Изложбата „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ предизвика голем интерес. Поставена е во Музеј на град Скопје и ќе биде отворена до 5 декември. Времето за посети е од вторник до сабота од 9 до 17ч. и во недела од 9 до13 часот.
Како што вели Јованка Попова, куратор на изложбата, „Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.


Јовановиќ го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.

Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот. Расказите „Oдбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов; и „Вила Тибериа“ од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.
Што всушност ни кажува подвижната слика? Нејзината дестинација почнува да не дефинира во моментот кога ни се обраќа од дадената адреса. Додека се занимавме со вртење во одредена насока, сликата е таа што нас не превртува, ги преиспитува нашите ставови, не тера да влеземе во соучесништво со нејзините протагонисти, да размислуваме и да понудиме афективни, етички и морални матрици на животите опустошени од разно-разни неправди.
Фотографиите од отворањето на изложбата се на Жарко Трајановски.

