Зоран БОЈАРОВСКИ
Минатата и почетокот на оваа недела донесоа неколку клучни средби, настани и изјави кои се определувачки за иднината на ЕУ и, што е особено важно за нас, за улогата и позиционирањето на Северна Македонија во новите процеси од што, пак, ќе зависи нејзината европска иднина.
Првиот „отрезнувачки“ настан, односно посета и средби, беа оние на американскиот заменик-помошник државен секретар и специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар.
Американскиот дипломат, на којшто опозицијата му неметна слика како „булдожер за тортура“, наместо да го „скрши“ ВМРО-ДМНЕ, како што најавуваше Мицкоски, замина со пораката дека не дошол за да му кажува на лидерот на опозицијата што да прави или да му диктира услови, но дека сака јасно да стави до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа: „Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат“.
Американскиот дипломат уште порача дека „земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот, не знаеме што ќе се случи утре. Но, знаеме дека денеска имаме можности ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западниот Балкан“.
Потоа следуваше најважната порака и совет од еден странски дипломат којашто никој досега не ја формулирал така и којашто продира во суштината на македонско-бугарските односи и којашто многу, многу јасно. ја определува позицијата на Македонија во односите во Бугарија.
Од гледна точка на пријател, близок пријател, порача Ескобар во името на САД, „би сакале Северна Македонија да ја совлада оваа пречка и да почне да се дефинира себеси преку односите со трансатлантската заедница, преку нејзините односи со остатокот на светот врз основа на нејзините вредности, а не да се дефинира според Бугарија“.
Северна Македонија да се дефинира себе си, односите со своите стратешки партнери, својата улога за сопствената иднина во ЕУ и во Северно-атлантската алијанса според вредностите на транс-атлантската заедница, а не според Бугарија.
Што значи тоа, би требало секому да му е јасно. Премногу време трошиме на Бугарија. Тоа премногу време наметна да ги заборавиме нашите мерила, стандарди и вредности кои произлегуваат од вредносниот систем на западно-европскиот и транс-атлантскиот контекст. Контекс на кој му припаѓа Македонија. Наместо тоа, благодарение на опструкциите и антинародното однесување на ВМРО-ДПМНЕ, си дозволивме да бидеме „напикани“ во темните места од каде што не се гледа перспективата. Во контекстот што го диктираат бугарските анти-европски националисти.
За да биде појасно што значи тоа, прочитајте го интервјуто на овогодинешниот лауреат на Струшките вечери на поезијата академик Влада Урошевиќ. Тој на прашањето какво е неговото согледување за бугарското негирање на македонскиот јазик вели:
„Јас секогаш бев против тоа да се впуштаме во полемика со бугарските научници, писатели и политичари околу тоа прашање. Немаме за што да дискутираме. Тоа е за нас решено прашање. Ние пишуваме на македонски и не можеме тоа да го доведеме во прашање за тоа што ќе го доведеме во прашање својот идентитет, па и својата егзистенција. Затоа мислам дека не треба многу да се полемизира со нив. Ако они сметаат дека нашиот јазик не е автентичен, нека си останат со тоа свое мислење, што можеме? Ние сигурно не можеме да ги убедиме. Останува само они да се променат сами, еден ден да ја сфатат реалноста. Дотогаш треба да ја сочуваме главата студена и да ја сочуваме ладнокрвноста. Тие полемики не водат никаде. Тоа, според мене, е губење време. Треба да ги оставиме нека зборуваат што сакаат, ние си ја знаеме својата вистина“.
И наместо така да постапиме, ние, односно ВМРО-ДПМНЕ со инсистирањето да го реши ова прашање пред да се прифатат уставните амандмани после што ние треба да продолжиме да си ја градиме нашата европска приказна и иднина, всушност, и пратијата и Мицкоски играат по диктат на Бугарија. Софија го наметна темпото и ритмот, а македонската најголема опозициска партија се придружи со зурли и тапани да ја пее нивната „песен“.
Вториот голем настан е од почетокот на оваа недела. Од Бледскиот стратешки форум која оваа година се одржува под мотото „Солидарност за поголема глобална сигурност“. Од претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел дојде пораката „баталете историја и минато, 2030 треба да биде целта за новото проширување на ЕУ“.
„Морам јасно да кажам: нема простор за минати конфликти во ЕУ. Вашите луѓе, особено младите, сакаат да бидат инспирирани од посветла, поправедна и попросперитетна иднина… Да се погрижиме минатите конфликти да не се внесуваат во ЕУ. Еден начин може да биде да се додаде таканаречена „клаузула за доверба“ во договорите за пристапување за да се осигура дека земјите што штотуку се приклучија не можат да ги блокираат идните земји-членки“.
Нема никакво сомневање кога ја формирал оваа своја порака Шарл Мишел пред себе го имал случајот Северна Македонија – Бугарија, како и поуките од него дека билатералните прашања можата да бидат блокада за проширувањето, кое станува особено важно во контекст на Русија, војната во Украина и источните граници на унијата.
Инаку најавата на Шарл Мишел дека ЕУ го планира следното проширување за 2030 година уште еднаш ја потврдува и оправданоста на стратегијата на Северна Македонија до таа година да ги заврши преговорите за членство и да биде подготвена да биде дел од земјите на новото проширување.
Можеме да ги земеме предвид поентите на скептиците во однос на 2030 од аспект на искуството со Црна Гора и Србија и темпото со кое тие се движеа во прегоговорите, но на тој скептицизам може да му се постави случајот со земјите кои пристапија во ЕУ во првата декада (2004 Кипар, Естонија, Унгарија, Чешка, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија) или втората декада на овој век (2007 Бугарија, Романија и во 2013 Хрватска), тогаш целта би требало да биде остварлива.
Секако и најважно, остварливоста на 2030 зависи од нашиот внатрешен капацитет да одговориме на предизвиците на преговорите, иако претходно е потребно опозицијата, односно ВМРО-ДПМНЕ да „излезе“ од орото што го свири Бугарија и да се ослободи од илузијата дека со победа на избори (предвремени или редовни, сѐ едно) ќе добие мнозинство пратеници и дека ќе се избори за поправеден договор со Бугарија и со ЕУ.