Улогата на Макрон во катастрофалната низа на настани за Македонија

Макрон
Пендаровски со Макрон во Мадрид, 30 јуни 2022 година

Одговорно тврдам дека не е точно дека секоја средба, барем во временскиот период кога бев генерален секретар на претседателот Стево Пендаровски и на кои јас сум бил присутен, била со наведната глава и фразата „ве молам“, туку се воделе аргументирани дискусии, неретко и во тензичен тон, во однос на позиционирањето на Македонија. Ова особено се однесува на нашиот пат кон интеграцијата во ЕУ.

Миле БОШЊАКОВСКИ*

Се сеќавам како тинејџер, кога ќе го чуев фамозниот концепт за надворешна политика на мојата земја или славната „еквидистанца од соседите“, бев исклучително со многу прашалници околу ова и секогаш доаѓав до заклучок дека е погрешно. Ама си викав тогаш: „Ок е, дете, има нешто кое не го знаеш, сепак луѓево кои ја водат оваа држава имаат зад себе историја.“ Политиката на „еквидистанца“ ја промовираше првиот претседател Киро Глигоров. Од денешна перспектива гледано, кога не сум баш дете и кога поминав одредени искуства поврзани и со динамиката на внатрешната политика, решавање меѓународни конфликти и дипломатија, можам да заклучам дека уште како тинејџер сум бил во право дека политиката на „еквидистанца“ била погрешна.

Минатата недела читав колумна на професорот Денко Малевски, во која накратко направи ретроспектива на надворешната политика на Македонија од првата влада до денес, во која тој кажа дека секој разговор во времето кога бил министер за надворешни работи го завршувал со фразата „ве молам помогнете ни“. Малевски во текстот изнесува теза според која може да се заклучи дека од независноста до пред една година „ве молам помогнете ни“ бил темелот на кој била поставена македонската дипломатија, сè до пред една година кога почнавме да пркосиме на Западот, и според него таа храброст ја имаме поради поместувањето на центарот на американската надворешна политика во времето на вториот мандат на Доналд Трамп.

Одговорно тврдам дека не е точно дека секоја средба, барем во временскиот период кога бев генерален секретар на претседателот Стево Пендаровски и на кои јас сум бил присутен, била со наведната глава и фразата „ве молам“, туку се воделе аргументирани дискусии, неретко и во тензичен тон, во однос на позиционирањето на Македонија. Ова особено се однесува на нашиот пат кон интеграцијата во ЕУ.

Макрон не сфати дека грешка со грешка не се решава

Да потсетам на момент кој сметам дека е клучен и негативен за нас, за жал — „брилијантната“ идеја на францускиот претседател Макрон во 2019 година, кога донесе одлука дека мора да се промени методологијата на Брисел за отпочнување на пристапни преговори. Или како што го нарекувавме „француското вето“. Оваа чисто ситна внатрешно-партиска идеја на Макрон, или потреба да се задоволат тесните интереси на нивната внатрешна политичка сцена, е првата и вистински неправедна блокада со која се соочи Македонија и тогаш Албанија сосема случајно, бидејќи не третираа како пакет. Оваа одлука на Макрон беше негова приватна проценка со тесен интерес за Франција и претстојните избори и никако немаше поширока согласност во другите земји на Унијата, но помина едноставно бидејќи мораше да се потврди веројатно големината на демократијата пред налетот на десните радикали на Мари Ле Пен. Така што веќе во 2020 беше усвоена новата методологија заради која 2019 не ги почнавме преговорите.

Тоа што следуваше понатаму — или ветото од Софија две години подоцна и таканаречениот француски предлог, или сега веќе Бриселски — беше само последица на последователни катастрофални проценки на сите инволвирани страни, чија низа ја започна Париз. Сепак, да бидеме на чисто — официјален Париз, односно кабинетот на Макрон, покажа сериозна „грижа на совест“ две години подоцна кога Софија нè блокираше дури и по промената на методологијата која тие ја бараа за отпочнување на пристапни преговори. Токму тука е и одговорот зошто фамозниот предлог кој на прва го одбивме како држава, па после дополнителни преговори државното раководство го прифати, носеше неофицијално име „француски предлог“. Името го носеше затоа што двајца тогашни советници на претседателот Макрон беа директно вклучени во преговорите меѓу Македонија и Бугарија и во тој период беа исклучително посветени на изнаоѓање решение за калабалакот за кој нивниот кабинет беше одговорен. И, како што најчесто се случува — грешка со грешка не се решава, туку само се усложнува работа.

Двајцата советници на Макрон кои ги водеа преговорите беа Клеман Бон и Александре Адам и тие беа почесто во Софија и Скопје отколку во Париз тие денови. Желбата да ја поправат штетата од одлуката на нивниот претседател пред две години очигледно беше присутна, но во тие моменти позицијата на политичките субјекти и кај нас и во Бугарија ја правеше желбата само желба и ништо повеќе.

