Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

40 години без Сашка Петковска – Редок вокален интерпретатор, кој остави длабока музичка трага

„Кога ги слушате нејзините песни уште при првиот отпеан стих можете со сигурност да кажете дека тоа е Сашка. Неверојатна елеганција, смиреност, а во исто време возбудливост во нејзината сугестивна интерпретација, карактеристична боја на реткиот длабок вокал, јасна дикција и чиста и насочена емисија на тонот“, вели музичката новинарка Бранка Костиќ Марковиќ за музичката оставнина на Сашка Петковска, од чие прерано заминување годинава бележиме четири децении

Мимоза ПЕТРЕСКА ГЕОРГИЕВА

Мек, кадифен глас, грациозна фигура и препознатлива руса коса стилизирана во духот на  70-тите, беа заштитиниот знак на една од најблескавите икони на македонската музичка сцена  – Сашка Петковска.  

Се чини нема човек роден минатиот век, кој барем на некој начин не дошол во допир со нејзината музика и не се сеќава на барем два три стиха од „Бакни ме“, „Сеќавања“, „Чао адио“…  Овие носталгични напеви  се цврсто вплетени во нашата музичка меморија  и будат убави спомени на првите прославени родендени, нови години поминати пред ТВ приемниците, на едно поинакво време… Сашка Петковска беше нашата прва естрадна дива, прва извонредно стилизирана убавица, прва „барбика“ со која девојчињата толку радо се идентификуваа.

Сашка Петковска беше нашата прва естрадна дива, прва извонредно стилизирана убавица, прва „барбика“ со која девојчињата толку радо се идентификуваа.

Најелегантната русокоса на естрадата

 На 31 август се навршија  40 години од прераната трагична смрт на Сашка Петковска и забележувам дека се почесто, и со многу љубов и сентименталност си ги пуштам и си ги потпевнувам  нејзините песни. Љубопитно ги  потпрашувам и пријателите дали и како ја паметат и добивам најразлични одговори:

„Не ја паметам многу, ама гласот ѝ го препознавам.“, Ана.

„Најелегнатната македонска русокоса  со најслична фризура на Кристал од ‘Династија’ . Нејзината коса некако ми ја доловуваше нејзината есенција“, Ема.

„И глас и стас! Класа од жена. Сашка беше македонската Шаде, кога ќе подразмислам… Сите песни и беа преубави и романтичи и беше единствена според гласот и интерпретацијата… , Билјана

Музичката новинарка и публицистка  Бранка Костиќ Марковиќ ја карактеризира Петковска како вонсериски изведувач со униктен стил:  За жал, немав можност лично да ја запознам Сашка за време на нејзиниот кус, но плоден музички живот. Ја запознавав посредно, преку нејзината музика и преку приказните на луѓето кои имале можност да соработуваат со неа.  Кога ги слушам  нејзините песни можам само да кажам дека станува збор за вонсериски изведувач од кој извира една уникатност, кон што стреми секој еден уметник. Тоа е естетика својствена само за неа.  Уште при првиот отпеан стих можете со сигурност да кажете дека тоа е Сашка. Неверојатна елеганција, смиреност, а во исто време возбудливост во нејзината сугестивна интерпретација, карактеристична боја на реткиот длабок вокал, јасна дикција и чиста и насочена емисија на тонот. Но, што е најважно, сите тие посебности се обединети во една неверојатна музикалност . Најголемите пејачи практично не пејат, туку според назнаките на композиторот и самите творат музика. Сѐ заедно, Сашка Петковска беше редок вокален интерпретатор, кој оставил длабока музичка трага во нашата културна меморија.”

Петковска пленеше и со стилот. Секогаш храбра во изборот на облека и комплетниот сценски изглед,  таа беше ретка „светска дама“ на регионалната сцена.

