Трибјут посветен на култниот англиски пост-панк состав „Џој Дивижн“ ќе се одржи в недела (18 мај) во рок-бар „Круг“ (трговски центар „Бисер“) со почеток во 21 часот.
Јубилејното, 25-то издание на вечерите посветени на „Џој Дивижн“ ќе го одбележат поетско-музичкиот состав „ВИС Тркалезна маса“, а ќе настапат Ана Голејшка-Џикова, Ѓоко Здравески, Васко Марковски, Владимир Лукаш, Владимир Мартиновски и Круме Стефановски.
Во рамки на програмата ќе се изведе избор од стиховите на вокалот и лидерот на бендот, Иан Кертис, кој пред 25 години си го одзема животот (18 мај). Песните се препеани на македонски јазик и ќе бидат надополнети со музички пејзажи од творештвото на „Џој Дивижн“. „ВИС Тркалезна маса” обединува писатели, музичари и уметници со различни уметнички искуства, сплотени околу творењето и импровизирањето музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници, музичари и писатели.