Ако во тешки времиња за иднината на Македонија претседателот Глигоров пречел некому до таму да му се подготви атентат, не помалку значајно е прашањето кому денес пречи Глигоров?
Денеска, 3 октомври 2023 година, утрово во 9 часот и 50 минути се навршуваат точно 28 години од атентатот врз претседателот Киро Глигоров. И по речиси три децении ова злосторство и обид за дестабилизација на Македонија останува најголемата мистерија во поновата историја. Предметот не е затворен, велат истрагата уште трае, иако во тоа никој не верува. Резултати нема, останува нечепната големата тајна, кој и зошто го нарача и кој го изврши атентатот врз првиот претседател на независна Република Македонија.
Во разговорите со претседателот Глигоров во една пригода тој прогнозираше дека ако тоа воопшто некогаш се дознае, ќе биде тогаш кога нема да предизвика никакви конфликти и инциденти. Кажано едноставно, рече Глигоров, тоа ќе се случи кога нема никого да погоди. Ова кажува дека, сепак, Глигоров имал некакви сомнежи кој стои зад обидот за неговото убиство. Најверојатно мотивот да не ги обелоденува своите сомнежи е во неговата претпазливост и грижа да не се предизвика дестабилизација во земјата, или конфликтни ситуации.
Историскиот грб му е многу широк
Но, сигурно дека мотивите на нарачателите на атентатот, доколку некогаш се откријат, ќе осветлат уште една страница за тоа кому му пречеше Глигоров во овие судбински години за Македонија.
Ако во тие војни и тешки времиња за иднината на Македонија претседателот Глигоров пречел некому до таму да му се подготви атентат, да биде ликвидиран физички, не помалку значајно и интересно е прашањето кому пречи Глигоров се уште и денес по безмалку 25 години како не е во политиката и цели 12 години од неговата смрт, да бидат оспорувани неговите заслуги и од една куса историска дистанца да се превреднува историјата со лични сведоштва не прифаќајќи ги околностите кога се носени клучни одлуки за иднината на државата.
За тоа најточната прогноза ја даде американскиот амбасадор во Македонија Кристофер Хил по повод смртта на Глигоров кога рече: „Балканот не е добар кон своите политичари. Значи, ќе помине некое време пред придонесите на Глигоров да бидат признаени во неговата проблематична татковина. Но, тој постигна нешто што други лидери на Балканот во 1990-тите години и во многу други времиња и места не можеа, или не сакаа. Тој ја држеше својата земја понастрана од војна“.
Оваа мисла, но и порака до граѓаните на Македонија, на Кристофер Хил, американски амбасадор и највисоко котиран политичар кој живеел и работел во нашата земја во едни бурни и историски времиња, најдобро ја отсликува улогата на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров. На кој и по 12 години од неговата смрт, премногу му е широк историскиот грб да може и мртов да се одбрани, за да не можат новите пишувачи на инстант-историја, или направи сам историја, или сами со сведоштва во стилот јас му реков, тој ми рече, да си обезбедат свое место во историјата со што ќе го испратат Глигоров во заборав и ќе го маргинализираат. Многубројните обиди за тоа во целиот изминат период беа безуспешни и лека-полека исчезнуваат пред големината и значењето на историската улога што ја одигра Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија.
Историски континуитет од АСНОМ до независна држава
Во овие 12 години по смртта на Глигоров, без каква било идолатрија, се зацврсти во колективното памтење на повеќе генерации граѓани неговиот голем придонес за татковината уште од времето на Народноослободителна антифашистичка војна до АСНОМ 1944, кога е формирана првата современа национална држава Федерална Македонија, што претставува најголем историски дострел на македонскиот народ и народностите во кој активно учествува и Глигоров. Историскиот континуитет од АСНОМ до независна Република Македонија 1991 година природно му припадна на Глигоров. Да застане на чело на новата самостојна држава овој мудар и искусен државник, беше логичен и клучен историски потег на неговите поддржувачи во време кога на повидок беше најкрвавата војна по Втората светска војна на просторите на поранешна Југославија, што би се рекло среде Европа.
Мислам дека ставовите на Киро Глигоров во врска со иднината на Македонија уште во времето кога Југославија не е распадната со крвава војна и кога тој не е претседател на државата даваат јасен одговор на неговите политички и државнички определби. Со Киро Глигоров имав повеќе интервјуа, и како пензионер и како претседател на државата. Но чинам дека првото интервју има најдрагоцено сведоштво не само за неговите определби за иднината на државата, туку и за тестаменталните пораки и за неговиот аманет во која насока треба да се движи државата. Првиот наш разговор беше на негова 73 годишна возраст, како познат поранешен политичар веќе во пензија. Во редакцијата на „Нова Македонија“ разговаравме повеќе денови, обично во време на викендите во периодот август – септември 1990 година.
Тоа беше невообичаено интервју од 12-13 продолженија на речиси 60 страници. Тогаш, некои тоа интервју го доживееја како негова политичка кандидатура, а имаше кои веруваа дека тоа е осмислена уредувачка политика на „Нова Македонија“ за негова промоција за претседателски кандидат. Тоа не беше точно бидејќи разговорот требаше да заврши по два три часа и со едно интервју максимум на една страница од „Нова Македонија“. Но на мое инсистирање поради интересноста на разговорот и многу непознати работи за пошироката јавност во Македонија, но најмногу поради настаните што тогаш се случуваа во Југославија кога веќе мирисаше на распад и сите живеевме во некои мачно исчекување и неизвесност продолживме со разговорите во период од цели два месеци.
