Анна Кондратенко и нејзината виолина ќе ни „раскажат“ „Бајка“

„Бајка“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот на кој како солистка ќе настапи нашата виолинистка Анна Кондратенко, концерт-мајстор во Македонската филхармонија. На концертот, Анна Кондратренко ќе настапи како солистка и воедно ќе го води оркестарот во изведбата на композициите „Come in!“ („Чукни и влези“) од Владимир Мартинов и „Писма до пријателите“ од Гија Канчели.

Врвната виолинистка Анна Кондратенко, на овој концерт, покрај како солистка на виолина, ќе се претстави и како диригентка со Камерниот оркестар составен од членовина Македонската филхармонија. Родена е во Новосибирск, Русија, каде што почнува да свири виолина на четиригодишна возраст.

Своето музичко образование го започнува во Специјалната музичка школа во класите на О. Марченко и А. Гвоздев, а продолжува во класата на проф. В. Третјаков на Високата музичка школа во Келн, каде што дипломира во 2004 година.

Како солист и концерт-мајстор настапува со Младинскиот симфониски оркестар (Новосибирск), Симфонискиот оркестар на Филхармонија (Новосибирск), Интернационалниот симфониски оркестар (Мичиген, САД), Klassische Philharmonie Bonn (Германија), Philarmonie der Nationen и други во Русија, Украина, Унгарија, Германија, Шпанија, Франција, Бразил, Америка, Малезија, Кина, Либан и Јапонија. Исто така, учествува на различни мастер-курсеви (кај Z. Bron, D. Zigmondi) и фестивали, меѓу кои: Mozarteum (Австрија), Holzhausen Musiktagen (Германија) и др.

Таа е победник на многубројни серуски и меѓународни натпревари, меѓу кои и Ерденко и Мравински во Русија и Ј. Ниман во Германија. Пред две години, Кондратенко го основа квартетот „Филхармонија“ составен од членови на оркестарот на Македонската филхармонија, со кој остварува настапи на домашни и на меѓународни фестивали.

Моментно работи како концерт-мајстор и солист во оркестарот на Македонската филхармонија и како концертмајстор и солист на оркестар на „F.A.M.E.S Project“ во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен