Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Да помогнеме македонскиот јазик да ја преживее дигиталната поплава, се бараат дизајнери, волонтери и донации

Група информатичари и волонтери ги вложуваат сите свои знаења и капацитети да го подготват македонскиот јазик да ја преживее дигиталната поплава и да стане автентичен и препознатливо самостоен јазик кој ќе си го најде своето место во плимата на придобивки од вештачката интелингинција во полза на корисниците кои доаѓаат од „малите“ културни и јазични заедници како што македонскиот културен идентитетски корпус.

Буки е бесплатна алатка за транскрипција на македонски говор што ни овозможува да ги претвораме нашите зборови во текст без да користиме раце. Пред да продолжите со читање на текстов, испробајте го Буки на следниов линк и запрашајте се дали сте спремни да ја замените вашата тастатура со него. А дали ќе бидете спремни да го направите тоа за десет години?

Ова го наведува Никола Стиков, универзитетски професор и блогер, кој повикува да се следат неколку мисловни експерименти и шпекулации околу иднината на електронската комуникација на македонски.

„Мојата генерација е навикната да ги преточува мислите во зборови преку тастатура. Се сеќавам како во 90-тите пребирав со два прста по тастерите и често ќе се префрлев на пенкало и хартија затоа што мислите подобро ги регистрирав ракописно отколку со куцање. Во еден момент тастатурата стана доминантна, па денес повеќето луѓе не ни носат пенкало и хартија со себе“ вели во својот текст на Блен.мк професорот Стиков.

На сличен начин, посочува Стиков, и тастатурите полека ќе заминат во историјата, но прашање е со што ќе ги замениме. Оние телефонски екранчиња на кои куцкаме во моментов едноставно не личат на иднината што ја гледаме во научнофантастичните филмови. Не можам да ги замислам моите внуци како држат во рака мобилен телефон и со два палци типкаат пораки до нивните другари. Ако треба да се кладам што ќе ги замени тастатурите, тоа веројатно ќе биде некоја комбинација на диктирање и телепатија. Прифаќањето на овие нови технологии на почетокот ќе биде бавно и непотребно, а потоа брзо и неизбежно. Буки постои за да ја забрза и да ја олесни оваа транзиција.

„Неблагодарно е да се предвидува употребата на Буки кога сѐ уште никој не диктира и не транскрибира на македонски. Но кога пред неколку години првпат се појавија алатките за транскрипција на англиски говор, бев изненаден дека моите деца повеќе сакаат да му зборуваат на телефонот отколку да му куцаат. Овој тренд ќе продолжи. Опасноста е дека ако немаме општоприфатена алатка за транскрипција на македонскиот јазик, тогаш сѐ помалку луѓе ќе го користат македонскиот во секојдневната електронска комуникација. Ова е најсигурниот начин еден мал јазик да замре“, укажува Стиков на нешто што ни е познато на сите нас.

За да не се случи ова, потребно е да му дадеме залет на Буки и да започнеме да го користиме. Подолу се три примери каде Буки може да им биде од непроценлива вредност на оние кои живеат од пишаниот збор.

  1. ФАЌАЊЕ БЕЛЕШКИ И ПРАЌАЊЕ ПОРАКИ. Ова е примената на Буки која е секојдневие за оние кои зборуваат англиски. Луѓе диктираат пораки на телефонот, а сервисите на Гугл или Епл веднаш ги претвораат пораките во текст. За жал, овие сервиси не работат добро на македонски, а не се ни евтини. Буки е бесплатен (open-source) и работи далеку подобро од која било друга алатка за транскрипција на македонски јазик.
  2. ПОДГОТОВКИ НА ИНТЕРВЈУА И РЕПОРТАЖИ. Во отсуство на македонска алатка за транскрипција, сите сме се навикнале да транскрибираме „пешки“. Ќе си го снимиме интервјуто и ќе скроламе напред-назад по снимката додека не го пронајдеме посакуваниот цитат. Ова функционира на кратки патеки, но оневозможува систематски пристап. Замислете кога сите ваши снимки би биле транскрибирани и организирани на вашиот компјутер. Тогаш лесно ќе можете да ги пронајдете сите цитати поврзани со одредена тема без да преслушувате стотици часови говор. Вашиот говорен асистент Буки е тука да ви помогне со оваа речиси невозможна задача.
  3. АРХИВИРАЊЕ. Замислете си архива на сите прилози кои некогаш биле објавени на филм, радио или телевизија. Дали би можеле од оваа архива да создадеме парче историја? Англиските YouTube канали се преполни со таканаречени „supercuts“, компилации од клипчиња во кои се употребува некоја антологиска фраза. За да се создаде ваков суперкат, потребно е да имате верна транскрипција на милиони часови аудио, кои потоа можете за секунда да ги пребарате како текст. За жал, вакви архиви не постојат на македонски. Нели би било кул ако по повод 27 ноември, денот на смртта на Горан Стефановски, направиме компилација од сите пати кога некој рекол „диво месо“, „глумиме сегашност“ или „ебави младоста“? Ова е сизифовска работа за луѓе од крв и месо, но не и за Буки.

