„Црно собрание“ испорачаа скопски андерграунд рокенрол во Домот на младината среде Белград

Настапот на рок бендот „Црно собрание“ составен од ученици од скопското средно училиште „Никола Карев“ беше проследен со овации од белградската публика.

На концертот БГ ИНВАЗИЈА кој синоќа се одржа во салата на Домот на младите во Белград, „Црно собрание“ освои награди за најдобри гитаристи и најдобри вокали.

Во преполната сала, Црно собрание ги изведоа култните песни Келав дабар од Ласт експедишн, Слобода или ништа од Партибрејкерси и нивна авторска инструментална нумера во стилот прогресивен рок.

БГ ИНВАЗИЈА за прв пат е одржан во 1992 година, а произлегува од натпреварот на бендовите од белградските гимназии. Настанот досега се одржал десетина пати, а организаторите велат дека за секој млад човек е важно бавењето со музика затоа што така се развиваат спосбoности кои се неопходни во понатамошниот животен пат.

Се развива креативноста, тимската работа, социјализацијата и превенцијата на врсничкото и сите останати видови насилство, како и работна дисциплина, критичко мислење, самодоверба, толеранција.

Бендот е дел од проектните активности во СУГС „Никола Карев“ – Скопје, и е под менторство на професорката по музичка култура Емилија Ристановска. Бендот Црно собрание го сочинуваат: Мона Ристова (вокал), Доротеја Солунчева (вокал), Кирил Лазаревски (гитара), Мартин Атанасов (бас гитара), Павел Петковски (гитара) и Дарија Манева (тапани).

Треба да знаете
Moже да ве интересира