Да ги мотивираме фабриките со даночни олеснувања за зелени технологии. Да ги обучиме земјоделците да компостираат, наместо да палат. Да креираме едукативни кампањи со сурови вистини: како изгледаат артериите на 40-годишен човек што секојдневно вдишува чад? Што се случува со мозокот на дете кое расте во смог?
Дина АРНАУТ*
„Ќе нè поклопи правот од нашето молчење, не од туѓата тиранија“, напиша Анте Поповски во необјавен есеј. И навистина, краткорочното размислување нè убива побавно, но посигурно од кој било друг проблем во оваа земја. Ќе го запалиме отпадот во дворот наместо да му бараме чаре, а за утре ќе размислуваме некој друг ден.
Аерозагадувањето одамна е дел од јавниот дискурс. Тема за политички говори, медиумски аларми, сезонски ветувања. Се мерат ПМ честички, се анализираат табели, се објавуваат „итни мерки“ што траат колку еден нов циклус на вести. А на терен, народот ги претвора дворовите и нивите во токсични крематориуми. Низ маалата, по дворовите, по нивите горат гуми, стрништа, пластика, мебел. Сè што може да се запали – се пали.
Чии бели дробови се вашиот контејнер за отпад? Нашите. На нашите деца и на децата на нашите деца. Воздухот не го интересира социјалната положба. Го дишат сите: и политичарите што зборуваат за „зелени агенди“, и тие што палат за да се загреат, и оние што ги кријат индустриските криминали зад чадот, но и пациентите што чекаат резултати од тумор-маркери.
Ако ви е полесно, не го нарекувајте ова „еколошки криминал“. Наречете го „колективна самоубиствена навика“. Бидејќи секојдневните себични избори се прелеваат во илјадници смртни случаи годишно. Бројката од 3.828 прерани смртни случаи поврзани со загадувањето на воздухот во Северна Македонија (СЗО, 2022) не е статистичка грешка, туку трагедија што се случува пред нашите очи. Жртви на општествената себичност и институционалната неефикасност.
Чадот од отпадот не е само мирис што го трпиме. Тоа е коктел од диоксини, формалдехиди, тешки метали и микрочестички што се впиваат во телото, ги блокираат белите дробови и ги мутираат клетките. Според Европската агенција за хемикалии, дури и краткотрајно изложување на чад од согорена пластика го зголемува ризикот од рак на панкреасот за 40%. Наместо строги инспекции и казни, имаме совети „да не се шетаме наутро“. Наместо долгорочни енергетски решенија за најзагрозените семејства – слогани за „почист воздух“. Наместо реална стратегија за затворање на најголемите извори на загадување, ни предлагаат „поретко да проветруваме“. Одлично.
Гревот е и наш, затоа што го прифативме отровот како нормална појава. Затвораме прозорци, но не пријавуваме. Се лутиме на чадот, но не го бараме изворот. Претпочитаме да се жалиме, наместо да дејствуваме.
Зошто се пали отпадот? Од сиромаштија, од незнаење, од мрзеливост, од навика и од себичност. Но, најмногу затоа што како општество потфрливме и го прифативме како нормална појава. Години наназад изградивме култура на молчење и конформизам. Култура на прифаќање на отровот.
Институционалната парализа е уште поголем проблем: неколкумина инспектори што селективно казнуваат, стратегии без буџет, закони без имплементација. Според Европската агенција за животна средина, 70% од загадувањето доаѓа од домаќинствата. Секој затворен прозорец и секое молчење е соучесништво.
Решенијата не се невозможни, само бараат волја. Во Хрватска, апликацијата „Zrak“ овозможува пријавување на загадување со едно копче. Во Романија, дронови со инфрацрвени камери откриваат нелегално палење отпад. Во Италија, градот Парма значително го подобри квалитетот на воздухот преку строги казни и видеонадзор.
И кај нас може. Да ги мотивираме фабриките со даночни олеснувања за зелени технологии. Да ги обучиме земјоделците да компостираат, наместо да палат. Да креираме едукативни кампањи со сурови вистини: како изгледаат артериите на 40-годишен човек што секојдневно вдишува чад? Што се случува со мозокот на дете кое расте во смог?
Крајно време е да се одберат компетентни кадри: млади, креативни, иновативни, надпартиски и стручни и низ стручен натпревар, поддржан од институциите, општеството и граѓаните, да се преземат не само декларативни, туку и суштински чекори.
Ако се плашиме да пријавиме сосед што согорува отпад, тогаш прифаќаме да живееме како што живееме. Ако веруваме дека „ништо нема да се промени“, тогаш сами сме дел од проблемот. Воздухот, кој ни припаѓа на сите, станува монопол на тие што одлучуваат да го трујат. Сите мерки, стратегии и ветувања се бесмислени ако чадот продолжи да го гуши секој обид за промена. Затоа што краткорочното размислување го уништува нашето заедничко утре.
Затоа, бесмислено е вечно да се чека некој друг да ни помогне во развојот на мерки за справување со аерозагадувањето. Сите сме свесни дека состојбите пред сè зависат од нас. Ако сакаме да се приближиме до европските стандарди за животна средина, мора да ги засукаме ракавите, да работиме најдобро што можеме и да ги исполниме поставените норми за почиста животна околина. Никој не може да ни помогне, освен ние самите.
Да престанеме да го создаваме и вдишуваме пепелот што зема животи, а за кој се молчи.
**Дина Арнаут е извршна директорка на РЕДИ Рециклажа