Додека судот одлучува за центарот во Грција, 60-тина граѓани веќе го учат македонскиот јазик

Преспанскиот договор од 2018 година, потпишан од тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, стави крај на деценискиот политички спор помеѓу Македонија и Грција, а со тоа се отвори и простор за поголема соработка меѓу двете држави, народите и културите. Она што е круцијално е дека овој договор, исто така, го призна македонскиот јазик, кој потоа беше признат и во Европската Унија, со што се отвори можноста тој да се изучува и во Грција, слободно, без забрани и криење од властите, како децениите претходно.

Договорот од Преспа отвори Центар за македонски јазик во Лерин, оспорен од јавен обвинител, на потег е судот

Во Преспанскиот договор е јасно наведено, а со тоа и Грција го признава македонскиот јазик, дека е дел од јужнословенските јазици како официјален јазик на Република Северна Македонија. Оваа точка претставуваше вистински исчекор во односите меѓу двете држави и можност за надминување на бариерата и забраната за изучување на македонскиот јазик во Грција.

Со цел поголема промоција на јазикот, но и поширока достапност да биде изучуван и практикуван од населението кое живее во Грција, при крајот на минатата година беше формиран Центар за македонски јазик во Лерин, со определба да се промовира и заштити македонскиот јазик. Основачите на овој центар објавија дека нивната регистрација, одобрена од грчките судови, е почеток на кампањата за целосно признавање на македонскиот јазик во Грција, нешто кое пред Договорот од Преспа беше невозможно.

Сепак, ситуацијата со Центарот за македонски јазик се искомпликува откако неодамна една грчка обвинителка поднесе жалба до судот против регистрацијата на Центарот за македонски јазик со објаснување дека македонскиот јазик е признаен само како јазик на граѓаните на Република Северна Македонија, но не и на Македонците во Грција. Нејзиното противење, кое содржи националиситчки елементи, е дека центарот претставува опасност за грчката држава и дека ова е обид за создавање на малцинство во Грција.

Ваквите ставови на обвинителката не се потпираат на договореното во Преспа, каде во договорот јасно се наведува дека се признава македонскиот јазик. Таму се надеведува дека не е поврзан со античката еленска цивилизација, историја, култура и наследство, со што пред судот во Грција би требало да паднат ваквите тези на обвинителката.

Своеволното и лично толкување на Договорот од Преспа од страна на обвинителката всушност претставува и прекршување на духот на пријателство и соработка, нешто кое 30-тина години се занемаруваше и постојано се отфрлаше, без разлика која политичка елита беше на власт и тука и таму.

По поднесената жалба, сега останува на грчките судови да пресечат и донесат одлука, дали Центарот за македонски јазик ќе биде затворен или ќе му биде дозволено да функционира и да го промовира македонскиот јазик.

Од промотивните материјали на Центарот за македионски јазик во Лерин www.makedonski.gr

Жалбата на обвинителката потсетува на темното минато кога имаше забрана за говорење македонски јазик

Грчката држава во минатото го забрануваше македонскиот јазик и освен што не дозволуваше негово изучување, постоеја и забрани за негово говорење. Но, промената на односите меѓу Северна Македонија и Грција по потпишувањето на Преспанскиот договор ги промени овие работи и отвори нов лист за соработка.

Во меѓувреме, особено по најавите дека Центарот за македонски јазик е оспорен пред судот, повеќе светски медиуми објавија статии и истражувања за значењето и постоењето на македонскиот јазик во Грција. „Торонто стар“ и „Петерборо егзаминер“ објавија текст во кој зборуваат за македонското малцинство во Грција и забраната тие да зборуваат на мајчиниот, македонски јазик.

Во текстот се претставува токму ситуацијата од минатото и забраната за македонскиот јазик со истакнувањето на фактот дека грчката влада во минатото не го признавала постоењето на македонскиот јазик и не прифаќала дека тој се зборувал во делови од Грција.  Сепак, ситуацијата сега е променета и во текстот се наведува дека веќе постои непрофитна организација во Воден која нуди онлајн курсеви по македонски јазик. Според Евгенија Нацулиду, чија баба е Македонка, курсот го посетуваат околу 20 граѓани, а дополнителни 35 до 40 посетуваат приватни часови по македонски јазик. Сето ова има смисла за Нацулиду откако дознала дека е делумно Македонка.

