Битолски театар тргнува во освојување на фестивалските сцени

битолски театар

Во месец септември претставите на Народниот театар Битола ќе се одиграат на повеќе фестивали низ Македонија и публиката ќе има можност да ги погледне следните претстави: „Фетишист“, на 9 септември ќе гостува на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, а на истиот фестивал на 12 септември ќе биде прикажана претставата „Ричард III“. „Снежана и седумте џуџиња“ на 13 септември ќе биде изведена на Театарскиот фестивал за деца „Малиот принц“во Штип, а на 16 септември на Театарскиот фестивал за деца, „Силјан штркот“ во Прилеп.

„Рибарски караници“ ќе гостува на 25.септември на МТФ Денови на комедијата во Куманово.

Претставата „Фетишист“ е направена по делото на Мишел Турние, а во режија и изведба на актерот Здравко Стојмиров.    

Истата има за цел да ни ја претстави извртената реалност на еден живот што бивајќи свртен наопаку, поради тешките услови од војните од минатото, личните неуспешни борби, притисокот од општествените вредности и наметнатата реалност- ни ја прикажува единствената можност за постоење на еден човек, кој иако изгубен во реалноста, одлично живее во својот замислен свет и успева да најде задоволство во живеењето, каде самиот се обидува да ја создаде својата среќа и покрај сите непријатности кои го следат. Музиката за претставата ја направи Пеце Трајковски Брада. За оваа претстава на 23-то издание на Интернационалниот театарски фестивал во Ресен, актерот Стојмиров ја доби наградата Актер на Европа за годишно остварување. Истата беше изведена на јубилејното 25.  издание на Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

,,Ричард III“ е по делото на В. Шекспир, во режија на Мартин Мирчевски.

„Во секој од нас постои некаков Ричард. Се поставуваат прашањата: зошто ние како луѓе имаме толку самоуништувачки нагон, сопствениот вид да го сотреме, дали постои некаде во природата некое друго суштество што толку има потреба себеси да се самоуништи? Ние всушност не живееме, ние преживуваме“, вели Мирчевски. Претставата пренесува порака дека мора да направиме некаков чекор, да се бориме за својата слобода, потполна слобода како луѓе да одлучуваме. Треба да размислиме дали таа темна и светла страна во нас е вродена или се учи во текот на животот. Во претставата играат: Мартин Мирчевски, Илина Чоревска, Маја Андоновска-Илијевски, Викторија Степановска-Јанкуловска, Марија Стефановска, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Кристијан Танчевски. Преводот го направи Драги Михајловски, адаптација и режија Мартин Мирчевски, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографија Андреј Ѓоргиевски – Папаз.

„Снежана и седумте џуџиња“ го отвори јубилејното издание на „Македонско културно лето“, во организација на Здружението на Македонците по потекло од Албанија „Сонце“. Претставата е по текст на Љубивое Ршумовиќ, но се употребени и референци од бајките на браќата Грим, во режија на Драгана Милошевски Попова, драматург Билјана Крајчевска, сценографија Валентин Светозарев, костимограф Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак, кореограф Игор Киров. Ова е претстава и за децата и за возрасните. Во театарската изведба на ,,Снежана и седумте џуџиња“, публиката е сведок на борбата помеѓу доброто и злото, преплетена со хумор, емоции и музика . Улогата на Снежана ја игра Ана Грамосли, а останатите улоги: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска Дранговска, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Маријан Ѓоргиевски, Живко Борисовски, Александар Димитровски, Петар Спировски, Александар Копања и Марија Стефановска.

Претставата чија премиера беше под отворено небо, до и на Ротинското езеро, „Рибарски караници“, е во режија на Јован Ристовски.

„Ова е храбра претстава и иако е како театарски жанр комедија, е и сатира во некои сцени. Ликовите без разлика што се случува меѓу нив, на крај наоѓаат едно меѓусебно човечко разбирање кое треба да покаже дека таа љубов и емпатија меѓу народот недостасува“, истакнува Ристовски.

Улогите ги толкуваат: Никола Стефанов, Јулијана Мирчевска, Никола Пројчевски, Соња Ошавкова, Петар Горко, Марија Цветановска, Леонида Гулевска, Валентин Дамчевски, Елена Моше, Живко Борисовски, Петар Спировски, Александар Димитровски, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска и Марија Стефановска. Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценографијата е на Валентин Светозарев, костими Андреј Ѓоргиевски, композитор на музика Александар Димовски, продуцент Димитар Михајловски. Режисерот заедно со актерите го направија препевот на овој текст, и се зборува на дијалекти од западна, источна, југозападна Македонија.

На 22.09 оваа претстава ќе биде изведена на сцената на Битолскиот театар.

Зачлени се на нашиот е-билтен