Битолски театар го реконструира патот до Ротинско езеро за премиера на театарска претстава

По повод премиерата на претставата  „Рибарски караници“ во режија на Јован Ристовски, која ќе биде изведена до Ротинско езеро, Битолскиот театар со поддршка од Општина Битола, започна со реконструкција на патот кој води до езерото, туристичка атракција на која за прв пат ќе се одигра театарска претстава.

Уште еден доказ дека театарот го менува светот.

„Театарот не е професија, театарот е начин на живот. Голема благодарност до сите кои деноноќно работаат на логистиката на 25 јули да се случи спектакл, благодарност до Општина Битола – за довербата и безрезервната поддршка и до сите јавни претпријатија и приватни компании кои секојдневно помагаат во реализацијата на овој проект. Да живее театарот“, изјави директорот Васко Мавровски.

Во комедијата која е по текст на Карло Голдони, играат: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Мошевска, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска.

Зачлени се на нашиот е-билтен