Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Гостување на Кшиштоф Зануси на ФФФ со „Совршен број“, „филм за математиката и Бога“

Пред самиот крај на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва во 18.30 часот во Кинотеката, премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршен број“ (2022) на Кшиштоф Зануси.  Легендарниот режисер, добитник на „Златен лав“ во Венеција во 1984 година, наградуван на Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио – Зануси, пристигнува во Скопје како  гостин на Фестивалот, а публиката ќе има можност за дискусија по проекцијата. Зануси е еден од 40 основачки членови на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.

Што да се избере помеѓу разумот, љубовта и верата? Со оваа дилема се соочуваат главните ликови во најновиот филм на светски познатиот режисер Кшиштоф Зануси („Структура на кристалот“, „Илуминација“, „Животот како фатална сексуално пренослива болест“ итн.)

Кшиштов Зануси
Кшиштоф Зануси

 Во интервју за нашите медиуми по повод неговото гостување на ФФФ, Зануси ќе рече „направив филм каде поставувам прашања што ги нарекуваме филозофски или егзистенцијални и се надевам дека на овој фестивал ќе ја пронајдам публиката и критичарите кои би биле доволно паметни да се вклучат во ваква дебата, затоа што просечниот филмски критичар денес е некој кој има многу малку познавање од филозофијата, и најчесто само ни кажува за дејството, но не и за мислата или рефлексијата поттикната од тоа дејство.“

Во „Совршен број“, Јоаким е богат човек во години кој не мора повеќе никому ништо да докажува, и кому му се приближува крајот на животот. Од друга страна, се наоѓа младиот математички гениј, Давид, кој ја напушта ветувачката деловна кариера во странство и бара да го покаже својот талент во Полска.

Сцена од „Совршен број“
Сцена од „Совршен број“

Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од неговото досегашно творештво, врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекувана форма на интелектуален трилер.

Вечерашната фестивалска програма продолжува во 21 часот во киното „Мирно лето“ каде што како дел од официјалната селекција на долгометражни филмови ќе биде прикажан „1976“ (2022) на Мануела Мартели.

 На затворањето на Филозофскиот филмски фестивал, утре (петок, 9 јуни) во 20 часот ќе бидат доделени наградите од стручното жири и како дел од ревијалната програма ќе биде прикажан филмот на Карлос Саура награден од Канскиот филмски фестивал во 1976 година, „Змија во пазувите“. Кон филмот излагање ќе има Луис Мартин Ариас, редовен професор на Универзитетот во Ваљадолид.      

 Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.

Зачлени се на нашиот е-билтен