Таа почнала да ги истражува своите корени и нејзината култура, а во 2009 година помогнала во основањето на непрофитна организација во нејзиниот роден град Едеса за промовирање на македонскиот јазик како мајчин јазик. Бабата на Нацулиду знаеше да зборува само македонски, нејзината мајка ги користела двата јазика, а Нацулиду воопшто не знаела да зборува македонски, оттаму и нејзините обиди да истражува и да го промовира јазикот.

Во 2018 година, по Преспанскиот договор, почнаа да се нудат онлајн курсеви по македонски јазик. Во Грција македонскиот јазик бил само говорен јазик. Никој не можеше да учи читање, пишување или граматика, па било неопходно да се најде учител од Северна Македонија. Во моментов се нудат четири нивоа на македонски јазик и се субвенционираат 50 отсто од цената на курсот, така што студентите плаќаат само 35 евра за курс од 35 недели.

Од промотивните материјали на Центарот за македионски јазик во Лерин www.makedonski.gr

Младите Македонци и Грци пеат заедно на двата јазика

Петрос Карацареас, виш предавач по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот во Вестминстер во Лондон, Англија, е етнички полуГрк и полуМакедонец. Тој за весниците пренесува ситуации од својата младост.

– Сестрата на баба ми ѕвонеше на телефон и ѝ дојави да ми пренесе  да  симнам некои објави затоа што ќе дојде полиција во мојата куќа и ќе ја загубам работата во Лондон. Ова е размерот на траумата и стравот под кои живееја луѓето во однос на употребата на јазикот… Дури и по 2010 година, таа мислеше дека ќе има вистински реперкусии врз мојот живот, раскажал Карацареас.

Но, тој страв, од пред извеснбо време може да се каже дека е надминат, особено ако се илустрира преку младинските активности на Македонците и Грците.

– Додека повеќето изучувачи на македонскиот јазик се работоспособни возрасни или постари лица, кои можеби учат од носталгични причини, младите почнаа да посетуваат музички фестивали и јавни настани, каде музичките бендови од Грција и од Северна Македонија изведуваат традиционални македонски песни за селскиот живот, миграцијата, љубовта и смртта. Можеби не зборуваат или не го разбираат јазикот, но ги учат стиховите на памет и пеат заедно. Ова не би можело да се замисли пред Договорот од Преспа. Прогонството на јазикот значело дека може да се пушта македонска народна музика, но без никакво пеење, се пренесува ставот на Карацареас.

Грчката Влада забрануваше јазик кој не постоеше

Сепак, по Преспанскиот договор односите меѓу двете земји се подобрени, пред се на политичко ниво кое заостануваше зад економското. Грција престана да ги блокира кандидатурите на Северна Македонија за влез во НАТО и Европската Унија. Пред договорот владата како да сметаше дека во Грција не постои нешто како македонски јазик, бидејќи Македонија беше дел од Грција и сите во Грција зборуваа грчки. Со други зборови, грчката влада сметаше дека македонскиот јазик (барем во Грција) е грчки јазик, а македонскиот народ се Грци.

– Ја имате оваа многу иронична ситуација кога владата (историски) забрануваше употреба на јазик што не постоеше, анализира Карацареас.

Неговиот колега Виктор Рудометоф, професор на Универзитетот во Кипар, а по потекло од Северна Грција смета дека Грците се плашат од загрозување на нивното единство.

– Грчката влада се плаши од можна загуба на срцата и умовите на грчките граѓани во Северна Македонија доколку официјално се признае македонското малцинство, култура или идентитет“- мисли  Рудометоф.

Според него, македонскиот јазик не е главната грижа на повеќето етнички Македонци во Грција. Судскиот случај против Центарот за македонски јазик не беше многу роследен во вестите и низ грчките медиуми. Повеќето етнички Македонци веројатно повеќе се занимаваат со учење англиски или германски јазик бидејќи тие се покорисни на пазарот на труд. Поголем дел од соговорниците на “Торонто стар“ се согласни дека, и покрај обидите некој да го затвори Центарот за македонски јазик, спорот на Северна Македонија со Грција е завршен и дека сега предизвик за Македонија е новиот спор со Бугарија, кој може исто така да се развлече со децении, со што на државава одново ќе и се загрози европската иднина.

Р. Р.

Треба да знаете
Moже да ве интересира