Игор Анѓелков ја објави дебитантската стихозбирка „Ноември“

Ангелков
Фото: Маја Аргакиева

„Или-Или“, ја објави дебитантската стихозбирка на Игор Анѓелков симболично насловена „Ноември“. Книгата која е дел од едицијата „Поеза“ од печат излезе денес, на 5 ноември, и таа е 12-то објавено издание на авторот, по седумте прозни и четирите филмско-есеистички дела.

„Ноември“ содржи дваесет песни поделени во три циклуси: „Револуција“, „Љубов“ и „Под небо во боја на бамји“. Анѓелков за својата прва поетска објава се шегува дека е „тешко да се стане поет на 50+“, образложувајќи во поговорот зошто се одлучил на ваков потег:

„Речиси секој писател својата пишувачка активност ја започнал со песни. Тоа е детерминирано од образовниот процес, при што во светот на пишаниот збор влегуваме токму преку поезијата за деца. И навистина, моите први обиди беа поетски. И не само тоа ‒ мојата прва официјална објава во сериозно списание беше „нешто што наликува на поезија“, а се случи пред три децении, со што само ми се потврди тезата дека речиси секој раскажувач започнува со пишување поезија.

Како аргумент плус, се сетив и дека поезијата се провлекува низ сите мои прозни дела. Во првиот роман „Крај-пат“ еден од ликовите е музичар што пишува прекрасни балади и чијашто поезија е составен дел од приказната. Поднасловот на мојот втор роман „Фото синтеза“, пак, е многу поетичен: „под небо во боја на бамји“, и тоа со години „плачеше“ за понатамошна  разработка. Подоцна, во збирката раскази „Двојна експозиција“, се провлекува песната „Уморен“, на која многу читатели реагираа пофално, бидејќи е слика и прилика на времето во кое живееме. Сето ова ми создаде мисла дека можеби навистина е време за објавување на првата стихозбирка“.

Зачлени се на нашиот е-билтен