Сепак, нема понатаму да пишувам за „францускиот предлог“ и како се одвиваа тие преговори, за кои немам директни мои сведоштва, туку само информации од прв извор и посредни, од причина што гневот е сè уште присутен кај мене и тешко дека дури и на хартија можам да задржам објективност во смисла на тоа што значи пристоен израз. Ова ќе биде напишано некаде во иднина кога белите влакна во косата ќе бидат доминантни над црните.

Самитот на НАТО во Мадрид Макрон го гледаше како шанса за поправен испит

Темата на оваа колумна се дипломатските средби на кои јас како генерален секретар сум бил присутен и каков бил тонот на истите. Кулминацијата на состојбата која ја опишав погоре беше самитот на НАТО во Мадрид во јуни 2022 година. Претходните денови, откако ние како држава го отфрливме првиот предлог за договор со Софија кој беше ставен на хартија после непотребни четири дена во кои бевме советувани да не бидеме први кои ќе го одбиеме, туку да се почека Софија прва да го одбие. Се разбира, Софија го прифати првиот предлог, не го одби и тука веќе беше прилично јасно дека добиваме погрешни совети.

Тогашниот премиер на Бугарија, Кирил Петков, одигра маестрална комбинација во интерес на Бугарија и, да сум чесен до крај, човекот никогаш немаше негативни инклинации кон нас — тоа беше јасно, но за него малку подолу ќе се навратам во текстов. Во Мадрид веројатно се случи еден од покомплексните дипломатски денови на претседателот Пендаровски во неговиот петгодишен мандат. Не постоеше средба на која се дискутираше за НАТО и општите состојби; секоја средба, дали беше формална билатерална или средба, како што вели познатото новинарско клише „на маргините на самитот“, или на англиски pull aside, беше исклучиво за нашата ситуација, францускиот предлог за кој очигледно имаше поширока поддршка од другите европски лидери и дипломатски културен притисок кон нас да омекнеме. Притисокот беше голем уште по завршување на првата средба со високи претставници на наша пријателска земја членка на ЕУ и НАТО, кои ни дадоа информации од суштинско значење. Информацијата се однесуваше на политичките блиски релации за време на состаноци во Брисел претходните денови, на кои тие биле сведоци, меѓу Макрон и бугарскиот премиер Кирил Петков и автентично пренесен разговор дека доколку (Македонија) ја испуштиме оваа шанса, ризикот да бидеме целосно изолирани е многу веројатен. Ова беше вовед во денот.

Во Мадрид покрај претседателот Пендаровски и ние од неговиот кабинет, од македонската влада беа присутни и тогашниот министер за надворешни работи Бујар Османи, како и министерката за одбрана Славјанка Петровска. Агендите тој ден сепак беа одделни и не се поклопуваа, така што во поголемиот дел од средбите претседателот имаше засебни средби без Османи и Петровска. Двајцата министри беа фокусирани на средби со нивните хомолози, односно Османи — надворешна политика, и Петровска — одбрана. За овие средби не можам ништо да напишам бидејќи не бев дел од истите и сè што би кажал би било во доменот на претпоставките.

Следуваше втората формална билатерална средба на Пендаровски со германскиот канцелар Олаф Шолц, кој сè уште беше прилично тазе на неговата позиција. Информацијата за близината на Макрон и Петков која ја добивме овојпат беше потврдена низ разговорот, се разбира не директно, но низ фразите дека ова е можност која не смееме да ја пропуштиме и слично. Шолц беше коректен и пријателски настроен во вистинска смисла на зборот, уште на самиот почеток ни пренесе дека настапува и во име на неговите сојузници од ЕУ. Покажувајќи емпатија за Македонија и состојбата, наративот му беше дека за нас е исклучително потребно да гледаме напред. Направи куса анализа на историските перспективи меѓу неговата земја и Франција во минатото и како тие се дел од минатото на две големи европски земји со идеја дека аналогијата на тоа непријателство и решението на истото ќе нè охрабри.

После првата средба со Шолц, започнавме да добиваме информации дека претседателот Макрон има закажано прес-конференција во попладневните часови и дека ќе стигне од него покана да му се приклучат претседателот Пендаровски и претседателот на Бугарија Румен Радев. Ниту претседателот Пендаровски, ниту некој од неговиот тим советници не сметавме дека ова е добро.

САД и Германија останаа принципиелни сојузници

Следуваа средби — меѓу другите — и со Антони Блинкен, државниот секретар на САД, и тоа наместо pull aside средба беше тет-а-тет со седење. На оваа средба имав страничен кус разговор со Карен Донфрид, тогашна десна рака на Блинкен, или помошничка-државен секретар. Во разговорот сфатив дека во тој момент Стејт департментот немаше реална проценка на политичките состојби во Македонија или нивниот интерес едноставно не се поклопуваше со нашиот — што е сосема легитимно од нивна страна.

