Најфлагрантен е фактот што европратениците од партијата-сестра на ВМРО-ДПМНЕ, не застанаа ни во одбрана на самиот Вајц, ниту на Извештајот во кој македонскиот јазик и идентитет се споменуваат како суверени и историски втемелени.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Така наречената „голема победа“ на македонската дипломатија ќе остане само на хартија ако премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и целиот дипломатски кор не се вклучат активно во директно лобирање кај европратениците, особено во рамки на Европската народна партија (ЕПП), каде ВМРО-ДПМНЕ припаѓа.
Извештајот за напредокот на Северна Македонија, кој го подготви известителот Томас Вајц, австриски европратеник од Зелените, не беше повлечен поради негови недостатоци, туку токму поради притисоците од бугарските европратеници и недостатокот на поддршка од ЕПП. Најфлагрантен е фактот што европратениците од партијата-сестра на ВМРО-ДПМНЕ, не застанаа ни во одбрана на самиот Вајц, ниту на Извештајот во кој македонскиот јазик и идентитет се споменуваат како суверени и историски втемелени. ВМРО-ДПМНЕ го остави Вајц сам да се бори за Извештајот за Македонија во ЕП.
Соочен со таква ситуација, наместо да ризикува да се усвои Извештај со контроверзните амандмани, Вајц побара одложување. Во спротивно, доколку проблематичните амандмани беа усвоени, тие би го смениле духот на Извештајот, затоа што ќе станеа официјален став на Европскиот парламент. Таков развој би претставувал политички пораз за македонската страна.
Одложувањето е всушност победата за која говорат некои поранешни македонски дипломати, но тое е пред се заслуга на искусниот Вајц, кој целосно се стави во одбрана на текстот на Извештајот.
Победата е само почеток на поголема битка која и претстои на Македонија.
Па имаше ли некој таму што во тој момент ја бранеше Македонија?
Парадоксално, извештајот најгласно го бранеа европските социјалисти и Зелените, идеолошки поблиски до СДСМ. Европратеници од групата Социјалисти и Демократи (S&D) и Зелените јавно го поддржаа Извештајот и изразија загриженост поради бугарските обиди за политичка уцена. Четворица европратеници, Тонино Пицула, Тања Фајон, Андреас Шидер и Марек Белка, предложија амандмани со кои се осудуваат „провокативните изјави на бугарски владини претставници за историски прашања“, квалификувани како спротивни на Договорот за добрососедство.
Партијата на европските социјалисти (PES) и либералите од Renew Europe традиционално се во првите редови на поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија.
Од другата страна, ЕПП, иако формално ја поддржува европската перспектива на Скопје, не покажа јасна политичка волја да го брани извештајот од бугарските амандмани. Напротив, некои бугарски членови на ЕПП, како Андреј Ковачев и Андреј Новаков, упатија критики кон македонската страна, фокусирани главно на историските прашања. Ковачев дури предупреди дека можно е ВМРО-ДПМНЕ да биде суспендирана од ЕПП поради „антибугарската реторика“.
Ако Владата навистина сака да ја добие битката за Македонија во Европскиот парламент, мора итно и конкретно да лобира: да испрати протестна нота, да мобилизира сојузнички европратеници и да воспостави директни контакти со водечките фигури во ЕПП. Не е доволно цврстото „домашно“ одбивање на бугарските амандмани, ниту декларативните патриотски изјави насочени кон домашната јавност. Лобирањето не може да биде декларативно.
Македонската дипломатија, засега, делува како да очекува ЕУ институциите сами да ја водат битката.
Министерот Муцунски во своите јавни настапи ја повторува пораката дека „ЕУ треба да покаже решителност и храброст“, но сега е време и Македонија да покаже одлучност-преку стратегија, контакт со влијателните пратеници, и офанзивна дипломатија.