ВМРО-ДПМНЕ призна дека попусто постои Владата

Ова дивеење на маркетите мора да престане, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како да се опозициска партија, а не како да се креатори на политики кои, всушност, ја доведоа ситуацијата до овој апсурд кој сега, истите тие повикуваат да престане. Повикот си го упатија самите на себеси?!?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ете, и тоа го доживеавме, партијата што ја победи на изборите, ја предводи Владата и го даде актуелниот премиер, е против Владата и нејзините економски и социјални мерки.

Инаку како да се објасни рационално поддршката на владеачката партија да да го поддржи бојкотот маркетите?!?

Да, ем да се чудиш, ем да се прашуваш „Кој к…“? Затоа што има еден куп нелогичности и апсурд во нивното кусо соопштение за поддршка на граѓаните против политиките на владата што тие ја формираа.

Биле „убедени дека институциите активно ќе се спротивстават на забеганоста на дел од маркетите…“

Па тоа е само доказ за неспособноста и некадарноста да се спрват со трговската мафија, а, како извршна власт, ги имаат сите инструменти да го направат тоа.

Но, очигледно, ниту се кадарни, ниту знаат како да ги користат инспекторатите, ниту да ги спроведуваат мерките.

Замислете, партијата што е на власт „очекува од владата да подготви сет на мерки како за контрола на растот на цените, да ги истражи овие однесувања на маркетите дали низ годините наназад до денес правеле злоупотреби, даночни ескивирања или други прекршувања на законите и истовремено да ја засили контролата врз нивната работа“.

Ова дивеење на маркетите мора да престане, велат од ВМРО-ДПМНЕ, како да се опозициска партија, а не како да се креатори на политики кои, всушност, ја доведоа ситуацијата до овој апсурд кој сега, истите тие повикуваат да престане. Повикот си го упатија самите на себеси?!?

Се чини дека СДСМ се во право кога велат дека на сцена е „Монти Пајтон политика на Влада која изгубила контакт со реалноста после само осум месеци владеење“.

Па уште и самиот премиер вели дека има лично разбирање за акцијата за бојкот на маркетите в петок.

– Јас имам лично разбирање за оваа акција на граѓаните и тука не треба да имаме никаква дилема. Од самиот почеток зборувам за однесувањето на поединци во овој бизнис и дека на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат високи профити. Институциите, пазарниот инспекторат ја следат состојбата и навремено реагираат, рече Мицкоски на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ја поддржи иницијативата на граѓаните за бојкот на маркетите в петок.

Како паднат од Марс!!!

Је следеле состојбата…, а во изминатите месеци донесоа којзнае колку шаранила од кошнички, а испадна дека сите тие биле само – „шарена лага“.

Ова е дефакто признание дека кошничките на Мицкоски не дале никаков резултат и ефект. Ова е признание, дебакл и пораз на основата на економската политика на ДПМНЕ изминативе месеци.

Во изминатите месеци, Владата се потпираше на популистички мерки како „кошничките“ за есенските и новогодишните празници, кои беа промовирани како краткорочно олеснување за семејните буџети. Сепак, овие мерки не постигнаа посакуван ефект. Цените на основните производи продолжија да растат, а граѓаните сè почесто се чувствуваат изоставени од процесите на економско планирање.

Според податоците од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), вредноста на синдикалната минимална кошница за декември 2024 година изнесува 62.861 денар. Ова претставува зголемување од 840 денари во споредба со ноември 2024 година, кога кошницата изнесувала 62.021 денар.

И сега, наместо да бара, да најде, да примени и да го контролира спроведувањето на системски решенија, партијата на власт поддржува бојкот на маркети.

Таква владина политика немало, и веројатно, нема да има во историјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен