Филмот „Диџеј Ахмет“ на Унковски продолжува да жнее награди, овој пат на Канскиот и на фестивалот во Сиетл.
Од Канскиот филмски фетсивал, каде што беше прикажан под името „Момчето што ги натера ридовите да танцуваат“, „Диџеј Ахмет“ си замина си Гран при наградата Cannes Écrans Junior
Селекцијата Cannes Écrans Junior е дел од престижниот Кански филмски фестивал, која вклучува избор на меѓународни играни филмови наменети за млади на возраст од тринаесет години и нагоре. Се избираат филмови кои ги отвораат вратите кон други култури и светови, со цел да ги инспирираат младите гледачи и да ги запознаат со уметноста на филмот.
Cannes Écrans Juniors посветува посебно внимание на филмови што претставуваат цивилизации, начини на живот и земји кои се недоволно застапени во секојдневната медиумска понуда, нудејќи им на младите Французи приказни и слики што ретко ги гледаат на малите екрани.
„Диџеј Ахмет“ на македонскиот режисер Георги М. Унковски го освои и Специјалното признание од жирито во категоријата „Натпревар за нови режисери“ на 51. Сиетл Интернационален филмски фестивал (SIFF), кој се одржа од 15 до 25 мај 2025 година.
Жирито го опиша филмот како „радосен, освежувачки и изненадувачки“, истакнувајќи дека оваа приказна за созревање ги пленила сите „до последната розова овца“. Тие му се заблагодарија на тимот за тоа што понуди уникатен прозорец во дел од светот кој ретко се гледа.
„Диџеј Ахмет“ ја следи приказната на 15-годишниот овчар Ахмет, кој се бунтува против конзервативната средина во неговото село во Северна Македонија откако ќе се запознае со електронската денс музика.
Филмот е копродукција на Северна Македонија, Чешка, Србија и Хрватска, и премиерно беше прикажан на Санденс филмскиот фестивал во јануари 2025 година, каде што освои Награда на публиката за светска драма и Специјална награда на жирито за креативна визија.
Ова признание на SIFF е уште еден успех за филмот, кој продолжува да привлекува внимание на меѓународната филмска сцена.