Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За само 15 дена нашата земја си го врати уставното име – Република Северна Македонија

Вестите што доаѓаат од Вашингтон каде што престојува во работна посета владината делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски се со уставното име на нашата земја. Има, чат-пат, уште понекоја реченица со „нашата земја“ или „македонската влада“ и слично, но главно е дека само за 15 дена нашата земја си го врати уставното име – Република Северна Македонија во комуникацијата со светот и дома. Ерга Омнес, што би рекле Грците.

Зоран БОЈАРОВСКИ

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски во Вашингтон, заедно со претседателите на Влада на Република Албанија, Еди Рама и на Република Црна Гора, Милојко Спајиќ, оствари средба со сенаторката Џин Шајин и сенаторот Том Тилис и членовите на набљудувачката група од Сенатот за НАТО…“

„Во рамките на посетата на Вашингтон САД, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски оствари повеќе средби и состаноци…“

И да не наведуваме повеќе, вака почнуваат вестите што доаѓаат од Вашингтон каде што престојува во работна посета владината делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски – со уставното име на нашата земја.

Има, чат-пат, уште понекоја реченица со „нашата земја“ или „македонската влада“ и слично, но главно е дека само за 15 дена нашата земја си го врати уставното име – Република Северна Македонија во комуникацијата со светот и дома. Ерга Омнес, што би рекле Грците.

И така, еве, да не тераме премногу сеири, ама работите си дојдоа на место. Толку беше „ритањето“ со правото на слободата на изразување. Заврши рефлексот од изборниот занес, како што завршува рефлексот на жабата кога ја дразнат со струја.

Ова може да биде добро и за избивање на аргументите на грчкиот премиер Мицотакис кој се закануваше дека нашата влада дека Мицкоски ќе „има непријатно искуство“ токму на НАТО самитот во Вашингтон.

Сега засега оваа закана нема директна реализација, иако грчкиот премиер ги користи неговите средби и настапи на маргините на настанот за да укаже дека државните претставници на Северна Македонија не го почитуваат Договорот од Преспа кој налага уставното име на земјата да се користи ерга омнес, односно и во внатрешната, како и во надворешната комуникација.

Можеби Мицотакис ќе ја испочитува пораката што во пресрет на Самитот на НАТО во Вашингтон ја испорача Пентагон дека билатералните прашања треба да останат надвор од агендата на самитот, но до петок остануваат уште два дена за двете делегации со потенцијал патиштата да им се пресретнат.

Ова со враќањето на уставното име на нашата земја во комуникацијата на владините претставници, со Мицкоски на чело, може да биде и добар поттик за уште една домашна задача – изгласувањето на уставните измени.

ЕУ амбасадорот Гир потсети уште еднаш дека лидерите на владите на 27 земји-членки на Европската Унија после европските избори покажаа заложба дека нивната стратешка визија последните пет години за проширување на унијата останува врвен приоритет.

Единствената работа којашто можам да додадам, нагласи тој, дека во овој момент навистина постои огромна можност за Република Северна Македонија во контекст на проширувањето на Европската Унија, така да јас навистина се надевам дека Северна Македонија, меѓутоа и цел Западен Балкан ќе може да го искористи овој позитивен моментум во контекст на проширувањето на ЕУ и ќе може да се движи порешително кон евроинтеративниот пат.

Сето друго што новата Влада го испраќа како порака од Вашингтон, почнувајќи од старо/новите инвестиции, дека почнале реформите (?!?), дигиталната трансформација, подобар животен стандард и сигурна држава која припаѓа на сите граѓани… се веќе видени и прочитани флоскули и навистина единствено вредно и опипливо, барем во наредните два три месеци, може да биде деблокирањето на евроинтеграциите.

Па, ако на Мицкоски му е битна економската благосостојба на граѓаните, еве, нека ги чуе зборовите на еден од најгласните промотори на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и новата влада Ивица Боцевски.

Тој вели: „Има во јавноста и некои други гледишта и алтернативи, но реално гледано, една рационална и ладнокрвна анализа не дава друга алтернатива. Географијата е таа – Македонија е на европскиот континент. Географијата и економијата детерминираат. Македонската и југословенската економија претходно како главен партнер ја имаат Европската економска заедница, подоцна и ЕУ уште од 60-тите години. Тоа се толку взаемно преплетени врски што јасно кажува кој ни е национален интерес. Заради Спогодбата за стабилизација и асоциација оваа соработка е уште повеќе продлабочена. Македонија ако бара алтернативи вон европската интеграција, може драстично да ја загрози својата економија“.

„Наместо да бараме луди алтернативи, бриксови и слично“, нагласува Боцевски. Тој додава дека „алтернатива е да ја разложиме европската интеграција и да видиме дали е можен некој постепен влез, па за членство да оставиме кога ќе се отвори политички простор. Друга алтернатива во моментов не гледам“, посочува Боцевски.

Зачлени се на нашиот е-билтен