На 21 октомври (вторник), во фоајето на Националната опера и балет во 19 часот, ќе се одржи долгоочекуваниот мултимедијален настан „Дон Кихот во Скопје“.
Концерт, премиера на македонско дело, изложба на уметнички слики и скулптури, како и промоција на книга, го чинат овој разновиден проект инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес.
Светска премиера ќе доживее Концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери, ќе настапи Камерниот оркестар „ID“, а како солисти ќе се претстават: Дино Имери на пијано, Ади Имери на гитара и Тина Иванова, наратор и автор на текст.
Во фоајето на НОБ, ќе бидат изложени уметнички слики од познатата колекција „Дон Кихот“ на реномираниот македонски уметник Владимир Георгиевски (1942-2017), во чии дела користена е фундаменталната мисла на метафората на главниот јунак, Дон Кихот: „Да се спаси човештвото од сите зла и болештини за среќа на сите луѓе на светот“.
Исто така, ќе бидат изложени и нови скулптури на младата уметница Јана Николовска, а ќе има и промоција на илустрирана книга за деца „Дон Кихот“, на македонски јазик.
Концертот во три става „Дон Кихот во Скопје“ за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар, е напишан од двајцата автори – Дијана Имери Илкоска и Дино Имери во 2025 година. Како што кажува и самиот наслов, главна инспирација авторите земаат од едно од најдобрите и централни светски и шпански книжевни дела – „Дон Кихот“ од Мигел де Сервантес. Музиката е програмска и ја отсликува приказната за патувањето на главниот лик Дон Кихот и неговиот помошник Санчо Панса во современа Северна Македонија, кои тргнуваат во потрага по нова авантура, со цел да помогнат во борбата против ветерниците и во оваа земја. Звучниот пејзаж е силно инспириран од шпанскиот и македонскиот фолклор, коишто се преплетуваат и создаваат автентична атмосфера.
Текстот што го чита нараторот, пак, којшто е соединение на концертната форма, се провлекува низ делото како сценски контрапункт. Приказната, чија авторка е Тина Иванова, е своевидна поддршка на програмската музика. Ги следи тонските „потези“ и ги фиксира на звучното „платно“ токму како што мелодијата ја „озвучува“ наративноста.
Книгата за деца „Дон Кихот“, на македонски јазик е издадена во 2017 година, но сега повторно се актуелизира по повод мултимедијалниот настан и по повод Националниот ден на Шпанија. Станува збор за прекрасно илустрирана книга за деца, во тврд повез, која на 40 страници ја раскажува оригиналната приказна на Сервантес, но овој пат во скратена форма и адаптирана за младите читатели.
Настанот е организиран од Амбасадата на Шпанија во Скопје, по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври.
Влезот е бесплатен.
БИОГРАФИИ НА УЧЕСНИЦИТЕ
ДИЈАНА ИМЕРИ ИЛКОСКА – диригент и аранжер
Дијана Имери Илкоска (1988) е реномирана диригентка и аранжер, добро позната по својата „страствена, енергетична, храбра и уникатна музичка експресија.“ (Т. Иванова, „Умно“ магазин) Таа е шеф-диригент на „ID Chamber Orchestra“, како и гостин-диригент на престижни оркестри меѓу кои Софиска филхармонија, Дубровачкиот Симфониски оркестар, Тбилиси Младинскиоторкестар, Македонската филхармонија, Оркестарот и хорот при Бугарското Национално Радио БНР, Македонската опера и балет, Симфонискиот и камерен оркестар на ФМУ… Како „исклучителен талент кој може да ги реализира сите свои диригентски желби создавајќи убедливи креации“ (Маестро Урош Лајовиц), Илкоска соработува со врвни уметници како Брус Лиу, Ролан Сентпали, Луис Швицгебел, Маријана Акба, Давид Аладашвили, Божо Вречо, Лола Астанова, Драган Мијалковски, Дино Имери, Благој Нацоски, Васил Хаџиманов и други, претставувајќи широк опсег на репертоар – од симфониски дела до жанровски различни аранжмани и премиерни изведби на современи автори. Во неодамнешната сезона 2023/2024 оствари гостување на еден од најреномираните светски фестивали за класична музика –„Цинандали Фестивал“ во Грузија (Уметнички раководител: Маестро Џанандреа Носеда), ги изведе виолинските концерти на Бах со Софиската филхармонија и солистките Зорница Иларионова и Божидара Кузманова, настапи на најпознатиот концерт под отворено небо „Филхармонија на отворено“, изведе шпанско-македонска програма со својот „ID Chamber Orchestra“ и Дино Имери по повод одбележувањето на 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји, настапи во Државниот Конзерваториум пред распродадена сала со Тбилиси Младинскиот Оркестар, ги диригираше филхармониските концерти по повод Денот на вљубените, а редовно учествува во содржини направени специјално за деца и млади. Како асистент-диригент соработувала со врвни диригентски имиња меѓу кои: Клаудио Вандели, Габриел Бебешелеа, Емил Табаков, Јерухам Шаровски, Тимоти Редмонд, Саша Николовски-Гумар. Во 2022 година, нејзиниот концерт во живо со Камерниот оркестар при Македонска филхармонија беше одбран и издаден како најдобар концерт во сезоната од страна на дискографската куќа „Con:tempo“. Таа успешно се претставува и како композитор и аранжер, а изведувана е низ целиот свет – од Лондон, Љубљана преку Скопје и Белград. За неа, светски прочуениот композитор, аранжер и продуцент Жига Пирнат (соработник на Риана, Барбара Страјсенд, Бочели, Оскари) ќе каже: „Аранжманите на Дијана покажуваат врвен квалитет. Мајсторска инструментација, огромни познавања од оркестарски бои и контрапункт. Во нив може да се слушне исклучителна музикалност и одлични познавања од класичната музика.“ Во 2025 година го доби признанието од Општина Аеродром за „Особен придонес од областа на музичката култура“.
