Англиската компанија Dogwoof, еден од највлијателните дистрибутери на документарни филмови во светот, ги откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ (The Tale of Silyan) – најновиот документарец на режисерката Тамара Котевска, објави порталот Дива.мк.
Dogwoof е со седиште во Лондон и изгради репутација како дистрибутер на филмови кои ја дефинираат современата документаристика. Во нивното портфолио се наоѓаат дела номинирани за Оскар и BAFTA, како што се Blackfish (2013), Free Solo (2018) и The Cave (2019). За македонската јавност, името Dogwoof е добро познато – токму тие го претставуваа глобално и „Медена земја“ (Honeyland, 2019), филмот кој ѝ донесе на Македонија историски две номинации за Оскар.
Со тоа „Сиљан“ ја започнува својата интернационална патека со значителна предност: вклучувањето на Dogwoof е јасен сигнал дека филмот се гледа како сериозен кандидат за престижните награди.
Филмот ќе ја има својата светска премиера за една недела на Венецијанскиот филмски фестивал 2025, во селекцијата Out of Competition. Потоа ќе биде прикажан и на Торонто (TIFF), каде што е вклучен во официјалната натпреварувачка програма.
За пазарот во Северна Америка, правата ги обезбеди агенцијата UTA Independent Film Group, а на продукцискиот тим се приклучи и Concordia Studios, компанија основана во Лос Анџелес позната по своите иновативни копродукции.
Веста дека британскиот дистрибутерски гигант Dogwoof го откупи „Сиљан“, новиот филм на Тамара Котевскa, не звучи како обична индустриска трансакција. Таа одекнува како сигнал: македонската документаристика, која со Медена земја го ,,улови” светското внимание, веќе не е „изненадување“ и исклучок, туку авторска традиција во подем, оценуваат од Дива.мк.