Search
Close this search box.
Search
Close this search box.
Фељтон: 85 години од Рациновите „Бели мугри“ (2)

„Имало кој по нашински да пишува вистинска поезија, поезија модерна“

По повод 85 години од објавувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин, Рацин.мк го објавува првиот фељтон посветен на оваа клучна книга со којашто ѝ се отвори патот на современата македонска книжевност. Авторка на фељтонот е универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, истакнат рацинолог, авторка на книгата „Рацин и експресионизмот“ којашто е една од најреферентните научни објави за Рациновото творештво, а воедно и исклучително посветена книжевна критичарка.

Во фељтонот, за првпат, на ваков начин се презентира толкав корпус зачувани сведоштва, архивирана документација и сеќавања за објавувањето на „Бели мугри“.

Автор на фељтонот: Весна Мојсова-Чепишевска

И така, кон крајот на 1939 година, Самобор станува значајна точка на македонска книжевна историја со печатењето на Рациновите „Бели мугри“, исто онака, како што пред скоро осумдесет години од таа 1939, поточно во 1861, едно друго хрватско место – Ѓаково, ќе ја испише историјата околу печатењето на Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци и ќе стане култна идентитетска кота на македонштината. Самобор и печатницата на Шпулер  како да сакаа токму тие да бидат домот на „Бели мугри“ или пак „Бели мугри“ не можеа да имаат подобар дом од Самобор, градче со бурна историја кое лежи на само дваесетина километри од Загреб. Во средниот век самоборските заедно со другите селани од околните места го дигнаа селското востание против феудалната тиранија под водство на Матија Губец. По Првата светска војна во него илегално живее и работи секретарот на СКОЈ Јанко Мишиќ, а во 1937 илегално живее и Јосип Броз – Тито. Истата година во август Самобор станува домаќин на основачкиот конгрес на Комунистичката партија на Хрватска (КПХ).

Авторката на фељтонот Весна Мојсова-Чепишевска во Самобор

„Во ова гратче на 25 ноември 1939 година во Паркачева улица, во печатницата на Драгутин Шпулер, со неговите раце и со рацете на Станко Вугринец, графички работник, ќе се слага и печати збирката со песни „Бели мугри“. Црвен наслов на корицата, а над него името К. Рацин. Импресивен симболичен наслов што означува премин од темнината, од тешкото ропство што го носеше неговиот народ кон светлината на денот што се раѓа, чекорењето кон новиот ден на деновите.“, пишува Перо Коробар (1987 (а): 139).

За тешкотиите низ кои минува Рацин околу печатењето на „Бели мугри“ сведочи и Кирил Миљоски кој во зимата 1939/40 добива писмо од него, испратено од Загреб „во кое“, како што пишува, „ме информира за престојната појава на „Бели мугри“ и за финансиските тешкотии поврзани со печатењето.“ (1987 (б): 147). А драгоцено е изворното сведоштво на самиот Драгутин Шпулер забележано во книгата „Сеќавања на современиците“ од шесттомникот „Рацин“. Впрочем, најдобро е да се пренесат оригинално зборовите на Шпулер и како далечно ехо да одѕвонуваат неговите размисли.

„Кочо Рацин доаѓаше кај мене во печатницата и претставувајќи се како сиромашен студент ми рече дека има една збирка песни за печатење, што за него би значела многу, зашто би му помогнала да ја среди својата финансиска состојба. И ми остави еден извонреден впечаток на сиромашен човек, кој сака нешто да му се направи, а никој тоа не сака да го прави. Јас со него разговарав малку и прифатив да му ја печатам таа збирка и приближно му реков колку тоа ќе чини.“, го почнува своето сведоштво Шпулер (1987 (б): 252).

Како симпатизер на отпорот Шпулер го прифаќа предизвикот да отпечати збирка стихови на македонски јазик со кирилско писмо. Секако во прилог одат и препораките, особено на самоборскиот поет Стев Хрчик (се мисли на Стјепан (Штеф) Хрчиќ, моја забелешка). „Но најмногу Рацина ми го препорача неговата скромност кога дојде кај мене. Јас видов дека загрепчани нема да му ја печатат збирката, иако едицијата беше прилично голема. Близу четири илјади примероци! Тоа е и за Загреб интересна едиција, а уште повеќе за нас малите печатари. Поради скромноста со која ме обзеде јас дури ни капар не му побарав.“, вели Шпулер (1987 (б). 253, означеното е мое).

Страници од првото издание на „Белу мугри“

„Проблемот бил во кирилицата, во која немало знаци специфични за македонскиот јазик, но тоа било решено со договорот Рацин да го изврши лекторирањето и да ги вметне тие букви што најмногу одговараат. На лекторирањето работеле Шпулер и Рацин, а им помогнал и професорот Јурковиќ (а во сведоштвото на Шпулер стои Јурановиќ, забелешката е моја) веројатно поради неговото искуство како наставник во Софија. Во печатењето помогнала и сопругата на Шпулер, Марија. На 25 ноември Рацин дошол во Самобор, каде што Шпулер му ја предал збирката …“, пишува Горан Калоѓера кој се надоврзува на сведочењето на самиот Шпулер (2023: 36).

