Во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода, синоќа, во присуство на бројни филмски работници и љубители на филмската уметност, беа доделени наградите на јубилејното 10. издание на МФФ Киненова.
„Гран при“ доби филмот „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе. Филмот е копродукција на Грузија, Франција и Италија.
-Исклучителна режисерска интуиција во раскажувањето приказни која се базира на клише, но далеку ги надминува границите на очекуваното, внесувајќи нè во светот на личниот, кревкиот и еротскиот универзум на главниот лик. Чувствителноста, чувството, храброста, непредвидливоста и ранливоста на ликовите во филмот создаваат мозаик од необичен и фасцинантен свет на Грузија. Гран при на фестивалот оди кај филмот „Панокптикон“ од режисерот Ѓорѓи Сикаруалиѕе, стои во одлуката на жирито.
Наградата за најдобра режија ја доби српскиот режисер Вук Ршумовиќ за филмот „Помеѓу боговите“, за внимателно осмислен и контролиран мизансцен, исклучителна работа со актери, минималистички режисерски алатки преку кои режисерот создава емоции, интимност и разбирање – силни и моќни, трогателни и убедливи визуелни елементи.
Наградата за најдобро сценарио ја добија Момир Турудиќ и Вук Ршумовиќ за филмот „Помеѓу боговите“.
-Филм за сомнежот, длабокото човечко егзистенцијално преиспитување на животот, прашањето за човештвото и суштината на нашето постоење, со исклучителни ликови, прецизност во нарацијата, кредибилитет на ликовите и јадрото на она што ни го нуди кинематографското раскажување приказни. Наградата за најдобро сценарио оди во рацете на Момир Турудиќ и Вук Ршумовиќ за филмот „Помеѓу боговите“, стои во одлуката на жирито.
За најдобар краток филм од 16 филмови кои беа во конкуренција, награден е „Пиратска земја“ на Ставрос Петрополус. Жирито го оцени како многу интересен филм, со храбро истражување и голем режисерски подвиг што креира простор за човечка комуникација во модерното време каде тоа не е многу лесно и не тера да размислуваме подлабоко за нештата.
А special mention за особено визуелно достигнување доби филмот „Затемнување“ од Ахмет Елзогби од Египет. Жирито смета дека станува збор за исклучителен филм со исклучителна кинематографија и креативна игра со светло и ефекти.
Одлуката ја соопшти претседателот на жирито , Срдан Голубовиќ, кој рече дека е среќен што е дел од јубилејното издание на Киненова, фестивал кој се бори за нешто што е уметнички авторски филм и сите овие десет години и носи на оваа средина нешто што се најголеми и најважни наслови од светот на авторскиот филм.
-Се надевам дека овој фестивал ќе ја продолжи борбата за публика која ќе гледа авторски филмови и која во следните години ќе открива што европскиот и светскиот филм и нуди на нашата публика. Во денешно време филмската дистирбуција е ограничена, а фестивалите се места кои ни ги носат најинтересните остварувања кои во овој момент се случуваат во светот, рече Голубовиќ и подвлече дека му е голема чест што е претседател на жирито во кое членува заедно со Хамад Солејманзадех и големиот македонски кинематографер, Владимир Самоиловски.
Директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ изрази задоволство од содржините и гостите на фестивалот, како и од мастеркласовите.
Гена Теодосиевска, уметнички директор на фестивалот рече дека е задоволна што работела со еден компактен тим, кој заслужува големи пофалби бидејќи се снаоѓал и во време и во невреме.
-Многумина наши гости -автори на прашањето колку филмот може да го промени светот велат многу малку, но како личности ние сите се менуваме по секој изгледан филм и јас во тоа верувам. По секој филм ние имаме еден друг поглед затоа што авторот ни го овозможува тоа. Авторскиот филм е една бујна река. Но таа треба да стигне некаде. Ако не стигне никаде, ако не дојде на фестивалите, ако не знаеме да го препознаеме, тоа е многу тажно. Ние се обидуваме да го препознаеме авторскиот филм. Онолку колку што ни овозможува буџетот, колку што можеме ние да стигнеме и затоа сме задоволни што имавме годинава одлична селекција, програма во фокус на Унгарија и Австрија и автор во фокус- Срдан Голубовиќ. Имавме извонредни лауреати-Лив Улма, Владимир Самоиловски и Даг Јохан Хагеруд, рече Теодосиевска.
Фестивалот се затвори со проекција на филмот „Прасловен“ на режисерот Слободан Максимовиќ, а по проекцијата пред присутните се претставија Зоран Предин, Барбара Предин, Борис Дежуловиќ, Слободан Максимовиќ.
-„Прасловен“ е еден од најпотентните документарци во последнава година кој на сите фестивали во регионов предизвикува големо внимание. Откако ќе го погледнеме филмот сигурни сме дека во иднина за ниту еден политичар нема да биде снимен ваков филм каков што е снимен за Зоран Предин, рече селекторот на фестивалската програма, Игор Анѓелков,