И глас и стас! Класа од жена. Сашка беше македонската Шаде, кога ќе подразмислам… Сите песни и беа преубави и романтичи и беше единствена според гласот и интерпретацијата…

Прекината линија

Ѕведата на нежната русокоса  родена и израсната во Битола,  трагично  згасна на 31 август во далечната 1983 година. Беше тоа време кога лошите вести и трагичните настани  како да беа некаде  далеку од нас. Петковска  буквално беше на врвот на кариерата кога на само 32- годишна возраст загина во сообраќајна несреќа на патот Куманово-Свети Николе за време на турнеја. Зад себе ги остави сопругот Марио Липша и двете ќерки Сандра и Леа.

Веста за нејзината смрт, во главата ми одзвонуваше како нешто ужасно и неверојатно.  Веќе бев средношколка, понесена  од некои сосема нови музички води и интереси, но Сашка во мојот интимен  музички споменар остана онаа најсветкавата бонбона во центарот на музичката бобониера – единствена  и неповторлива. 

„Вистинска штета е што нејзиниот прерано прекинат живот не дозволи да сними уште неколку плочи и да ни отпее уште многу песни (од педесеттината) како:  ‘Бакни ме’, ‘Толку љубов’, ‘Никогаш, никогаш‘, ‘Чао адио‘, ‘Запри срце‘, ‘Пушти ме како птица‘, ‘Среќна сум што живеам‘, ‘Чувство‘, ‘Што ли да ти кажам‘; ‘Песно моја‘; ‘Може ќе те сретнам‘, ‘Најмил мој‘ и други…”, со жалење додава  Костиќ Марковиќ.

На почетокот на нејзината кариера Петковска настапила и во Италија на познатиот фестивал во Сан Ремо, во неговиот дел за млади пејачи Кантаџиро (Cantagiro), на кој освоила трето место.

Покрај солистичката кариера, беше член и на групата „Македонија“ заедно со Даниела Панчетовиќ, Кирчо Поп Лазаров, Зорица Поп Панкова, Верица Ристевска, Панче Кочовски.

Во време на процветот на југословенската забавна музика Петковска настапуваше со голем број познати солисти (Крунослав Киќо Слабинац, Нови фосили, Здравко Чолиќ, шоумените Седуммина млади) Соработувала со познати автори на популарна музика (С. Димитров, К. Костов, Д. Масевски и др.). Учествуваше на скопските фестивали. Снимила педесетина песни за продукцијата на МРТ, од кои голем дел  се хитови и се пеат и денес .

Сашка и до ден денес е една од најсаканите и непрежалени Битолчанки. Битолските музичари се уште ги пејат нејзините песни при разни поводи, издвојувајќи ја како еден од најдобрите женски вокали на нашите простори.

Сѐ заедно, Сашка Петковска беше редок вокален интерпретатор, кој оставил длабока музичка трага во нашата културна меморија.”

Првите македонски поп ѕвезди

Како исклучително оригинален и моќен музички интерпретатор Сашка Петковска беше дел и од една поширока југословенска музичка елита. Тие години домашните пејачи, особено оние на забавна музика беа вистински ѕвезди со сите атрибути. Со колку обожавање ги гледавме пејачките и пејачите во прекрасни фустани, или елегантни костуми кои како да излегле од светот отаде виножитото во нашиот  прилично монохром социјалистички пејзаж. Иако можеби ни беа комшии, сограѓани, ги среќававме на улица, имаа околу себе ѕведзен прав кој го оправдуваа со своите музички квалитети и педигре.  

Најзаслужни за градењето на една  ваквата слика беа и тогашните медиуми, особено списанијата на чии насловни страници ќе осамнеше високостилизирана фотографија на некоја од овие ѕвезди, кои ги сечевме и лепевме, по споменари, на вратите и ѕидовите на детските соби, во училишнте тетратки.

Тогаш се’ уште немаше ток шоуа каде така небрежно се брише границата  на доброто воспитување и личниот интегритет на соговорникот,  ниту медиумски скандали под заглавието  „шокантно“, „емотивно“… Со нашите музички ѕвезди не бевме на „ти“,  ниту пак некој го посакуваше тоа. Ниту пак самите тие просеа за трошка внимание распродавјаќи ја евтино својата приватност.