Шпулер се сеќава и дека го прашал професорот дали ова е опасна работа, па вели: „… го прашав дали би можел да ги печатам песните и дали е тоа опасно. Зошто да не – рече тој – тоа вам нема многу да ви наштети – истакна.“ И потоа се фаќа за работа: „Јас почнав да слагам, а при коректурата ни помагаше споменатиот професор, а доаѓаше и самиот Коста Рацин.“ (1987 (б): 252).

Факт е дека Шпулер во интерес на тоа збирката да стигне безбедно до Македонија, решава, веднаш штом ќе ја отпечати, уште во 13.30 часот да ја однесе на цензура. Имено, според тогашниот закон Шпулер како печатар е обврзан книгата да ја даде на цензура оној момент кога ќе започне продажбата. Тој знае дека токму во тоа време, зашто е сабота, во околијата нема да има некој значаен. Така ќе добие печат од некој дежурен службеник без некоја детална проверка за каква книга се работи и книгата ќе може лесно да патува и без „соодветна“ цензура. Книгата е предадена во 13.30 за цензура, а веќе во 14 часот книгата ја напушта Самоборската железничка станица.

„Тоа беше сабота. И по два дена, мислам во вторник или среда, дојде еден пријател од Загреб. Тој покажа налог дека овде е печатена книга на Коста Рацин и дека треба да се заплени. Меѓутоа јас реков: – Вие задоцнивте за едно два дена. Зашто, во сабота книгата е предадена. Јас имам потврда од Околијата – еве овде во книгата за цензура имам потпис и од оној  што ја прими книгата за цензура, а тој ја стави во своето биро, не гледаше воопшто. Налогот за заплена дојде од Белград. Зашто Рацин и неговите другари веќе ја растуриле книгата во Белград.“, се сеќава Шпулер (1987 (б): 252, означеното е мое).

* * *

1940: ПРОБУДЕТЕ СЕ МОРНИ КОПАЧИ И КОПАЧКИ

Да прокопаме меко

полињата родни

афион, тутун, житце

да родат благородни.

И по криви вади

да пропуштиме води

за оризите млади

и зелени лободи.

На работа!

На труд!

(„Копачите“, 1987 (в): 147)

По печатењето на збирката треба брзо да се реагира и целиот тираж да се преземе за да не падне во рацете на полицијата како плен. Зашто полицискиот режим ја оценува големината и значењето на оваа книга. Полицискиот режим отпочнува со голема потера и по авторот и по самата книга. Се испраќаат потерници од тогашното Министерство за внатрешни работи и банските управи до среските начелства за запленување на „Бели мугри“ и за апсење на Рацин. На 20 февруари 1940 загребската полиција успева да го најде Рацин и да го уапси, а жандармеријата етапно да го спроведе до неговиот роден Велес. Оттогаш и тој и неговото семејство се под зголемен надзор на полицијата и скоро секојдневно и над него и над неговото семејство се вршат притисоци, но и претреси и груби шиканирања. Сепак, „Бели мугри“ живеат и се шират, се споделуваат и се читаат.

„Презедовме низа мерки да ја извлечеме целата едиција од печатницата.“, вели Оскар Давичо, „И таа беше пренесена, мислам, во два куфера кај мене во станот.“ (1987 (б): 51).

Фрагмент од спомен куќата на Рацин во Велес

Од таму збирката патува низ Белград сѐ до Скопје, а потоа и до Велес и Штип, до Македонија, каде ја одигрува онаа улога што таа поезија треба да ја има. „Тоа е поезија“, како што пишува Давичо, „што беше (…) мошне лична, суптилна, чувствителна и сензибилна и по значењето и по убавината на зборот. Зашто, јас тогаш првпат ги доживеав: убавината на македонскиот јазик, неговата посебност, неговата самобитност. Сето тоа го доживеав преку таа поезија.“ (1987 (б): 51).

„Не помина многу време, а од густиот мрак на тогашната фашизирана Југославија, се појавија „Бели мугри“. Во едно од писмата испратено веднаш по излегувањето на стихозбирката, тој (Рацин, моја забелешка) ми пишуваше: „Многу ме интересира одѕивот на мојата збирка кај нас, во нашиот град…“. Збирката „Бели мугри“ кај мене предизвика импресивна возбуда и одушевување, впрочем, како и кај секој Македонец што би ја зел в раце: Издадена првпат на македонски јазик, на својот отпечатен топол мајчин збор. Овие песни мене посебно ме побудија и како сограѓанин и како другар на авторот.“, пишува Боро Мокров (1987 (б): 168).

* * *

Но, како оди пренесувањето понатаму на „Бели мугри“?

Возбудливо е сеќавањето на Боро Мокров околу пристигнувањето на стихозбирката „Бели мугри“ од Белград и потоа нејзиното пречекување во Велес и разнесувањето до Штип:

„Во куферот се наоѓаа 500 примероци од збирката, печатени на мал формат, на 31 страница, со сосема проста обвивка и без некој раскош на буквите и насловната страница.

Насловот „Бели мугри“ беше со црвени големи букви. Над него в среде стоеше името на авторот „К. Рацин“ сосема долу „Загреб“ а под него „1939“. Одзади стоеше само цената „5 динари“.

Она што најмногу ме загрижуваше во врска со „Бели мугри“ беше како 250-те примероци да се однесат до Штип. Дотолку повеќе што „Бели мугри“ веднаш по излегувањето беа забранети.“ (1987 (б): 169)

Возбуда чувствува и Лилјана Чаловска која е дел од акцијата за пречек и преземање на пакетите со „Бели мугри“, а како што пишува самата собирно место им била Белградската железничка станица и тоа час пред пристигнувањето на загрепскиот воз.

„Бели мугри“ (фототипско издание на „Кочо Рацин“, 1963)

„Со половина збор ни беше претходно дадено да разбереме дека се работи за примање литература што не смее да падне во рацете на полицијата, а дури потоа, пред да се разотидеме, разбравме дека Белград е етапа пред конечното испраќање на пакетите со таа литература за Македонија.

(…)

Јас само што си дојдов, отворив една од книгите и веќе не ја пуштив од рацете до зори. Тоа беше час на вистинско откровение. Ми се откри чудесниот, непознат дотогаш факт: имало кој по  н а ш и н с к и  да пишува вистинска поезија, поезија модерна. За мене беше тоа неочекувано, како ѕидовите наоколу да проговорија. Но новината не беше во тоа.

Читајќи ги овие песни не можев да забележам ништо од она што ја оптоваруваше таканаречената социјална поезија и ме оставаше ладна кон неа.

(…)

Читајќи и препрочитувајќи проверував: верен на народниот говор, тој си имаше посебен набој во зборовите и посебен набој што нив ги држеше еден до друг. Токму преку тој набој – како што мене ми се чинеше – се успеало да се изрази новото на начин нов.“ (1987 (б). 236-237, означеното е мое)

„Стихозбирките ги бевме испратиле во Македонија“, се сеќава Чаловска, „кога … дојдоа да ме бараат полициски агенти и извршија претрес во нашата мансандра. Ама стихозбирките навреме стигнале каде што беа испратени, веќе наголемо се читаа низ Македонија и беа предмет на општо одушевување меѓу нашите луѓе.“ (1987 (б): 239)

***

Авторката на фељтонот ја користеше и следната литература:

Друговац, Миодраг. Историја на македонската книжевност XX век. Скопје: Мисла, 1990.

Калоѓера, Горан. Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943). Скопје: Македоника литера, 2023.

Конески, Блаже. За Кочо Рацин. Скопје: Култура, 1994.

Конески, Блаже. „Како работел Рацин над Бели мугри“. Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г), 77-94.

Коробар, Перо. Животопис. Скопје: Наша книга, 1987 (а).

Коробар, Перо. К. Рацин во моите сеќавања. Скопје: Македонска ревија, 1998.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Наша книга, 1978.

Коробар, Перо. Рацин. Скопје: Детска радост, 1983.

Коробар, Перо (избор, редакција и предговор). Сеќавања на современиците. Скопје: Наша книга, 1987 (б).

Мојсова-Чепишевска, Весна. Рацин и експресионизмот. Скопје: Менора, 2000.

Ристовски, Блаже. Кочо Рацин: историско литературни истражувања. Скопје: Македонска книга, 1983.

Ристовски, Блаже. Животот и делото на Кочо Рацин. Скопје: Матица македонска, 2012.

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1954 (а).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Кочо Рацин, 1961 (б).

Спасов, Александар. Кочо Рацин – стихови и проза. Скопје: Култура, 1966 (в).

Тодоровски, Гане (избор, редакција и предговор). Поезија. Скопје: Наша книга, 1987 (в).

Тодоровски, Гане. „Поезијата на младиот Рацин“. Кочо Рацин. Поетски творби. Скопје: 1991, 13-28.

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Македонската литературна наука за Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (г).

Тодоровски, Томислав (избор, редакција и предговор). Прилози за животот и делото на Рацин. Скопје: Наша книга, 1987 (д).

Тоциновски, Васил (избор, редакција и предговор). Проза и публицистика. Скопје: Наша книга, 1987 (ѓ).

Зачлени се на нашиот е-билтен