Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Не би се расправал со Американците.
Не затоа што немам што да им забележам или да ги критикувам, туку затоа што во односите со Северна Македонија се толку битни што секоја расправа со нив или за нив автоматски се претвора во расправа за нас. И со самите нас. Со многу лоши изгледи за Нордот. Признавам дека тука ме влече една тешка опортунистичка нотка која не е без принципиелна основа но, знае да ме натера да скокнам некои срања од другата страна на Атлантикот.
Хахаха!
Амбасадорката Агелер вели дека САД вложиле половина милијарда евра во реформа на правосудството, а од резултатите не се задоволни.
Резултатите се катастрофални, Ваша екселенцијо.
Тоа би бил вистинскиот израз.
Во однос на фактографијата, па и на оценките – немам никакви забелешки.
Јас би додал дека САД во последните триесетина години вложија и огромни пари во медиумите.
Но, резултатите се пострашни отколку во правосудството.
Ова што денеска го имаме не се медиуми.
Тоа се инсталации во кои глупаци се програмираат да емитираат одредени содржини кои ќе им се достават.
При што помалку е важно тоа што таа свињарија, таа помија од јавен дискурс се прави во интерес на една партија, туку е поважно тоа што се претвора во инструмент и амбиент во кои се разорува општеството, се дезориентираат, хистеризираат и темелно оглупавуваат луѓето.
Општеството се десубјективизира.
Имаме само идиоти кои мислат дека го претставуваат тоа што го нема.
Или го нема во формата во која тие го мислат.
Македонскиот народ, да речеме.
Националните интереси.
Државата.
И тоа не како случајна последица или како последица на некаква грешка во пресметките, на некаква претераност во нешто, туку како цел, како свесно одбрана цел кон која се стремат, можеби не овие гадови како извршители на политиките на вмро, па дури можеби не и на самото вмро, туку на тие кои во идејна, историска, политичка и национална смисла стојат зад овој проект за растурање на ова мала и фина државичка.
И покрај сѐ.
Идеално, или најмалку лошо, геополитичко решение.
Освен САД, големи пари вложија и Европската унија и одделни членки на унијата како и други земји, фондации и други донори.
При што кај медиумите продолжува традиционалниот пристап дефектите да се бараат на релацијата влада-медиуми при што владата е единствена влада во последните 6.000 години против која работат сите медиуми.
Интензивно, сеопфатно, глупо, но ефикасно.
Сите, минус еден, два или три портали и пет поединци по социјалните мрежи.
Дали ваквите резултати значат дека пари не треба да се вложуваат.
Се разбира – не.
Само значат две работи: тие вложувања никогаш нема да ја сменат општата состојба ако не се сменат основните параметри во таа општа состојба.
Општата состојба ги јаде парите, а без парите во сите посебни сектори нема промена на општата состојба.
Тие работи се поврзани.
Една партија се бори за Македонија врз основата на својот централен идеолошки наратив внесен и во нејзиното име, имено дека не смее да има друг кој ќе се занимава со македонските работи освен вмро. Сѐ друго е некаква форма на предавничка инсталација. Бескрајна глупост. Со таква поставеност, таа е надвор од системот. И е комотна затоа што или ќе го уништи системот и Македонија, која не е нејзина или ќе го освои тој систем и ќе ја преуреди Македонија по свое, односно национално и државно ќе ја десубјективизира и декапацитира.
Тоа е.
Нејзината мисија е врзана со вистината за националната митологија, додека националната митологија во очите на луѓето е лажна. Политичката концептуализација на митот за вмро каков што тој мит реално е, нема врска, односно е сосема спротивен на претставите што за него ги има народот.
Тие го разоруваат системот и Македонија прво затоа што се против тие феномени, а второ затоа што им се чини и веројатно се во право, дека во разорениот или декапацитиран систем полесно ќе дојдат на власт за да ја вратат Македонија на нивото на територија која што ќе ја контролира револуционерната организација која ќе ги преземе функциите на државата.
Како преодна фаза до некаква интеграција со Бугарија.
Нивната власт 2006 до 2017 беше фаза на оформувањето и капацитирањето на вмровската елита преку прераспределба на националното богатство што не беше распоредено и разграбано од неокомунистичката елита, но и за уште нешто: растурање, релативизирање и раскурцување на институциите како носечки столбови на државата и нацијата и преку карикатуризирање и исмејување на самата идеја за македонската нација преку проектот Скопје 2014, антиквизацијата, смејуријата со Александар, дистанцата од Европа, деелитизацијата на културата, односно општата раскурцаност.
Сите се сеќаваме на позитивните или благо критични извештаи на ЕУ и на САД во тоа време и на времето кога разретчените демократски сили беа оставени на цедило.
Сѐ до Шарената револуција.
Демократската партија за македонско национално единство не може да биде демократска, туку само фашистичка структура. Со оглед на параметрите – карикатура и од фашизам, но фашизам, секако.
Така се поставени, госпожо Агилер, основите на тоа што не може да се поправи со половина милијарда долари.
Веројатно ниту со сто.
И не за пет или десет години.
Не ги амнестирам говњарите од сдсм, тие носат огромна, можеби, и носечка одговорност за кривиот пат по кој тргна Македонија.
До Заев и неговите државнички подвизи и демократски рефлекси (оставки, избори итн.) и до сегашната влада која во многу неповолна клима што ја создаде вмро, прави големи работи.
И големи грешки се разбира.
Но, нека да се потсетиме дека сѐ почна со славното НЕ на Макрон.
Се сеќавате, не?
Дали е Франција постабилна држава без Македонија во Европската унија!?
Во однос на оваа тематика, корупцијата е под „це“ не затоа што е неважна туку затоа што без да се разреши овој проблем за кој пишувам 35 години, не може да се реши ниту корупцијата, ниту интеграцијата…
Ништо.
Не може да има вмро и да има Македонија.
Освен во процес на болно одумирање.
Мислам дека и САД и ЕУ грешат и тоа е стандардна грешка во која играат на картата на некаква рамнотежа, на немешање во внатрешните работи на ова генерално ниво, со политичка корупција или макар со обиди за политичка корупција, во името на стабилноста, најелементарни антидржавни работи со многу сериозните регионални геополитички импликации ги третирате како внатрешно прашање или не сте во состојба да ги прочитате, ги оставате овие од вмро дпмне, мала група говњари, да играат улоги во високата политика само затоа што успеале да излажат и заведат една не мала маса будали.
Не може тоа така.
Односно може, но последиците се тие.
Што се случи со извршната наредба на претседателот Бајден?
Кога вмро е против сите акти што Македонија ги донесе во стратегиското партнерство со САД, од Преспа и Нато преку Бугарскиот договор, до преговарачката рамка и идејата за уставните промени.
Мерко е океј, но што да правиме со овие мерки и мерковци спрема кои овој од Струга е плишано мече од аеродромски шоп.
Зошто Европската народна партија трпи во своите редови ваква европска деструкција, примитивизам и ревизионизам?
Русофилство на злосторничка основа.
Мицкоски објави дека ги прекинува односите со владата. Што е само нова потврда на тоа што го пишувам дека вмро никогаш не бил дел од македонскиот демократски систем, освен што го користел како платформа за разорување на државата.
Се разбира, целата проблематика е наша работа.
Ние сме проблемот.
Млада нација, не постара од осумдесет години која има проблеми или мисли дека има проблеми и, дури, тие проблеми ги смета за елемент на својот идентитет, со соседите, со Европа и со светот и внатре со себе.
Речиси па дека е невозможна или дека тоа што постои е чудо.
Или решение на светот.
Со помош на САД и на ЕУ одиме напред.
Сепак.
И покрај сѐ.
Но, мислам дека построгата категоричност на меѓународната заедница кон оваа чудовиште може многу да ни помогне нам, а многу да си помогне и себе си во превенцијата на тоа што може да се случи ако вмро не се реформира или елиминира. (Frontline)