Центар влегува во летото со симфонија под отворено небо и уметност на секој агол

Со голем концерт под наслов „Центарска симфонија“ на 28 јуни, од 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид зад Соборниот храм, Општина Центар го отвора летниот културен календар. Камерен оркестар, бенд и вокални солисти ќе изведат македонска и светска филмска музика, а како специјален гостин ќе настапи пејачот Александар Тарабунов.

„Ќе има за сите генерации – од најмладите до оние што сакаат да се присетат на старите хитови,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски во утринската програма на Канал 5, најавувајќи „вистински спектакл“.

Културната офанзива продолжува во Дебар Маало, каде на улица Орце Николов ќе се појави нов мурал инспириран од „Бушавата азбука“. Со ова дело, заедно со веќе постоечките мурали посветени на Влатко Стефановски и Игор Џамбазов, ѕидовите добиваат „душа и приказна“, рече Герасимовски.

Во рамки на проектот „Центарски приказни“ ќе бидат обележани клучни локации низ општината преку урбана уметност, а во еден од градските паркови ќе биде поставена скулптурата „Глас на минатото“, изработена од рециклирани материјали. „Почитувајќи го минатото, испраќаме порака за иднината,“ истакна градоначалникот.

За најмладите повторно се отвора програмата „На одмор сум, во Центар сум“, која нуди спортски игри, театарски претстави, креативни работилници и кино-проекции, обезбедувајќи креативно лето и за оние што остануваат во Скопје.

Кулминацијата е најавена за септември со големиот хепенинг „Нешто што ќе остане“, каде македонски артисти ќе настапат со силна поддршка за домашната сцена, заокружувајќи ја летната сезона исполнета со музика, мурали и скулптури.

Зачлени се на нашиот е-билтен