Ако за ЗНАМ за време на предизборната кампања се велеше дека се партија која е настаната во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, не е за чудење дека оваа партија си ја презема улогата на главен и гласен критичар на партнерите од „Вреди“ во Владата, за да може ВМРО-ДПМНЕ да се прикажува како „балансер“ за одржување на владината коалиција. Прашање е само колку им е јасно дека „балансирањето“ е вештина која што се изведува на тенка жица.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Како и што се очекуваше, се кренаа големи рекации по најавата дека е формирано здружение на граѓани Албанска академија на науките и уметностите со цел наскоро, со поддршка на законско решение кое предвидува и финансирање од буџетот на државата, да стане и втора академска институција од типот на МАНУ, но овој пат на Албанците.
Но она што не се очекуваше е дека партијата ЗНАМ ќе биде повеќе ВМРО по ова прашање од ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти избалансираното партиско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ во кое велат дека „ќе ги адресираат сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам“, ама тоа никако нема да било „штета на заедничките институции туку во неа“, од ЗНАМ се огласија лично првите луѓе на оваа партија
Бобан Карпејовски од ЗНАМ изјави дека „науката не може и не смее да се етнизира и да се партизира“.
„Секакви обиди и иницијативи за формирање академии со етнички предзнак се, во својата суштина, ненаучни. Таквите институции можат да бидат невладини организации, но не и национални академии на науките“, реагираше Карпејовски.
И претседателот на владиниот коалициски партнер ЗНАМ, Максим Димитриевски се огласи. Тој во иницијативата за формирање Академија на науките на Албанците во Македонија гледа постизборен популизам.
„Науката не смее да се политизира, ниту, пак, да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен“, реагира Димитриевски и на партнерите во власта од „Вреди“ и им препорача „да се свртат кон економски раст и развој на државата и за подобар живот на сите граѓани“.
Но, она што е уште поинтересно е дека Димитриевски не пропушти да им одржи лекција на „Вреди“ и наместо популизам со академијата им порача „суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција“.
За тоа, според Димитриевски, „потребна е и понуда на кадри со чисто минато без криминал и опашки“, алудирајќи на назначувањето на Ибрахим Ељези за в.д. заменик на директорот на КПД Идризово со отворено одделение во Велес, се појавија документи кои сведочат дека бил осуден и лежел 4 години затвор во Идризово, за неовластено производство и пуштање во промет на дрога.
Но, оваа порака на Димитриевски мора да се нарече лицемерие затоа што на истата седница на Владата за назначувања на в.д. директори, назначен е и Емил Јанески, член на ЗНАМ во 2020 година бил директор на ЈКП „Водовод и канализација“ – Прилеп и против него СВР Битола поднесе КРИВИЧНА пријава за „несовесно работење во службата“ и предизвикување штета врз буџетот од препријатието во висина од 2.3 милиони денари.
Сето ова се надоврзува на контото на ЗНАМ по серијата партнерски несогласувања со некои од постапките на Владата.
Многу брзо по формирањето на Владата реагираа на албанските знамињата во кабинетите на министрите на „Вреди“, но се чини најголем потрес во владината коалиција предизвика изместувањето на „балансерот“ за вработувања што го предизвија министерот за администрација Горан Минчев, кој најави дека оваа алатка ќе се применува според процентот на резидентното население.
Министерството за јавна администрација, согласно законските надлежности го продолжува процесот на усогласување и одобрување на годишните планови за вработување на институциите во јавниот сектор, согласно извршените промени во дигиталната алатка балансер во однос на процентите, а во корелација со податоците од последниот спроведен попис на населението на територијата на Македонија во 2021 година, посочи министерот Горан Минчев.
На ова „изместување на балансерот“, се чини досега најжестоко, реагираа од коалицијата „Вреди“ кој оваа намера ја нарекоа – антиалбанска доктрина.
„Кадрите на ЗНАМ имаат погрешна проценка дека ќе го создаваат својот политички идентитет на антиaлбанска доктрина, а брзо ќе дојдат локалните избори каде повторно ќе им текне дека без Албанците нема победа во Куманово, реагираат од коалицијата Вреди и додаваат дека нивните очекувања се дека министерот Минчев ќе ги поништи сите огласи според Балансерот во кои Македонци се определуваа како Албанци за да се вработат во јавната администрација“, реагираа од коалицијата Вреди.
И така, ако за ЗНАМ за време на предизборната кампања се велеше дека се партија која е настаната во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ, не е за чудење дека оваа партија си ја презема улогата на главен и гласен критичар на партнерите од „Вреди“ во Владата, за да може ВМРО-ДПМНЕ да се прикажува како „балансер“ за одржување на владината коалиција. Прашање е само колку им е јасно дека „балансирањето“ е вештина која што се изведува на тенка жица.