ДИНО ИМЕРИ – пијанист
Дино Имери (1990) или „волшебникот на пијаното“ (француски OPS Magazine) е еден од најреномираните македонски пијанисти и професори. Со огромен успех настапува на престижни сцени низ светот, а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката и стручната јавност. Прогласен е за „Најдобар уметник“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (признание кое може да се стекне само еднаш во кариерата), а добитник е и на признанието „Иднина дома“ со што е избран од страна на македонската јавност како една од 30 највлијателни и извонредни македонски личности. Лондон, Рим, Виена, Бари, Кан, Стразбур, Љубљана, Загреб, Белград, Софија, Приштина, Ајзенштад, Рајдинг, Ленгерих, Скопје, Охрид се само дел од градовите кои се вклучени во богатата концертна агенда каде Имери го прикажал својот „рафиниран квалитет на звукот, беспрекорна техника, инструментална култура и неверојатна слобода со еден извонреден импровизациски квалитет“ (Е. Дочева, Kultura.bg), а редовно соработува со еминентни оркестри меѓу кои Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот и Камерниоторкестар на ФМУ, Стразбуршката филхармонија, Софиската филхармонија, Симфонискиот оркестар на РТС – Србија, ID Chamber Orchestra, како и со реномирани диригенти меѓу кои: Најден Тодоров, Емил Табаков, Јосеп Висент, Клеменс Шулд, Јерухам Шаровски, Љубомир Денев помладиот, Александар Којиќ, Саша Николовски-Ѓумар, Дијана Илкоска, Вања Николовски-Ѓумар, Кире Костов, Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, Бисера Чадловска и Ле Фи Фи. Редовно соработува со врвни инструменталисти и пејачи меѓу кои: Роман Симовиќ, Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, Бојан Илкоски, Андреј Гугњин, Влатко Стефановски, Ана и Игор Дурловски, Благој Нацоски, Луиџи Скифано, презентира мултимедијални проекти во соработка со балерината и кореограф Ивана Коцевска, актерката Симона Спировска, музикологот и писател Тина Иванова и други. Добитник е на голем број награди и признанија меѓу кои наградата„Виртуози“, признание „Св. Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат на Фондацијата„Томислав Зографски“, „Златна Бубамара на популарноста“, ранг во десетте најдобри Европски пијанисти според „Troisieme Concours européen de piano – Normandie“ и други. Зад себе бележи и бројни дискографски изданија за повеќе издавачи меѓу кои: Piano Plage Festival, PMG Jazz, Con:tempo, СОКОМ и други. Во 2024 година го реализира проектот „Недела на Бах“ што вклучува интегрална изведба на едно од најкомплексните дела „Голдберг варијации“, како и работилници и книга за деца и предавања. Во 2025 година, пак, со голем успех ги изведува и во Виена во престижниот „Бехштајн Центрум“, по што добива покани за нови настапи во австриската престолнина. Со преку петнаесет години континуирана концертна дејност, Дино Имери го пренесува своето знаење и искуство на младите таленти како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Членува во бројни стручни меѓународни комисии и тела, а редовно го промовира македонското творештво низ светот. Своето образование го заокружува во класата на проф. Људмила Романова (ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“), проф. Борис Романов (во чија класа дипломира со Cum Laude на ФМУ), како и проф. Симон Трпчески (во чија класа магистрира, повторно со Cum Laude на ФМУ). „Името на Дино Имери е запишано со златни букви“ (В. Костоска Пенева, музиколог) во современата македонска и светска пијанистичка историја.
