Концерт на Енес Беговски е најавен за 11 септември, со почеток во 21.3- часот. Во атмосферата на Old School барот, публиката ќе има можност да ужива во едно уникатно концертно доживување каде ритамот и зборот ќе се претопат во хармонија. Авторскиот концерт на Енес Беговски ќе ја спои моќта на перкусиите со убавината на поезијата, носејќи медитативни тонови, балкански призвуци и украинска поетска страст.
Концертот ја носи идејата за спој на традицијата со современиот звук, на тишината со ритамот и на поезијата со музичката енергија.
Енес Беговски е музичар и композитор чија работа опфаќа музика за театарски претстави и кратки филмови. Како мајстор на уникатниот инструмент хендпен, тој настапувал на бројни фестивали низ Балканот. Неговите последни проекти „Expressions“ и „Shid“ – комбинација од хендпен, електронска и традиционална музика во интеракција со поезија – беа реализирани во Хрватска и Црна Гора.
На оваа вечер, Беговски ќе настапи заедно со специјални гости:
- Валентин Френкел – украински музичар кој повеќе од една деценија живее во Црна Гора, активен соработник на украинскиот театар во Германија, каде учествува во проектот „Вилха“. Во своите настапи го спојува хендпенот со човечкиот глас.
- Стефан Дивчов – познат тромбонист кој овојпат ќе се претстави во ново светло, како перкусионист.
Публиката ја очекува вечер исполнета со ритам, поезија и единствено музичко патување што ја надминува традицијата и современоста. Влезот на концерот е бесплатен.