Македонија треба да биде парламентарна држава
Еве ги тестаменталните одговори на клучни прашања и во првиот и во последниот разговор.
Прашање: Европската ориентација во согледувањето на македонската држава е битна и ако сите во Југославија, па и на Балканот, тргнеме во таа европска димензија, можеби договарањата ќе бидат полесни?
Одговор: „Ние мораме да живееме на оваа почва заедно и да најдеме некоја заедничка платформа. Значи од таа гледна точка тешко е сега да се зборува или федерација, или ништо, или пак конфедерација, или ништо, доколку воопшто кога луѓето зборуваат за федерација или конфедерација сите зборуваат со исто сознание и со исти параметри, што е едното, а што другото. Македонија во тие разговори треба да влезе со отворени очи и со подготвеност да се разговара за сите прашања, да се бара се она што максимално би ги заштитило на македонскиот народ и на македонската држава од една страна и од друга да имаме разбирање за се она што може да доведе до позитивен исход, а интересите на македонскиот народ и неговата сувереност да бидат респектирани. Оттаму ние можеме да бидеме исправени пред сите можни опции и не треба априори да бегаме од секоја од нив. Природно е секој народ кога над него се надвиснува опасноста да се биде или не, опасноста што може да ја загрози неговата држава и нејзиниот суверенитет добро да ја согледа својата положба и своето место на овие простори и во Европа.
Без оглед на конкретниот облик на уредувањето на Југославија, Македонија треба да биде парламентарна демократска држава отворена спрема светот и спрема соседите, отворена за комуникации, за движење на капиталот и луѓето. Бидејќи е отворена држава, ќе има полно право да пледира и за отвореноста на соседните држави. На тој начин треба да се бара решението на македонското прашање. Во рамките на едно вакво европско гледање има место за заедничко живеење со југословенските народи. За такви разговори Македонија треба да има легитимни претставници, треба да се ослободи од следење на чие било однесување и да не повладува на кого било, да истапува како самостоен субјект со полна индивидуалност во секој поглед и со нормално артикулирање на своите интереси, за да најде за себе си најоптимално решение и да се зачува пријателството и заедничкото живеење со сите народи.
Европа е нашиот дом
Не смееме да дозволиме како резултат на барање на што пооптимално решение за иднината да дојде до нови поделби, до граѓански војни и пресметки. Секое одделно прашање во таквите глобални рамки бара согледување. Ние не смееме да останеме без една сопствена програма, но програма која ја согледува сегашноста и иднината на Македонија пред се со полно уважување на сите реалности што постојат во светот и тенденциите карактеристични за тој свет. Тоа не е светот пред Првата ни пред Втората светска војна. Иако и при сето тоа и такво широко и евентуално хуманистичко размислување за иднината на Европа не смееме да заборавиме дека сѐ уште се можни војни. Не смееме да живееме ниту со начинот на решавање на македонското прашање, на македонските интереси како што тоа било во 19 или првата половина на 20 век, а да не уважуваме дека многу работи се промениле во Европа. А таа е наш дом.
(Нова Македонија 09. 10. 1990 година)
Последните разговори со претседателот Глигоров заедно со колегата Виктор Цветановски ги водевме со денови во Скопје и во Охрид во период од повеќе месеци. И повторно како пензионер во длабока старост, но се уште со одлична меморија. Од тие разговори и во оваа прилика издвојувам одговор само на едно прашање на кое исто така има има визионерска порака.
Прашање: Дали вашиот аманет за Македонија е всушност да се работи интензивно за влез во НАТО и во ЕУ?
Одговор: „Богами со сите сили. Нема да се случи Македонија сама да вмаршира во НАТО и воЕУ. Тоа треба да се одработи. Македонија ќе стане членка на НАТО и на ЕУ, но на тој пат ќе има перипетии. Треба да се држиме до Временската Спогодба, (се однесува на ПЈРМ м.з.) таму има еден член кој ни овозможува членство со привременото име. Треба цврсто да се држиме до тоа.
Битката за уставното име ќе ја добијат други генерации. Но мора да се знае и тоа дека ниту во ЕУ, ниту во НАТО ќе тече мед и млеко. Ќе мора многу да работиме и да учиме. Треба да се држиме до науката и до работата. Кога ќе стасаме до Европа и натаму ќе се соочуваме со голем број други тешкотии и проблеми, но Македонија ќе биде на добар пат. Јас верувам во тоа. Македонците заедно со сите етнички заедници ќе ја сочуваат својата држава, идентитет, јазик и ќе обезбедат прогрес на идните генерации. Сите други работи се помалку значајни.“
Ете тоа се најконзистентните, непроменливи ставови на Киро Глигоров и пред и за време и по неговата претседателска функција, искажани јасно и документирано пред да се случат сите настани кои ги потврдуваат визионерските ставови на првиот претседател на независна Македонија. Ете затоа му е широк грбот да одговори и починат на сите оспорувања. На Македонија и нејзините одговорни политичари и интелектуални и деловни елити останува докрај да го исполнат аманетот на својот прв претседател кој целосно се совпаѓа со желбите на повеќе генерации граѓани на Македонија. (Дојче веле)