Во интервјуто „Имаме неколку прашања за вас“ на Рацин.мк, Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт ја коментира годинешната програма на одобрени дела од културата од која се гледа непропорционална распределбата на средствата на македонските културни институции во однос на останатите заедници и за поголем акцент и предност на програмите на националните установи за сметка на независната сцена.
„Овдека министрите за култура сѐ уште сметаат дека независниот куктурен сектор не треба да биде поддржуван од државата. Тоа е… не можам да објаснам, просто ми е непријатно, срам ми е, мене ми е срам во име на сите министри кои што го мислат тоа. Не треба да одат подалеку. Можат да прошетаат до Хрватска каде што нашите колеги од Хрватска или од Словенија веќе и не мора да конкурираат на некакви фондови, тие имаат инфраструктурни фондови затоа што општеството разбира, колку и да не им оди во прилог, колку и да е тоа критички глас, разбира дека без нив (без независната сцена), нема да може ниту институционалната култура. Тие, вонинституционалниот културен сектор е оној којшто го создава современото културно наследство“, истакнува Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт.
Нема никава стратегија како да се поддржи независниот културен сектор, вели Гешоска, и како резултат на овој пристап, смета Гешоска, ние сме доведени во ситуација да ја ризикуваме и привилегијата и титулата Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Гешоска вели дека со внимание и колку што е можно поскоро, ако не е веќе сосема доцна, треба да се земат предвид предупредувањата дека многу се доцни со стартот на процесите за Скопј, ЕПК 2028.
Гешоска потенцира дека, со сета почит и внимание кон институциите и заедно со нив, актерите на независната културна сцена се тие што ја имаат енергијата, знаењето и предизвикот да бидат двигатели, организатори и реализатори на програмите што треба да бидат вклучени во Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
„Ние нема што друго да извезуваме, единствено е нешто е културата. А, ако се повикуваме на искуствата од другите европски престолнини, доминантни се програмите кои се креирани од независната културна сцена“, укажува Гешоска.
Ја прашавме Гешоска како се чувствува кога нејзината работа за создавање нови платформи за независната културна сцена во светот се валоризира со високи признанија како што е медалот Гете, а во земјата единствено што ѝ останува е само постојаната борба и дали тоа е, вусшност, суштината на независната сцена – постојаната борба.
„Мислам дека ние сме далеку од разбирањето на она што значат современи читања на културата. Затворени сме сѐ уште во концептот на култура како нешто што ќе не воздигне, ќе не расположи. Слушам некои по интервјуа кажуваат културата, уметноста служат за да не расположат, да ни ги оттргнат мислите од лошото мрачно секојдневие. Јас апсолутно не мислам така, а оваа награда (Медалот Гете) е, всушност, поздрав на ново читање на културата. Дека културата е политична. Овде како некој да се плаши да ја дефинира културата како политична, критичка, и нешто што ќе го поддржи демократскиот и еманципаторски простор“, рече во завршницата на интервјуа на Рацин.мк „Имаме неколку прашања за вас“ Искра Гешоска, директорка и програмски уредник на КРИК – Фестивал за критичка култура и на Контрапункт, организација посветена на развивање алтернативни урбани културни политики и на зајакнување на културата на поврзување, локално, во регионот на Југоисточна Европа и на меѓународно ниво.