Во позадина: Кој си игра играчки со македонскиот јазик?

Академик Катица Ќулавкова и проф. Елка Јачева‑Улчар сега го предупредуваат Антонио Милошоски дека неговата идеја за „заедничка резолуција“ со Софија е „руски рулет“ и „скриена стапица“, токму затоа што Преспа веќе го заковала терминот „македонски“ во ООН и ЕУ. Ако вчера беше лош, а денес е добар, тогаш прашањето е: кому му треба нов „инструмент“ баш сега?

Пишува: Леон БАКРАЧЕСКИ

Истите гласни критичари кои пред две–три години го кудеа Преспанскиот договор како „акт што го брише македонскиот идентитет“ денеска го цитираат истиот договор како најсилна заштита на македонскиот јазик, се гледа дека не се сменила правната рамка – туку сценариото.

Механизмот го гледавме повеќепати: се пушта предлог што однапред знае дека ќе налета на бугарско вето во Европарламентот; потоа се продава домашна приказна „Европа не нè признава“. Токму бугарските европратеници блиски до ВMРO‑БНД, кои се покажуваат како природни сојузници на ВМРО‑ДПМНЕ во Европскиот парламент, секогаш кога ќе загусти на домашната политичка сцена, сигурно ќе го искористат моментот да ја избришат придавката „македонски“ – како што веќе направија преку нивната матична партија во Европскиот Парламент пред две седмици.

Резултатот е однапред режиран: патриотска галама дома, а од Стразбур и Брисел – тишина, затоа што за ЕУ темата е апсолвирана.

Со тоа стигнуваме до суштината: дали станува збор за спин? Дали ВМРО‑ДПМНЕ, преку Милошоски, намерно поттикнува криза без реален повод за да ги мобилизира гласачите пред локалните избори?

Дали, пак, премиерот Христијан Мицкоски навистина не може да ги држи под контрола пробугарските струи во сопствената партија, па јазикот станува арена на нивни внатрешни пресметки? Одговорите ги нема во говорите, туку во тајмингот: секоја ваква иницијатива се појавува токму кога анкетите бараат нова тема што ќе ги покрие проблемите со одговорноста во Кочани,плати, струја, корупција.

Зошто е важно ова да се препознае? Затоа што македонскиот јазик не се брани со документи што се пишуваат за да пропаднат, туку со квалитетна наставна програма, лекторијати по странство, преводи и издаваштво.

Ако повторно дозволиме емоциите да ни ја диктираат агендата, ќе ја трошиме енергијата на симболични битки наместо на реални реформи. А секој спин преживува само додека јавноста не праша: кој е вистинскиот проблем што треба да го решиме и кој има корист кога сме гневни, а неинформирани.

На крајот на денот, ако „македонче“ не памти, интернет памти, проверете ги тезите и галамите на почитуваните професорки и почитуваниот никогаш не излезен од државно/партиски систем (ма ајде ќе бидам вулгарен, научени на државна цицка) за нивните ставови низ годиниве. Што наеднаш се случи? И кој кого овде прави недоветен?

Контекст:

Зачлени се на нашиот е-билтен