Гитаристот Мухамед Ибрахими вечерва ќе одржи во Филхармонија

Во малата сала на Филхармонија вечер концерт ќе одржи гитаристот Мухамед Ибрахими  Концертот е во организација на „Баги Комуникации“.

Мухамед Ибрахими е гитарист кој својата гитара ја третира на многу интуитивен и инспиративен начин, свирејќи го спонтано само она што го чувствува и извира директно од него. Неговите композиции се автентична мешавина од повеќе музички стилови во кои сосема природно се спојуваат блуз и рок, но и традиција и сегашност.

Гости на концертот на Ибрахими ќе бидат Ратко Даутовски на перкусии, Џоле Максимовски на бас, Фјола Исмаили на чело и Никола Стојмановиќ на мандолина.

– На концертот во Филхармонија публиката ќе може да слушне композиции од моите два албума, но ќе има и нови композиции кои ќе бидат првпат интерпретирани концертно. Составот е интересен, композициите опфаќаат поширок обем на стилови задржувајќи ја автентичноста на мојот стил и начин на интерпретирање. Се надевам дека публиката ќе ужива во звукот којшто ќе го пренесеме преку нашите инструменти – изјави Ибрахими.

Мухамед Ибрахими се памети како гитарист на групата „Бла бла бла“, а многумина го познаваат и како творец кој практикува соработки со различни уметници.

Има издадено два албума, „Fly“ во 2014 и „Devotion“ во 2019 година.

– Особено сме среќни што соработуваме со еден извонреден музичар и одличен професионалец каков што е Мухамед. Нашата стратегија како агенција е да се посветиме на негувањето на домашните автори и музика. Годинава не очекуваат одлични соработки и уште подобри концерти – соопштија од „Баги Комуникации“. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен