Од 15 до 18 октомври Скопје ќе биде домаќин на 45. издание на Скопскиот џез фестивал, а билетите за фестивалската програма ќе бидат пуштени во продажба од утре, среда.
Организаторите најавуваат богата програма со изведувачи од 13 земји и концерти кои, според нив, во најголем дел ќе бидат ексклузивни за Скопје во овој период.
Скопскиот џез фестивал и годинава останува насочен кон современите и истражувачките текови во џезот, со програма која, како што посочуваат организаторите, треба да ги прошири границите на традиционалното поимање на жанрот и да претстави нови музички правци и звуци.
Новина на годинашното издание е пополноќната програма, која ќе се одржува во Националната опера и балет, на Мала сцена специјално подготвена за фестивалот.
Покрај концертите, фестивалот ќе ја продолжи и традицијата на прикажување музички документарни филмови, а повторно ќе се одржи и работилницата „Џез за деца“.
Од фестивалот нагласуваат дека програмата и оваа година е креирана без програмски компромиси и без обид за прилагодување кон масовниот вкус, со фокус на актуелните светски текови во џез музиката.
Дизајнот на 45. Скопски џез фестивал го потпишува ликовниот уметник Џоле Јовановиќ.
Фестивалот ќе се одржува од 15 до 18 октомври 2026 година, а деталната програма и информациите за билетите се достапни преку официјалните канали на Скопскиот џез фестивал.