Како плод на тоа време, сензибилитетот на Сашка Петковска  беше антоним на секаква  наметливост,  непредвидливост, претерување,  шокирање на публиката.  Да се биде популарен во тоа време значеше да се биде талентиран, воспитан, паметен, способен…

Само сеќавања

По 40 години без Сашка Петковска,  некако логично се наметнува прашањето – што направивме  за да се зачува нејзиниот опус? Дали некаде се прибележени нејзините песните и натстапи? Колку нејзиниот глас го има во етерот?

Единствено што стои како запис е дека во нејзина чест одреден период, детскиот битолски фестивал  „Си-До“ доделувал награда со нејзиното име, а во 2010 година по повод 27 години од нејзината трагична смрт во Битола бил организиран концерт под името „Незаборав“ на кој биле изведувани нејизните песни.

„Кај нас работите одамна не се како што треба, би рекла тргнаа удолу со самото осамостојување.  Не можеме да се пофалиме со грижа за овој дел од културното наследство. Во таков амбиент излегува дека е среќа во несреќа е што имаме дисконтинуитет во фестивалското творештво, па самата публика има потреба од добри мелодии и тоа го компензира со повторно оживување на песните кои ги изведоа Сашка Петковска но и Драган Мијалковски, Маја Оџаклиевска, Славе Димитров, Верица Ристевска, Нина Спирова…Тоа се безвременските композиции на Александар Џамбазов, Димитар Масевски, Љубомир Бранѓолица, Славе Димитров, Кире Костов… “, појаснува Костиќ.

Како што вели, тоа се песни кои на приватните веселби неизоставно се дел од репертоарот на кавер бендовите, но и на програмата на камерните и симфониските оркестри  на празничните концерти.

„Овие мелодии, како лајтмотиви, провејуваат и низ македонските филмски и театарски продукции, ги слушаме во сетовите на денешните диџеи, па и на фреквенциите на македонските радио-станици (макар и заради задоволување на законскиот минимум за емитување домашна музика). Народот сака да ги пее, сака мелодии со ‘глава и опашка’, сака логични песни со кои може да се поистовети, а што е најважно, кои може да ги потпевнува, да им ги повтори рефрените и преку нив да се сплоти со луѓето околу себе. Ретки се таквите композиции во новата продукција. Ретки се оние кои допираат и до најмладите и до најстарите. Ретки се и композиторите кои имаат и прородна дарба и ‘ука‘ таквите да ги создадат. Исто толку ретки колку и интерпретаторите кои би можеле да ги исполнат. Но, не е тоа случајот само со Македонија, ова е случај, помалку или повеќе, со целиот свет“, вели Костиќ Марковиќ.

Реферирајќи  на униформноста на денешната поп сцена Костиќ посочува и на Евровизија каде, како што вели, плејбекот и  унифицираноста, низ годините ги уништија локалните карактеристики на јазиците и мелодиите, го патосираа раскошот на различните изрази, пристапи и естетики.

„Од друга страна, убаво е да се види дека и една долга светла традиција на италијанската фестивалска песна сѐ уште егзистира и се надградува преку фестивалот Сан Ремо. Таму сѐ уште се пее во живо, се свири во живо, се конкурира со мелодии, чии аранжмани им се доверуваат на професионалци. Така порано се правело и на Опатискиот и на Скопскиот фестивал. Така порано можеле да се родат и Сашка и Нина и Верица. Тоа што денес сѐ уште ја слушаме Сашка, секако пред сѐ е нејзина заслуга, но е и резултат на околностите за кои говорам. Во однос на снимките и негувањето на нејзиниот лик и дело, за жал немаме системски пристап. Освен еден концерт, одржан во нејзината чест во Битола, немам слушнато во последниве децении дека е издадено некое Це-де со нејзини интерпретации или пак со реинтерпретации од страна на други изведувачи. Нашата држава за жал многу малку вложува во заштитата на нематеријалното културно наследство во кое спаѓа и македонската музика од сите жанрови. Кај нас сѐ уште ‘царуваат’ пиратските снимки со лош квалитет, кои звучат бесправно на Јутјуб или сличните платформи. Но, ете и тоа врши работа кога ќе не фати носталгија за добра фестивалска песна“, вели Костиќ Марковиќ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен