакт со повеќе народи во околината на тогашен Солун и во другите градови и научиле повеќе други јазици освен грчкиот, меѓу кои и тогашниот јазик на Словените во провинцијата Македонија.
Во однос на јазикот, ќе се повикаме на академик Ќулавкова и на нејзината воведната статија „Предисторија на кодификацијата на македонскиот книжевен јазик“ на монографијата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ во издание на МАНУ, во која таа пишува дека „постојат повеќе пристапи во именувањето на јазикот употребуван на македонските простори во средновековниот период. Според некои лингвисти и слависти, соодветен е називот старомакедонски (Old Macedonian, vieux macédonien), по аналогија на називите на другите европски јазици (францускиот, англискиот се нарекуваат старофранцуски, староанглиски, со додавка на атрибутот vieux, ancient, old)“.
Но, според Ќулавкова, овој пристап не е соодветен затоа што се однесува на античкиот македонски, а тој не спаѓа во групата словенски јазици.
И тука доаѓаме до клучната поента која ги соголува сите обиди да се стави знак на равенство меѓу современиот македонски јазик и неговата генеза со јазикот на античките Македонци, и врз основа на тоа да се извлекува заклучок дека Светите Кирил и Методиј се антички Македонци, одноно Македонци во современа смисла на зборот.
Во таа насока, академик Ќулавкова во воведната статија „Предисторија на кодификацијата на македонскиот книжевен јазик“ на монографијата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ во издание на МАНУ, пишува дека „нема оправдание словенските ракописи пред 1100 година да се доопределуваат етнички – како македонски црковнословенски, бугарски црковнословенски, српски или руски црковнословенски и дека дека старословенскиот, кој е втемелен врз говорот на македонските Словени не треба да биде покритие за негово ексклузивно присвојување од страна на современите Македонци“.
Ова истото се однесува и на современите Бугари и било кои други народи кои полагаат на ексклузивно право да го определуваат етничкото потекло на Светите Методиј и Кирил, според сопствениот национален шаблон.
Ова може да се поткрепи и со фактот дека нема ниту еден извор кој дефинитивно и беспоговорно ќе ја определи етничката припадност на Светите браќа Кирил и Методиј, а коишто нема да диктираат еден таков заклучок од политички или етно-центристички позиции, без да земат предвид духот на времето во кое живееле и мисиите што ги извршиле.
Тоа е вториот аргумент кој оди во прилог на тоа дека Светите Методиј и Кирил биле авангарда на своето време затоа што нивната мисија тргнала од премисата дека Светото Писмо (Библијата) и сите останати списи во тоа време треба да бидат достапни на јазикот на сите Словени.
Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога за да се организира заедништвото во црквата како суштинска карактеристика на христијанската вера.
Затоа, меѓу другото, се прогласени за патрони, заштитници на Европа и тоа е третата причина поради која Светите Методиј и Кирил се авангарда и ден денес, како што биле и во деветтиот век.
Во своето послание, од 31 декември 1980 година, со која Папата Џон Пол Втори ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа, пишува дека оваа своја одлука ја донел од три причини:
Прво, заради јубилејот 11 века од писмото на Папата Јован Осми, кој ја одобри употребата на старословенскиот јазик и писмо, утврдени од Светите браќа Кирил и Методиј, како јазик и писмо на кој се дозволи да се одржува светата литургија меѓу словенските народи;
Второ, во чест на стогодишнината од одлуката на Папата Лео Тринаесетти со која тој прошири култот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј меѓу сите христијани, без разлика на која деноминација и припаѓаат, односно и меѓу православните и меѓу католиците; и
Трето, во чест на ветувачкиот теолошки дијалог меѓу Католичката црква и православните Цркви на островот Патмос, кој се одржа токму во 1980 година, во истата година кога Светите Методиј и Кирил беа прогласени за патрони, заштитници, на Европа.
Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Методиј и Кирил е една од најважните историски настани и процеси за поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска треба да се повикуваме како за авангардна вредност.
Да се сеќаваме на нив и на историјата, да го чествуваме нивното наднационалнло, европско и цивилизациско дело, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат.
Овие вредности, еве и после повеќе од 1150 години нè учат и нè инспирираат.
Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа Методиј и Кирил, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.
Зашто визионерите се визионери без разлика на епохата во која живеат.