Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто од никогаш не го сакав училиштето, или со задолжителна „македонска“ химна во училиштата ќе се воведува нова дресура за дечињата

Да не се лажеме: животот во заедница значи дресура. Во училиште учиш собирање и одземање, учиш дропки, учиш фотосинтеза, учиш за сè и сешто, ама најмногу што од тебе се бара е да научиш хиерархија и да бидеш покорен на авторитетот.

Пишува: Ненад ЈОВАНОВИЌ

Кога бев страшно млад, со наполнети 16 години, од мојата провинција отидов во Скопје за да се занимавам професионално со кошарка; се имаше, се можеше. За факултет, пак, немав ниту пари, а богами немав ниту волја. Во тие 14 години професионална игра, се запишав еднаш на факултет за Физичка култура, а два пати на факултет за Политички науки. Во сите три случаи, во основа, немав пари, а немав ниту волја за да го завршам моето високо и формално образование.

Ја знаете онаа позната реплика на Душко Долгоушко: „Тој има пет минути школо и петнаесет минути голем одмор“? Е, таа реплика совршено го објаснува мојот образовен профил.

Од перспективата во која денес се наоѓам, за мене е сосема во ред. Јас сум колумниста, во текот на оваа моја 45 година – ако имам здравје и сила – ќе станам и писател. Работам на прозна книга која е речиси готова. Сакам да кажам, не постои школо за пишување. Во уметноста на пишувањето секој човек е автодидакт.

На Западните универзитети велат дека децата ги учат на бајати посмодернистички/поструктуралистички финти. Боргес, да речеме, тврдеше дека „мора да се сложиме како германската култура за светот е поважна од, да речеме, култура на Гана“. Не само што не мораме, туку не смее со ова тврдење да се сложиме. На други западни универзитети децата ги учат дека музиката на Бах е повредна од афричкиот фолклор, што, пак, од друга страна претставува култур-расистички исказ.

На детронизираните американски универзитети со „европски предзнак“, децата ги учат дека не постои вистина, туку плурализам од вистини, така што, не постои ниту историска вистина. Историјата е нарација, чиста фикција. Некои работи навистина се случувале, ама начинот на кој тие работи ќе ги поврземе и интерпретираме, работа е на идеологија и прашање на моќта.

На овие мисли ме поттикна воведувањето на „вмровските“ локални аги и паши задолжително слушање на македонска химна во основните училишта. Приметувате кој тука е арбитар? Значи во основното образование не е важно самото образование, туку локалниот кмет со егзалтација на дечињата, македонската химна која ќе им вбризгува во главите.

Приметувате (?), училиштето е капија низ која влегуваш во таканаречениот реален свет, влегуваш во наполнета бесмисла на гадоста. Треба ли децата, веќе кога ги втеравме во основните училишта, на нешто да ги научиме, или ќе ги направиме покорни луѓе кои задолжително ќе ја слушаат македонската химна?

Образованието е политичко прашање. Сè е политичко прашање затоа што позади сè стои политика. Сè освен сама политика, во основа, стои и економија. Поточно пљачка. Па така – со помош на пљачка – и економија, како и политиката која позади неа стои, како и сè она позади кое стои политиката, измеѓу останатото и здравјето, треба да стои и повик за образование.

Додека беше вирусот корона, се сеќавам, некои родители ме убедуваа дека децата од „онлајн настава“ не може да научат; а јас им велев обратно. Дека од дома може децата да научат многу. Еве, ќе се обидам своите причини да ви ги објаснам во зборовите подолу. Поточно, да ви ја објаснам скепсата за образованието која ја имав кога бев мал, а истата скепса ја имам и денес.

Имено, „За чистиот, сè е чисто“, велеше големиот Павле. За анксиозниот, сè е прашање на анксиозност. Па така и запишувањето на децата во училиште. Пристојните, секуларните и анксиозните не бараат оправдување за своите состојби. Анксиозноста е мое граѓанско и човечко право кое сум спремен да го бранам. Анксиозноста е здраворазумска. Оптимистите нека се лечат.

Имено, кога моите баба и дедо ме запишува на „школската година 84/85“, нас некои триесетина идни ученици нè напикаа во училница, ни дадоа пенкала и листови со хартија на кои беа отштампани шарени сликички. Тестот беше едноставен: „психологот“ ти вели мотор, ти заокружуваш мотор.

Сите нè примија на училиште. Сите освен едно ромче. Тоа дете беше поинтелигентно од нас, притоа со многу пожив дух од сите нас. Психолозите не мислеа така. Кога тие ќе речеа „мотор“, детето ќе речеше: „Заокружив точак“. Кога ќе речеа „брод“, тоа ќе речеше: „Заокружив чамец“. И така до крајот на тестот.

Малиот, разбирливо, не беше за доктор. На никој не му треба мајстор во бело кој, кога ќе добие упат за да му ја скинат жолчката, ќе рече: „Му го извадив бубрегот“. Ама…

Многу години подоцна ми дојде од задникот во главата дека присуствував на импресивна демонстрација на сè она што е погрешно во образовниот систем. Сè важно во животот го научив сам, акајќи од град во град, од земја во земја, читајќи книги помеѓу четири sида. Училиштето единствено ме научи што е тоа роб и покорен.

Да не се лажеме: животот во заедница значи дресура. Во училиште учиш собирање и одземање, учиш дропки, учиш фотосинтеза, учиш за сè и сешто, ама најмногу што од тебе се бара е да научиш хиерархија и да бидеш покорен на авторитетот.

До ден денешен сè уште чувствувам нелагода и анксиозност, практично чувствувам страв дека може да бидам присилен на некоја врста на колективно образование.

Денес, пак, добив дете. Биологијата е брутална: јас сум заштитник на моето дете, а оној што го штитиш е твоето сè. Значи, за мене, моето дете е моето сè. A сè станува проклето комплицирано и многу потешко од претходно. Луѓето тогаш прават одвратни компромиси, затоа што мислат дека сè e дозволено само за да го заштитат своето дете и му обезбедат, како се вели, „подобра иднина“.

Вистината, мислам, е нешто малку поинаква: ние старците правиме одвратни компромиси, а детето му доаѓа како совршено алиби за тоа. Детето ќе има свој живот и свој пат, без разлика дали имал татко или не; мојот живот не заврши затоа што од старт го изгубив мојот татко, не, напротив, мојот живот продолжи натаму. Детето не е причина за да продолжиш да бидеш гнида, демек правам компромис во име на некоја „благородна цел“. Сакаш добар текст, сакаш добра книга, нужна ти е аскеза, нужна ти е препрека, нужен ти е конфликт.

А што е тоа препрека, што е тоа конфликт?

Од малo детето треба да го учиме на ужасите на системот и така го направиме да биде бунтовен аутсајдер? Или треба да го учиме детето да го почитува системот и така му овозможиме преку системот да напредуваат?

Низ капијата на системската грозота, јас ќе го пикнам моето дете. Светот во кој живееше пред да отиде на училиште, а свет во кој ти беше господар – тиранин, поточно – дојде до својот крај. Од строго контролирано опкружување, детето заминува во хаос, во кој и самиот ти, довчерашниот господар на неговиот свет – стануваш лист од тоалетна хартија на ветрот.

Натаму, чисто како утеха, можеш да си ги лижеш раните во кои, од ден на ден, касај по касај, ќе се враќаш дома. Натаму, ќе продолжиш безуспешно да полемизираш за сите срамни „општествени вредности“ на кои ќе го научат. Ќе го испратиш детето на училиште затоа што тоа е задолжително, за потоа да му кажеш дека сето важно во животот ќе мора да го научи сам. Не како се учи во училиште, туку како се учи да се чита. Ќе го испратиш на училиште, а од тамо ќе ти се врати со дресура и скршен дух, а ти потоа, како некаков дебил, ќе го учиш колку е важна отвореноста и љубопитноста на духот.

Ќе го испратиш во клупа, а од тамо ќе ти го вратат во калап за, потоа, да го учиш дека најважно е никогаш да не се вклопи и да се претвори во калап.

Ете зошто од никогаш не бев во добри односи со било кое мое училиште и мое образование.

Уште и почнува да ми се гади додека ги завршив, уф, конечно, овие „одвратни“ описи. (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен