Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Жртвите од Србија се и наши жртви, болката нивна е и наша болка

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Се мислев неколку денови дали воопшто да зборувам на оваа тема, ама како гласи онаа преџвакана фраза: „не ги бираме ние темите, темите не бираат нас“. Имено, изминаа десетина и повеќе денови од двете трагедии кои се случија во Србија, една по друга. Искрен да бидам, сè уште барам зборови, а во мојата душа татне и очај и бес и тага…

И молчам, а додека молчам, секое утро го испраќам моето дете на училиште. Тоа е многу мало, а некако и не е; додека му ги врзувам патиките, како папагал му повторувам: „тато, да јадеш тамо, рацете редовно да ги миеш, гледај напред, гледај пред себе, гледај каде одиш, не се копај во носот затоа што така влегуваат вируси, биди добар со другарите, немој да се глупираш…“ Пред вратата на училиштето го погалувам по глава, еј, му велам, а тоа се врти – тато те сака, му велам, а син ми салутира потврдно со главата дека ја разбрал пораката и влегува на училишниот час.

И јас одев на училиште, и не знам за другите, за мене ова убиство претставува крај на светот. Што друго човек може да каже освен од каде дојде ова, што е ова, како е возможно вакво нешто да се случи? Зарем училиштето, барем она основното, не е најубавото нешто на светот за секое дете? Потоа се прашувам дали доволно тагував, дали доволно се исплакав, дали доволно молчев само како би успеал нешто смислено да кажам? Добро, јас живеам на „безбедна дистанца“ од „Владислав Рибникар“, ама како да ви речам, имам и јас дете, сите ние кои имаме деца сме помалку-или-повеќе уплашени и на штрек за безбедноста на тие мали и невини суштества. Сакам да кажам, трагедијата во Белград ја сфатив многу лично, жртвите во Белград се и мои жртви; убиените дечиња се и мои дечиња, а некако и не се; некако се обидуваш да влезеш во кожата на родителите, да се обидеш само за момент да ги разбереш во трагедијата која ги снајде.

Да сочувствуваш со родителите во нивната тага, тоа за мене значи дека и јас сум дел од некоја заедница, шокот и солзите на другите се и мои, шокот и солзите, што би се рекло – се инклузивни. Не е тајна дека сите ние на овие балкански простори сме луѓе кои знаеме, ако ништо повеќе, како да се однесуваме за време на тага: секој има свој нем јазик, знае какви цвеќиња за време на тага се купуваат, знае кои гестови се прифатливи, ги знае сите скаменети ритуали на однесување. Овој текст е всушност израз на мое сочувство за страшната трагедија која најпрво ги снајде жртвите, потоа родителите, пошироката заедница, а дури потоа целиот регион. Ова е мојот начин да им изразам сочувство на сите кои страдаа во страшната трагедија која се случи во училиштето „Владислав Рибникар“ на Врачар, Белград.

Знаете што, убаво е, без разлика што е неверојатно грзно и монструзно, сепак, велам, убаво е. Ние сите во оваа трагедија покажавме дека овој заеднички простор има многу повеќе работи кои нè поврзуваат одошто не делат. Добро, знам, проклети сме на многу начини, ама на многу начини сме и благородни едни кон други. Многу луѓе во овој таканаречен „регион“, сведочaт и на сè уште живото и распространето чувство на постјугословенско заедништво кое во суштина се обидуваат да го потиснат разни центри на моќ. Овој „регион“ е нашиот културен простор. Се гледа тоа на секој чекор, без разлика што многу работи не делат, страшно многу работи ни се ужасно блиски. Ем на индивидуално, ем на колективно ниво. Сите сме некако анархични, сите некако сакаме „има јас да му кажам нему“ итн., а сепак, сите некако знаеме да се солидаризираме во маката и болката на нашите соседи.

Од друга страна, оваа трагедија во Белград предизвика масовни протести на улиците: непрегледни колони на граѓани маршираат по улиците на Белград изразувајќи го својот мирен протест против власта во Србија. И сите некако се одлучни во тоа: не сакаат да бидат окарактеризирани како „соросоиди“, „предавнци“, „хиени“, „наркомани“, и сите сакаат само да живеат во подобро општество од ова кое денес им се нуди. Искрен да бидам (а, може ли поинаку?), овие колони во Белград мене ме потсетија на времето кога ние марширавме обидувајќи се да го протераме Груевски од власт. И нам сешто ни правеше тој крвник, ама ете, некако за чудо – го преживеавме и го набркавме од власт. Очигледно е дека нешто слично им се случува и на Србите, со една важна разлика: Вучиќ е многу поопасен од Груевски, што значи дека нема туку така лесно да си замине од власт. Е, сега, дали на Србите им следи „македонско сценарио“, искрено, тоа е големо прашање. Не би сакал тоа да им се случи на нашите први соседи. Доволно видовме жртви, трагедии и несреќи.

А од друга страна, пак, си велам: кога криминалци ќе ти се претстават за јунаци, кога ќе погледаш и што сè се случуваше во 90-тите години па наваму, кога гледаш дека хулиганите во најголем број случаи победуваат на избори, а тоа секогаш е таа проклета десница, прво се прашуваш, онака човечки – добро, Јовановиќу, можеби малку и претеруваш? На крајот, кога ќе погледаш околу себе, кога ќе го погледаш тој наш заеднички „регион“, на секој чекор ти стигнуваат потврди дека не – нималку не претеруваш.

Извор: Frontline

Зачлени се на нашиот е-билтен