Играниот филм „17“ на три континенти во април

„17“

По Светската премиера на овогодинешното Берлинале, фестивалскиот живот на долгометражниот игран филм „17“ во режија на  Косара Митиќ продолжува со три фестивали со долгогодишна традиција во првата половина од овој месец.

На 8-ми април, филмот ќе има премиерни проекции на 50. Интернационален Филмски Фестивал на Хонг Конг (Hong Kong International Film Festival) и 44. Интернационален филмски фестивал на Уругвај (Festival Cinematográfico Internacional del Uruguay), а за 13-ти април е закажана неговата прва проекција на 39. Филмски Фестивал во Болцано, Италија (Bolzano Film Festival Bozen).

Интернационалниот Филмски Фестивал на Хонг Конг, основан во 1976 година, е најстариот меѓународен филмски фестивал во Азија, инаку пионер во претставувањето на Хонг Конг, кинескиот јазик и азиското кино и автори. Со богатата филмска програма од над 200 наслови од повеќе од 50 земји кои ги прикажува на десет главни локации, овој фестивал важи за еден од најзначајните културни настани со интернационален карактер во Хонг Конг. Фестивалот го сврсти „17“ во својата главна натпреварувачка програма Младо Кино – Светски Филм (Young Cinema Competition – World), чија цел е да ги охрабри младите автори да ги истражуваат потенцијалите на филмот на нашето време.

Интернационалниот Филмски Фестивал на Уругвај, организиран од Уругвајската Кинотека, е најзначајниот филмски настан во земјата, кој има за цел да креира траен интерес за филмот преку прикажување наслови со свој вреден придонес во уметничките форми и да стимулира активно, аналитичко гледање филмови. Овој фестивал го селектираше „17“ во натпреварувачката програма Нови Режисери (New Directors Competition).

Филмскиот Фестивал во Болцано, Бозен, претставува избор на нестереотипни дела од интернационалната кинематографија со фокус на приказни за малцинствата, без разлика дали се од јазична, политичка или социјална природа. Фестивалот го селектираше „17“ во Главната натпреварувачка програма (Competition BFFB39), која е сочинета од избор од 12 филма од најновата продукција со моќен и уникатен уметнички профил.

Во филмот играат: Ева Костиќ, Мартина Даниловска, Даме Јовески, Ева Стојчевска, Петар Маниќ, Жаклина Стефковска Дрнасин, Оливер Митковски, Ана Стојановска, Сашко Коцев, Александра Пешевска, Симеон Дамевски.

„17“ е копродукција на „Црна Мачка Продукција“ со „Арт&Попкорн“ Србија и „Децембер“ Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, SEE Cinema Network и CineLink Work in Progress на 31. Сараевски Филмски Фестивал.

Зачлени се на нашиот е-билтен