За актерите на перцепциите и политичката бучава за недовербата кон ЕУ

Карактеристично во овој политички момент е што во пресрет на иницијативата за промена на Уставот и вградување на неколку дополнителни делови од народи во него, вклучувајќи го и бугарскиот народ,  бучавата за губење на македонскиот идентитет се мултиплицира, заканувајќи се со парализа на нашето чекорење во ЕУ. 

Тони ПОПОВСКИ

Изминатата седмица, вниманието на јавноста го привлекоа резултатите од спроведената анкета на Центарот за европски стратегии, „Евротинк“ во рамки на нивното континуирано истражување (од 2014) наречено „Еврометар“.  Низа политички аналитичари и новинари се осврнаа на овие резултати, обидувајќи се да ги протолкуваат  факторите на влијание кои се во позадина на искажаните перцепции на анкетираните граѓани. Притоа беа споредувани резултати од неодамнешни анкети вклучувајќи и статистички методи на нивно спроведување. Една од поинтересните констатации е дека има позначајни разидувања во наоди, особено присутни во анкетите кои во кус период од два месеци, есента минатата година,  беа спроведени од страна на Брима, за американскиот Меѓународен Републикански Институт и за Евротинк.  Имајќи предвид дека анкетните истражувања на политички значајни теми непосредно влијаат на политичката понуда, како политиколог чувствувам потреба да придонесам за разјаснување барем на два аспекти, едниот поврзан со применетиот метод во анкетните истражувања и вториот, поврзан со потребата да се вкрстат дел од наодите со резултатите од стандардната анкета на Евробарометар, спроведена во летото, 2022 година.

Да започнеме со методот. Во првиот случај, за МРИ како клиент, Брима го применува анкетниот метод „лице в лице“, а за Евротинк, методот со телефонско истражување. Во двата случаи, истражувањето е спроведено врз основа на репрезентативен примерок на испитаници. По однос на примерокот во првото истражување на Брима за МРИ, споделен е податок дека од респодентите 52% не се партиски определени, а од преостанатите, соодносот на приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ е 13% и на Левица, 2%, наспроти 9% приврзаници на СДСМ. Имајќи ја предвид нагласената политичка поларизација вклучувајќи и за прашања од стратешки, долгорочен интерес, препорачливо е при проектирање на примерокот за истражување како варијабла да се земе и политичката определеност, истата да се избалансира, наместо да се констатира по завршување на истражувањето.

По однос на втората анкета, барем засега не е достапен податок за партиската определеност и неопределеност на респодентите. Пример за специфичната тежина на оваа варијабла, е значајнато потфрлање на политичките анкети во Обединетото Кралство пред општите избори во 2015 година, каде „неочекувано“  триумфираат Конзервативците за потоа да се докаже дека бројот на респоденти кои се определени за Лабуристите, бил значително поголем.  Помеѓу двата методи на истражување има една суптилна разлика која ја докажуваат истражувачите на Универзитетот во Есекс уште во 2006 година, а се однесува на наклонетоста на телефонските испитаници да даваат социјално прифатливи одговори. При анкетирање „лице в лице“ испитаниците имаат повеќе време за размислување и давање одговор, а  особено на прашања за кои е зададен избор на одговори.  

Многу накусо, може да ги споредиме наодите од анкетата на Евротинк со резултатите од последното стандардно истражување на Евробарометар, од летото 2022.

Како што може да се забележи,  дури и во период на вжештена политичка атмосфера поврзана со усвојувањето на европскиот предлог на преговарачката рамка и почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ, перцепциите на нашите граѓани за имиџот на ЕУ не се разликуваат премногу од перцепциите на граѓаните во ЕУ27. Сепак она што загрижува е значајното намалување на позитивните перцепции за цели 11 проценти и обратно, зголемување на негативните перцепции за идентичен процент, а притоа процентот на неутрални респоденти останал ист.

Во нашата јавност особена загриженост предизвика наодот во анкетата на Евротинк дека членството во ЕУ е позитивна работа за „само“ 49% од анкетираните, но како што може да забележиме од анкетата на Евробарометар, безмалку идентичен е процентот на респоденти и во летото 2022 година. Притоа од значење за натамошна политичка анализа е драстичниот пад од 63% позитивни одговори, зимата 2021/2022 на 50%, летото 2022, иако овој пад се дистрибуира подеднакво, кај неутралните и оние кои имаат негативно мислење.

Овој тренд не смее да се потценува и релативизира, бидејќи сентиментот на разочарување од европскиот обединувачки проект, и евроскептицизмот се во евидентен пораст кај нас. Од една страна овој сентимент може да се оцени како спонтана и автентична реакција на неисполнети очекувања поради отсуство на примена  на „златен стандард“ во спроведување на политиката на проширување на ЕУ, а која по однос на нашите аспирации за членство е постојано заложник на партикуларни интереси на држави членки на ЕУ, претходно Грција, а сега Бугарија. Притоа, предвид треба да се има и заморот на ЕУ од проширување иако кандидатскиот статус на Украина може да доведе до пресврт и да го забрза проширувањето на Унијата и со преостанатите држави од Западниот Балкан. Во прилог на оваа определба, е зголемениот притисок за конечно решение на спорот помеѓу Србија и Косово.

Истовремено, покрај спонтаното има и тенденциозно зголемување на негативниот сентимент кон ЕУ кај нас,  кое е политички обликувано  од страна на ВМРО-ДПМНЕ и  особено од страна на Левица, низ континуирани обвинувања за сервилност на владеачите партии кон соседите и сојузите во кои членуваме или целиме да се зачлениме , наводно напуштање на светите национални интереси и создавање на медумски поткрепена и во моментов доминантна бучава дека „Македонија го губи идентитетот на патот кон ЕУ“. Од една страна, не се пропушта можност да се обликува антивладин сентимент, а од друга страна се подготвува политичка понуда која одговара на тој сентимент. Се работи за стара но функционална популистичка технологија, колку што е стара нашата цивилизација. Состојбите да бидат покомпликувани, овој негативен сентимент кон ЕУ е исклучително податлив и се злоупотребува за хибридни непријателски дејствија од трети страни, во што според искажувања на нашето државно водство и партнерите во ЕУ и НАТО, предничи Руската Федерација.  Карактеристично во овој политички момент е што во пресрет на иницијативата за промена на Уставот и вградување на неколку дополнителни делови од народи во него, вклучувајќи го и бугарскиот народ,  бучавата за губење на македонскиот идентитет се мултиплицира, заканувајќи се со парализа на нашето чекорење во ЕУ.  Доколку на оваа бучава не се спротивставиме со противаргументи, неодамнешното укажување на амбасадорот Гир, шеф на делегацијата на ЕУ кај нас во име на амбасадорите на ЕУ27, дека се посветени на зачленувањето на Македонија во ЕУ и дека ниедна држава не го губи својот идентитет на патот кон ЕУ, се заканува да биде „однесено со виорот“.

Треба да знаете
Moже да ве интересира