Во игра во услови на апсолутна власт, премиерот Христијан Мицкоски се соочува со шаховска игра во која ако не игра со опозицијата и со политичката реалност, му останува да си игра само со себе. Во таква шаховската игра само со себе Мицкоски може да го победи – Мицкоски, а губитници ќе бидат граѓаните, односно македонската држава
Годината 2026, која штотуку започна има 365 дена, но времето не е нешто што може да се растагне во недоглед. Егзактноста на мерливото време нема да му дозволи на премиерот луксуз на политичко одложување и ПР спинување.
Како во шахот, неговата игра влегува во цајтнот во година во која бројките, реалноста и трпението на граѓаните ќе зборуваат погласно од секоја прес-конференција. Сè што со години се туркаше „за подоцна“, ќе дојде на наплата – истовремено и без милост.
Да почнеме од најважното: платите. Северна Македонија и натаму има најниска минимална плата во Западен Балкан. Тоа не е политички став на опозицијата или на синдикатите, туку суров економски факт. Властa може да зборува за стабилност, раст или проекции, но за граѓаните реалноста се мери со полупразна или празна кошничка и во пресметка дали месецот може да се истера до крај. Кога инфлацијата не попушта, а платите стојат во место, секоја статистика што звучи охрабрувачки станува празна реторика.
Трошоците за живот растат тивко, но упорно. Храната, сметките, кириите – сè оди нагоре, освен чувството дека институциите имаат јасен план. Аналитичарите одамна предупредуваат дека ваквата комбинација создава длабоко социјално незадоволство, а опозицијата со право укажува дека мерките се или промашени, недоволни или задоцнети. Во 2026, ваквиите трендови ќе достигнат состојба за која веќе нема да може да помогне ниту „кризен менаџмент“. Само ќе расте гневот.
Истовремено, државата го губи и европскиот моментум. Северна Македонија, некогаш претставувана како позитивен пример во регионот, денес гледа како другите земји ја престигнуваат – и по реформи, и по кредибилитет пред Брисел. Евроинтеграциите се претворија во процес на апсурдно и бесмислено одлагање, чекање, без јасен рок и без јасна политичка храброст. Колку подолго трае тоа чекање, толку повеќе се празни европската надеж кај граѓаните. Се разбира и гневот.
Најчувствителната точка остануваат односите со Бугарија. Наместо рационален, прагматиче и одговорно државнички пристап, ова прашање се користи за внатрешна мобилизација и јачање на партијата, членството и гласачкото тело. А рамката е јасна: уставните измени согласно „Францускиот предлог“, прифатен од сите земји членки на ЕУ, се предуслов за напредок. Сè друго е само кружење во место, со реална опасност земјата трајно да заостане зад регионот. А гневот само ќа расте.
Во таа атмосфера, неизбежно се наметнува и прашањето за реконструкција на Владата. Но, дали промената на неколку министри навистина може да донесе пресврт? Сè повеќе преовладува мислењето дека проблемот не е само кадровски, туку политички. Без јасна визија, храбри одлуки и преземање одговорност, реконструкцијата ризикува да остане само уште еден потег за купување време, а гневот кај граѓаните ќе расте.
2026 година ќе биде тест за премиерот – не по тоа што ќе го каже, туку по тоа што ќе го направи. Ако не се соочи со економската реалност, не го деблокира европскиот пат и не покаже капацитет за тешки одлуки, тогаш прашањето нема да биде што го очекува премиерот, туку колку долго ќе може да ја избегнува одговорноста за патот по кој се движи Македонија, додека гневот на граѓаните расте.