АДИ ИМЕРИ – гитарист
Ади Имери (1986, Скопје) е композитор, продуцент и инструменталист. Активен е на плодната македонска и странска музичка сцена дведецении како член во мулти-дисциплинарни уметнички проекти. Ангажиран е како студиски музичар, вокален солист, како и инструменталенсолист со институции како Македонската филхармонија, Македонскатаопера и балет, но и активно соработува со поголемиот дел одмакедонските поп, рок, џез и класични артисти од сите генерации. Членувал во бендови како String Forces, Bill Skins Fifth, Next to Silence, Јаболко за Даскалот, The Black & Vice Social Club, Foolish Green, Last Expedition и други, а има активна соло кариера како композитор за филм,телевизија, театар и алтернативни медиуми. Неговата филмографија е богата: Everything is Wrong, Марко Ѓоковиќ / композитор заедно со МаркоКовачевиќ; Каменолом, Марко Ѓоковиќ / композитор заедно со Марко Ковачевиќ; On our way home, Дина Дума / композитор; Gen Z Diary, Борјан Стојков / композитор; Тwisted, Батухан Ибрахим / композитор; Јас не сум Игор, Сергеј Георгиев / композитор заедно со Дино Имери; На Терапија, тв серија, Вардан Тозија, Дина Дума / композитор заедно со Дино Имери; но зад себе има и бројни театарски проекти: Среќна Нова Година, Бојан Трифуновски, НУ „Турски Театар“, Скопје /композитор; Ана и Хана, Драгана Гунин НУ „Турски Театар“, Скопје / композитор; „Припаѓање“, Хана Миленковска, Атриум Продукција / композитор/актер; „Парови“, Ивана Ангеловска, „Драмски Театар“, Скопје /композитор; „Хенгинг Араунд“, Бојан Трифуновски ,„Македонски народен театар“,Скопје / композитор; „Хајди“, Драгана Гунин, „Театар за деца и младинци“, Скопје / композитор; „Глад“, Хана Миленковска, Атриум Продукција / ко-автор, композитор… Ова е само дел од неговата дискографија: Ади Имери | Ja navivam za kojotot, 2013; The Black & Vice Social Club | until the road is a dead end. 2015; Foolish Green – Soul Revival 2022; FUTUREPROOF01 – Sonic Artifacts Vol.1 – „The Rogue Astronaut“, 2022;FUTUREPROOF01 – Sonic Artifacts Vol. 2 – „Ѕtranded in a sea of sonic strife“, 2023; Ади Имери – „Трнодол“, 2023.
ТИНА ИВАНОВА – музиколог, писателка
Тина Иванова е родена во 1976 година во Скопје. Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот по музикологија во класата на проф. Сотир Голабовски. Петнаесет години е дел од културната рубрика на „Утрински весник“ од неговото формирање (1999), најпрвин како новинар и музички критичар во културната рубрика, а од 2007 до 2012 година и како нејзин уредник. Пред тоа работи во Македонското радио на Првата програма во редакцијата за сериозна музика, потоа во Музичкото радио Канал 103 како музички соработник и во Македонската информативна агенција. Во Утрински весник ревносно и континуирано ги следи состојбите на музичката култура во Македонија преку бројни рецензии, интервјуа, тематски текстови. Во Македонска филхармонија работи од 2014 година како продуцент и музиколог, а од 2020 до 2023 година е на на функцијата директор. Досега има објавувано текстови во повеќе македонски списанија за култура, како и на веб-страницата на Центарот за музикологија, здружение на кое се јавува како еден од основачите. Член е на Сојузот на композиторите на Македонија. Авторка е на книгата „Документ 103“ која претставува публицистички труд за музичкото радио Канал 103 издадена во 2011 година од самата авторка и напишана по повод две децении од постоењето на радиото кое во европски, па и во светски рамки, се смета за раритет поради неговата програмска концепција. За книгата „Документ 103“, Иванова ја доби престижната државна награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 2012 година, награда која за прв пат му се додели на музиколог, односно на новинар од областа на музичката сфера. Добитничка е и на наградата „Урбан“ за промовирање на урбаната култура, награда на Институтот „Урбан“. Тина Иванова е авторка и на романот „Кругови“, чиј издавач е издавачката куќа „Или-Или“ (2013). Во 2024 година го издаде нејзиниот втор роман (самиздат) под наслов „Сѐ уште постои љубов или: Љубов во време на корона“. Автор е и на монографскиот труд „Михајло Николовски-нашиот Папа Франк“ по повод 80 години од раѓањето на истакнатиот македонски композитор и педагог, за која ја доби престижната награда „Панче Пешев“ од Сојузот на композиторите на Македонија. Се јавува како ко-автор на монографијата „70 години Македонска филхармонија“, напишана по повод 70 години од постоењето на најстарата македонска национална институција. Ко-автор е и на електронската книга „Седум мали портрети на седум големи композитори“ (2015). Минатата година ја издаде својата прва збирка раскази под наслов „Danse macabre“. Изминативе десет години, Иванова во Филхармонија се јавува како продуцент на многубројни концерти, меѓу нив и симфониски концерти за деца и концерти со популарна содржина. Како музиколог, таа е и еден од авторите на Филхармониски весник, кој почна да се објавува во 2019 година. Активно пишува и поезија, текстови за песни, раскази, сценарија за детски концерти, и е активно вклучена во изборот на музичките програми на Филхармонија, како и на проекти надвор од институцијата. Наскоро од печат ќе излезат 5 нејзини книги за деца во издание на „Литература“.