Љуан ИМЕРИ
Стигна најновите вести од иднината. Ќе споделам неколку.
- Македонската влада го поддржа барањето на Бугарија за реадмисија во Европската Унија, по нејзиното протерување во 2025 година. Соработката и дијалогот со соседите имаат највисок приоритет во македонската влада, „политиката на злопамтење не е и нема да биде дел од македонското наследство“, рече во таа прилика претседателката на Северна Македонија, Вјолца А.
- Здружението на историчари од Србија, Косово, Северна Македонија, Грција и Босна и Херцеговина во Европскиот парламент ја претстави својата програма за мултиперспективна историја, која неколку европски земји сакаат да ја имплементираат во своите образовни програми.
Посебен интерес за ова покажа Ирска, која изрази надеж дека оваа програма ќе ја спроведе исто така и земјата кандидат за членство во ЕУ, централна Британија. За време на презентацијата во Стразбур, претставници на историчарите истакнаа дека „историјата не смее да биде заложник на кусогледни политики и дека таа треба да биде учителка на животот, а не учителка на смртта“.
- За време на официјалната посета на претседателот на Косово во Белград, претседателите на двете земји го потврдија претходно најавениот договор за заедничката седница на владите на Косово, Србија и Македонија, која е планирана за следниот месец. Претседателот на Србија го информираше гостинот за напредокот во изградбата на споменикот во чест на убиените косовски Албанци во поранешната воена база во Батајница и го потврди своето пристигнување во Приштина на 17 март, кога косовскиот парламент организира комеморација за жртвите на насилствата во 2014 година.
Претседателите го осудија и испадот на тројца хулигани кои се обидоа да го спречат пристапот до споменикот во Батајница и изразија надеж дека за тројца од уапсените ќе следуваа соодветна судска постапка. „Провоцирањето меѓуетничка омраза не е право на слобода на говор и во едно демократско општество како Србија нема да има толеранција за такви испади“ кажа во оваа прилика претседателот на Србија.
Интересно. Колку малку треба. Кој може да изгуби ако ова навистина се случи?