Филмскиот серијал во кој се влезени опозиционерите наместо хорор се повеќе наликува на коме(н)дија со сите клевети, лаги и дезинформации, исто како и филмот „Страшен филм“ со легендарната маска која стана предмет за потсмев наместо за предизвикување страв.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Оние што не ѝ мислат добро на Македонија имаат на листата неколку „баба роги“ за да ги предизвикуваат стравовите кај Македонците. Во последните неколку години тие се активираа за време на решавањето на проблемот со Грција, кога беше јасно дека земјата ќе биде членка на НАТО, и сега во сагата со Бугарија кога треба да продолжат преговорите за нашето членство во ЕУ, откако стана јасно дека првата фаза, скрининг процесот завршува со успех.
Не ги спомнувам другите претходни и попатните настани и процеси кога се актвираа тие „баба Роги“, но една од нив како најатрактивна, најупотреблива и најзлоупотребувана е „Баба Рога Албанофобија“.
Регулативата и деловникот на Собранието за избор на новиот состав на Владата, им овозможи на пратениците од опозицијата максимално да ја развлечат постапката и уште еднаш да ја „силуваат“ собраниската говорница со постојани и долготрајни тиради кои немаат никаква друга функција освен партиска промоција, како и полуточни или врамени дискусии, кои исто така се апсолутно бесмислени и трошење на времето.
Дури и да е точно тоа што од собраниската говорница го кажа пратеничката Сафије Садики, тоа многу повеќе зборува за интегритетот на партијата Алтернатива. Каква е таа партија којашто ги прифатила убедувањата што доаѓале од Тирана или Приштина ако самата не била убедена дека треба или не треба на прифаќа учество во Владата? Оттаму ова повеќе личи на извлекување, односно на креирање алиби пред сопственото гласачко тело за „гревот“ што самите си го предизвикале.
Но, тоа секако беше доволно повторно да се поттикнат албанофобијата и теориите на заговор.
Навистина, да знае да зборува, или да пишува, собраниската говорница, може да испише неколку тома од говорите кои имаа единствена цела да шират страв и несигурност и повторно и повторно да рециклираат едни те исти прашања во различно пакување.
Едно од тие поглавја во тие томови секако ќе ја опфати темата „Тиранска платформа“, која спаѓа во големата и секогаш (зло)употреблива тема – албанофобијата.
Многу добро се сеќаваме дека „Тиранската платформа“, во најдобро пакување на теорија на заговор, беше промовирана од страна ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на 2017 година кога оваа партија, која се имаше заречено дека ќе владее 100 години, не успеа да обезбеди мнозинство за да формира влада.
„Тиранската платформа“ им беше добредојдена измислица за да ја возобноват и поттикнат омразата кон етничките Албанци, односно да предизвикаат нетрпеливост и вознемиреност кај Македонците. Се разбира, бидејќи фантазијата за „Тиранската платформа“ освен Албанците во Македонија ги „обединуваше“ и оние во Албанија и Косоово, се покажа како добра „напалм бомба“ и за граѓаните во Србија, и воопшто во регионот.
Првобитната верзија на оваа приказна беше дека формирањето на коалициона влада составена од дотогашната опозициона партија СДСМ, со ДУИ и други партии на етничките Албанци ќе доведе до уништување на Македонија како држава и присоединување на нејзини делови кон Албанија.
Брзо се покажа дека ништо од тоа не е точно и дека всушност се работи за документ кој беше насловен како „Заедничката платформа на албанските парламентарни партии во Македонија“ за приоритетите на идната влада, како позиција на партиите на Албанците, откако после долготрајните преговори на ДУИ, тие одбија да бидат дел од владата заедно со ВМРО-ДПМНЕ затоа што оваа партија не прифати тогашното Специјално обвинителство да остане во функција и да ги заврши постапките што веќе беа или требаше да бидат започнати.
Другите услови од декларацијата беа албанскиот јазик да добие статус на официјален јазик на државно ниво, економска рамноправност и рамномерен регионален развој, унапредување на доброседските односи, учество на албанските партии во преговорите за решавање на спорот со Грција и покренување јавна дебата за низа други теми.
Немаше ништо од лагите што ги ширеше ВМРО-ДПМНЕ дека „Тиранската платформа“ ќе ја уништи Македонија како држава и дека нејзини делови ќе бидат припоени кон Албанија.
Малку подоцна почна да се разобличува кој стои зад лагата за „Тиранската платформа“ откако се појавија десеттина медиумски содржиниу на оваа измислена тема кои главно доаѓаа од Србија или преку соопштенијата на Министерство за надворешни работи на Руската Федерација. Руското МНР во периодот од 2017 до 2018 година лиферуваше соопштенија кои терминот „Тиранска платформа“ го поврзуваа со терминот „Голема Албанија“ и со концептот за освојување територии кои во Македонија и на Балканот требаше да предизвикаат негативни чувства кон Албанците.
Ксенофобијата кон Албанците повторно исплива на површина ова лето, додека траеше кампањата на опозицијата против „францускиот предлог“, кога по улиците ечеа познатите пароли „Клетите Шиптари“ и кога ВМРО-ДПМНЕ и Левица демонстрираа омраза, кон Албанците, кон ДУИ и СДСМ, како и кон Европа, посебно кон Франција и Германија, кон Западот генерално.
Она што треба да се запамети е дека опозицијата е особено дисциплинирана во почитувањето на насоките од книгата со препораки за посебните мерки на пропагандата и дезинформации, и нејзините главни теми за напади последните две години се меѓуетничките односи; соседските односи; врските со ЕУ и НАТО и критичните политички процеси поврзани со иднината и равојот на земјата – по правило изборните процеси.
Затоа нивните кампањи со говор на омраза се насочени кон поттикнување на внатрешните конфликти, особено меѓу заедниците на етничките Македонци и етничките Албанци, кон наштетување на меѓународните односи на Северна Македонија, особено кон соседите Бугарија, Грција и кон ЕУ.
Но, прочитани се, и филмскиот серијал во кој се влезени наместо хорор се повеќе наликува на коме(н)дија со сите клевети, лаги и дезинформации, исто како и филмот „Страшен филм“ со легендарната маска која стана предмет за потсмев наместо за предизвикување страв.