Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Вечниот спијач Бранко Ц.

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Во нашата „јавна чаршија“ постојат коментатори кои се неверојатно вознемирени од мојата маленкост, а откако сум појавен „на сцена“ (светот е сцена, велеше Шекспир), огромен број на луѓе имаат нешто да ми кажат, а тоа најчесто е прекор; и ви велам, кога ме прекоруваат мене, најчесто себе се опишуваат и својот ментален „чабор“, поточно ментално корито (ја знаете онаа синтагма – да ти прднам во чабор).

Добро, таква е оваа сцена, што да се прави. Таква е нашата менталитетска посебност. Е, бидејќи и јас сум таков, само што јас не sвонам на телефони за да ги критикувам луѓето, туку тоа што имам да го кажам, го кажувам така што седнувам на стол, отворам „виндоус“ и на белината на екранот, што значи сам на цела непријателска територија, почнувам да пишувам.

Имено, еден од моите „опсесивни“ објекти на третирање е и Бранко Црвенковски. На почеток, веднаш да расчистиме, јас со Бранко Ц., вечниот спијач, немам никаков личен конфликт, ниту тој човек мене ми нанел некакво зло. Сега, „праведниците“ ќе гракнат: „Па, да! Ви велевме ние. ‘Рѓа од човек. Ги резили луѓето на правда пред Бога“. Едни велат дека јас сум полтрон на СДСМ, други велат дека сум заљубен во Заев, трети велат, „српче, мрази се македонско“.

Кој сака да се согласи со предложените дефиниции, негова работа. А ние одиме натаму. Да биде уште позамрсено и покомплицирано, јас начелно немам ништо против идеите (или идеологемите) кои Бранко Ц. ги расфрла низ македонската чаршија. И уште на ум сум дека секаде по Европа постојат типови како Бранко Ц. Има и такви кои се низ парламентите или на власт. Некои велат дека Бранко Ц. има екстремни идеи. Јок, море! Бранко Ц. само им помага на екстремистите. А тие, екстремистите, исти се како Бранко Ц.: некреативни, просечни и инертни.

Сега, пак, некој може да рече, па што кој мој му замеруваш и не му даваш мир?! Е, тука доаѓаме до средиштето на работите. Другарот Бранко Ц. и неговата продувана идеологија, беседи дека неговиот суд за јавни работи е исправен и точен, неговиот суд е свет, прав македонски, а останатите мислења, идеологии, етики и поетики, се увезени од Запад. И дека во Македонија за нив не смее да има место. Да ги потсетам за момент бранковци дека нивната светина е национализмот, оној мек, перфиден, ама сепак национализам. И рековме погоре, Бранко Ц. го има Уставното право да со политички средства се бори за своите идеи. Само тука има еден заеб: не е несклон Брaнко Ц. да се бори и со подземни игри само за да го растура СДСМ со пар играчи раштркани низ јавноста. Еден таков „телал“ (читај, трубадур!), ене го, беседи од Куманово. Останатите негови разочарани мрежи се наоѓаат низ останатите јавни чаршии низ земјата. Немам овде место да навлегувам во детаљи.

Господинот Бранко Ц., уште слушам низ чаршијата, имал многу пари, и тоа било негово главно покритие за мешање во политиката. Ако за првото не знам дали е точно, за второто со сигурност знам: Бранко Ц. е авторитарна личност склон на тоталитаризам. Таквите како Бранко Ц. порано урлаа „Да живее другарот Тито“, а сега урлаат „Да живее Македонија“, и под сенка, испивајќи литро-со-литро, непречено се борат за „големите европски идеи“. Во позадина, се разбира, роварат, сплеткарат и мрсомудат.

Со тек на време – типично за личности без свој идентитет – кај Бранко Ц. доаѓа синдромот кој може да го опишеме и како личност која апсолутно се поистоветува со цела Македонија и нејзините македонски интереси. Ако сте приметиле, секогаш кога некој го рибичеше на времето Груевски, а денес и Мицкоски, таквите сердари ударите ги правдаат со напад на „македонската духовност, писмо и традиција“.

Делувањето во политиката на овие амбициозни медиокритети, парадоксално, најголема штета и на нанесуваат на Македонија, делејќи ја на „вистински“ и „фалсификувани“ Македонци. Оттука произлегуваат многу други поделби. Па, ако е точно дека Бранко Ц. има многу пари, одработувајќи за Мицкоски сака повторно Македонија да ја приватизира, тогаш јас, човек без пари, со купишта книги на своите домашни полици и превозно средство точак, го користам Уставното право нивните марифетлуци и нивните слуги да ги разобличам, персонализирајќи го проблемот.

И тоа, господа, со големо задоволство ќе го правам и во иднина.

Извор: Frontline

Зачлени се на нашиот е-билтен