Најголемиот проблем со секоја нова алатка е да ѝ се најде добра примена. Дури и на револуционерни изуми како интернетот или биткоинот им требале децении за да најдат практична примена. Буки е далеку од револуционерен изум, но е неопходен за да го вклучиме македонскиот меѓу оние јазици кои ќе ја преживеат дигиталната поплава.

Секој од нас може да биде дел од јазичната Ноева арка што ќе го зачува македонскиот јазик. Доволно е да го испробате Буки и да започнете да го користите во вашата работа. Уште подобро, прочитајте неколку македонски реченици преку платформата Mozillla Common Voice и помогнете ни во тренирањето на Буки 2.0.

Вашите деца, вашите внуци и вашиот мајчин јазик ќе ви бидат благодарни!

Еве како може да помогнете:

ЧИТАЈТЕ НА ГЛАС ЗА БУКИ 2.0

Буки функционира извонредно, но секогаш може и подобро. Бесплатните модели за транскрипција на македонски од Мета и OpenAI мешаат македонски со бугарски и српски, користат букви што ги нема во нашата азбука и немаат добра интерпункција (споредба 1споредба 2). Платениот модел на Гугл (кој го користат алатки како TurboScribeDictanote и Транскриптор) функционира пристојно, но често решава да прескокне дел од аудиото ако не разбере што е кажано. А не е баш ни евтин…

KANTAROT / КАНТАРОТ is a reader-supported publication. To receive new posts and support our work, consider becoming a free or paid subscriber.Subscribe

Во моментов Буки е трениран само на 60 часа македонски говор и просто е неверојатно дека работи толку добро (тестирајте го на следниов линк). Сепак, имаме проблем со препознавање на детски гласови и на дијалектен говор. Затоа, новата верзија на Буки сакаме да ја истренираме со поголема разновидност на гласови и акценти. Би ви биле многу благодарни ако се вклучите во нашата кампања и прочитате неколку реченици на македонски. Уште подобро ако им помогнете на вашите деца да го направат истото. Подолу е краток туторијал за тоа како можете да донирате глас. Одете на https://commonvoice.mozilla.org/mk и следете ги упатствата од видеово. Знаеме дека во видеото има граматички и лекторски грешки, но поентата на Буки е да транскрибира и говор што не е литературен.

Горните упатства се доколку сакате да донирате глас без да направите профил на Mozilla Common Voice. Ако пак сакате да бидете дел од натпреварот за топ 10 БУКИ-сти (за кој имаме и награди), тогаш ќе треба да направите профил на Mozilla common voice и да ги изберете опциите во црвено:

Упатства за пристап до leaderboard-от на Mozilla common voice. Првите десет ќе добијат награда од Фондација КАНТАРОТ. Напомена: Многу е важно да го направите профилот видлив за да знаеме каде се наоѓате на топ листата.

ДИЗАЈНИРАЈТЕ ЛОГО ЗА БУКИ 2.0

Како што можете да видите од првата слика во постов, ние не сме дизајнери. За среќа, опкружени сме со талент и сигурни сме дека некој од вас може да направи впечатлив дизајн за Буки 2.0. Буквата „буки“ е дел и од глаголицата и од старата кирилица, така што има многу убави начини да ја вметнеме во дизајнот на Буки 2.0. Ако се инспирирате, пратете ни го вашето лого на info@kantarot.mk и ставете ја во сс: naukazadeca.mk@gmail.com.

ПОДДРЖЕТЕ НЀ ФИНАНСИСКИ

Хостирањето на Буки не е евтино, посебно затоа што во моментов ја користиме платформата HuggingFace. Само во првата недела потрошивме околу $200, затоа што сакавме транскрипцијата да биде брза. Буки работеше во милисекунди и беше способен да прави транскрипција во реално време.

Трошоците за Буки во првата недела

Сепак, овие трошоци не се одржливи на долги патеки, па затоа се префрливме на поевтин хостинг (ZeroGPU), ама тоа значи дека на секој транскрипт му треба околу 10 секунди. Исто така ограничени сме на аудио пократко од 30 секунди, а вистинската корист на Буки е кога би можеле да транскрибираме големи аудио фајлови. Засега опцијата за големи фајлови е сокриена, затоа што е многу скапа. Ако сакате да пристапите до неа, пишете ни меил (info@kantarot.mk) и ќе ја отвориме специјално за вас.

За да го направиме Буки брз и стабилен, имаме потреба од сервер со силна графичка картичка. Подолу е линк со информации за тоа како можете да ни помогнете, со претплата на нашиот Сабстек или со донација на нашата трансакциска сметка

…ДОНИРАЈТЕ!

Трансакциска сметка: 250-0010051639-69

Примач: Фондација КАНТАРОТ

Шифра за донација: 562

Кампањата ќе трае до 15 декември. Помогнете ни до тогаш да стигнеме до 600 часа говор, сервер за локално хостирање на БУКИ и дизајн со кој ќе може сите да се гордееме!

А за оние кои нѐ поддржуваат финансиски, БУКИ-рајте го 26 декември за мала прослава и промоција на Буки 2.0 на која ќе ни се придружи и креаторот на Буки Дејан Порјазовски (деталите зад paywall)

З. Б.

Зачлени се на нашиот е-билтен