По оваа средба, на барање на германската страна, се случи уште една или втора средба со канцеларот Шолц и нашиот претседател, после која повторно заклучивме дека е неприфатливо за нас да има прес-конференција заедничка со Радев под патронство на Макрон. Во меѓувреме пристигна информација дека Радев прифатил да има заедничка прес-конференција, а дека нашиот став дека тоа нема да се случи веројатно беше и причина поради која тој ден немавме ниту очекувана билатерална средба со Емануел Макрон.

Како што одминуваше денот, тензијата и интензитетот на средбите спласна целосно — тој ден немаше договор меѓу Македонија и Бугарија со посредство на Франција, ниту триумфална прес-конференција која посакуваа да ја имаат. Тој ден не молевме никого да ни помогне како држава, туку аргументирано ги поставивме тезите кон нашите соговорници и сојузници — во наш државен интерес.

Со цел да го заокружам денот, решив да одам лично на прес-конференцијата која веќе беше закажана од страна на Макрон. На патот кон медија-центарот, во помалата сала прочитав најава за прес-конференција на бугарскиот претседател Радев. Влегов и седнав во последниот ред, а пред мене седеше тогашната министерка за надворешни работи во нивната влада, која прилично несмасно разменуваше пораки на нејзиниот телефон. Пресот на Радев немаше информација вредна за нас.

По оваа конференција влегов во големата сала, каде што над 50 новинари и речиси исто толку камери го чекаа Макрон. Воведната изјава на Макрон се однесуваше исклучиво на внатрешни француски теми, а од меѓународна политика единствената тема која се посочи и на која ѝ даде внимание беше темата за повлекување на француската армија од неколку земји од западна Африка — поранешни нивни колонии. И, да, оваа тема ја отворија колегите новинари во делот со прашањата. Емануел Макрон не кажа ниту збор за Македонија, Европска Унија, Бугарија, преговори за пристап, Западен Балкан и слично.

Наредните денови во преговори се усогласи вториот предлог на „францускиот предлог“, кој потоа и се претстави на македонската јавност. Со договорот, за да ги отпочнеме преговорите како држава, прифативме услов да го смениме Уставот и да ги вклучиме во преамбулата Бугарите во земјава. Факт е дека втората верзија на „францускиот предлог“ претрпе доста измени, по што беше прифатена од државниот врв. Измени кои сепак не беа доволни за негово прифаќање од страна на мнозинството од јавноста и поголемиот дел од политичките елити — и тука сме каде што сме.

Во Бугарија пак, овој предлог, и покрај тврдата опозиција, Кирил Петков успеа да го помине речиси едногласно во нивниот парламент. Тоа што претходно Бугарија не сакаше ниту да го спомнува или наративот „Бугари во Македонија како малцинство“ одеднаш стана основата на нивната дипломатија во однос на Македонија. Во Брисел, при образложувањето како ја жртвувал, односно како паднала неговата влада со цел овој предлог да помине во Софија, Кирил Петков тие денови, според информациите, добил стоечки овации за неговата храброст од неговите европски колеги. Тоа што владата на Петков, во секој случај, ќе паднеше во Софија е информација која е безначајна, бидејќи — за разлика од нас — тие мошне умешно ги одиграа последните минути од „мечот“ и наместо нерешено, во спортски израз, добија победа.

Македонија остана во чекалната, Бугарија ги утилизира поволностите од членството во ЕУ

Заради немање на политички консензус Македонија не ги исполни барањата и остануваме да чекаме нови околности за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Бугарија смени влада, и наредни неколку, поради неможност да состави стабилна коалиција и, се разбира, во целост ги утилизира поволностите од членството во ЕУ.

Емануел Макрон е претседател на Франција кој во 2019 година донесе одлука да ја смени методологијата за отпочнување на преговори за членство во ЕУ — како процес без никакво значење ниту за ЕУ ниту за Париз. Советникот на Макрон, кој беше дел од тимот за поправање на штетата, Александар Адам, во моментов е советник на Урсула фон дер Лајен, а вториот советник Клеман Бон сè уште е актуелен во политиката, но не како советник на Макрон, туку како министер во нивната влада.

Една карактеристична анегдота се случи утредента и нема никаква поврзаност со настаните. Низ градот делегациите се движеа со такси-возила поради сложеноста на сообраќајот тие денови. Кога влеговме ние неколкумина од кабинетот во нашето возило, прилично гласно дебатиравме и одеднаш возачот се огласи: „Еј, од дека сте бе?“ Кој помалку, кој повеќе од нас изненадени, прекинавме да збориме и му одговорив: „Од Македонија. Ти наш си или?“ Без да успеам да ја завршам реченицата, ме прекина на силен струмички дијалект: „Не, ја сум Шпанец, роден во Мадрид, ама работев в’в Струмица, село Босилово, во фирма за производство на медицински канабис кај Боро две години, ама ме прелажа — уште не ми е платил сè.“ Внесени во политиките ни олесна кога разбравме дека возачот е само Шпанец кој бил на печалба во Македонија.

*Миле Бошњаковски беше генерален секретар во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски од 2019 до 2024 година

Зачлени се на нашиот е-билтен