Овој настан е повеќе од обична промоција. Тој е празник на македонската книжевност, на македонската филологија, на истрајната посветеност и соработка меѓу институциите, научните заедници и поединците што стојат зад ова издание. Не само јас како ректор, туку и севкупната наша академска заедница, и сите, како општество и држава треба да упатиме честитки до редакторите и до авторскиот тим на ова капитално дело. Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ покажува дека и она што навидум, до вчера ни изгледаше тешко остварливо, сепак е возможно ако се темели на високи научни стандарди и принципи со какви што се одликува ова издание. Од оваа, 2025 година – година на македонскиот јазик, всушност, оваа монографија, пред светот е личната карта на македонската книжевност, а во не мал дел и на македонскиот национален идентитет.
Ова меѓу другото го истакна ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), проф. д-р Биљана Ангелова, во своето свечено обраќање со коешто во Ректоратот на УКИМ ја отвори првата македонска промоција на колекктивната монографија „Македонска поетика и стилистика“ – првата национална монографијата за поетиката и стилистиката во јужнословенските земји, во издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац.
– Сега, за првпат имаме своевидна историја на македонската книжевност што е објавена од меѓународно референтен издавач, а едовремено ги опфаќа и сите периоди на книжевниот развој, и сите жанрови. Со тоа, и македонската научна вистина станува пореферентна. И тоа во време кога со години соочени со негирања и напади од ненаучни побуди, неретко ни се поставува прашањето што можеме да направиме од научна перспектива. Сето тоа време, македонската книжевна наука го даваше својот одговор со посветеност на истражувањето и на научната вистина. Еве го и резултатот – колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ како најмоќен одговор, нагласи ректорката Ангелова.
Во своето обраќање, таа се осврна на изданието и како прва национална монографија во рамките на серијата „Словенска стилистика“, не само како академски влог, туку и како културно-национален запис за идните генерации.
– Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е вистинското лице на УКИМ и на неговата извонредност. Слика на неговиот капацитет и потенцијал кога станува збор за книжевната наука, но и показ на натамошните перспективи, затоа што дел од авторскиот тим се и оние што се очекува да го движат развојот на книжевната македонистика во децениите пред нас. Сигурна сум дека успешната иднина на книжевната македонистика веќе има големи гаранции… Оваа монографија треба да нѐ потикне и натаму, и овде дома, и во меѓународниот настап да ги обединуваме силите на УКИМ, затоа што тогаш и можеме да успееме, како што успеа тимот на „Македонска поетика и стилистика“, со тоа, преку своите дела, придонесувајќи и за меѓународната афирмација не само на македонската книжевност и научната вистина за неа, туку и на УКИМ и на македонската држава, порача Ангелова.
Пред присутните се обрати и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски.
– Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е капитално научно издание од доменот на хуманистиката со кое на најубав начин во меѓународните славистички кругови се афирмираат дострелите на македонската книжевна наука. Особено ме радува што оваа драгоцена публикација е плод на интензивната и успешна соработка меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за македонска литература како единици на УКИМ, Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац. Благодарение на тимската работа, доследно следениот концепт, исцрпните студии на сите девет автори, како и беспрекорната редактура на уредувачите проф. д-р Бранко Тошовиќ и проф. д-р Славчо Ковилоски. Пред нас е монографија која несомнено ќе биде референтна и неодминлива лектира при проучувањето и изучувањето на македонската книжевност од нејзините зачетоци до денс низ призма на стилистиката и поетиката, истакна деканот Мартиновски.
Промотори на изданието беа проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература (ИМЛ) и проф. д-р Венко Андоновски од Филолошкиот факултет при УКИМ, дописен член на Македонската академија на науките и уметностите.
– Монографијата пред нас е компендиум, колекција од студии реализирана не само во насловно посочените области на поетиката и стилистиката, туку и во областа на книжевната историја. Оттаму произлегува и комплекснoста на реализираниот зафат. Од една страна, авторите во секоја одделна статија настојуваат синхрониски да ја отсликаат македонската книжевност од поетички и стилистички аспект. Од друга страна, книжевноисторискиот принцип е евидентен и доминантен не само во надоврзувањето на статиите во периодизациски хронолошки распоред, туку и на микро-план во проследувањето на развојот на поетиката и стиловите во рамките на секој од зададените периоди. Методолошката спротивставеност на книжевно-историскиот заграб или приод наспроти минуциозноста на стилистичкиот метод којшто го истражува изразното рамниште на исказите, веќе самата по себе ја посочува комплексноста на зафатот. Уредниците и авторскиот тим, меѓутоа. во секое од засебните излагања настојуваат да ја одредат својата мерка во сооднесувањето на трите големи подрачја на книжевното проследување, а во согласност со периодот што го презентираат, посочи професорката Аврамовска, којашто покрај како промотор, за изданието се осврна и како директорка на ИМЛ.
– Кога ќе се обидете да опишете цела една национална книжевност, од митема, преку фолклор, средновековие, просветителство, романтизам, реализам, модерна и постмодерна, низ четири книжевни „клучеви“ – поезија, проза, драма и критика, и тоа на само двесте и нешто странички текст, се добива она што стои пред нас: мала енциклопедија на македонската книжевност. Тоа подразбира високо компримирана дијахронија и синхронија, речиси „зипувана“ историја и теорија на книжевноста, и е рамно на научно-истражувачки подвиг. Тоа им успеало на нашите видни академски литературозналци, цел еден тим од Институтот за македонска литература и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Притоа, тие ги исцртале еволутивните мапи на македонската поезија, проза, драма и книжевна филологија – теорија, методологија, критика, низ стилско-формациските филтри на една валидна книжевната периодизација. Тоа подразбира висока и екстензивна акумулација на книжевни факти, односно податоци, но и висока концентрација при пишувањето на еден текст со амбиции за енциклопедиски пристап. Но пред сè, тоа бара висока теориска свест и врвно познавање на историјата на македонската книжевност. Ова е компримирана, „зипувана“ историја на нашата книжевност и македонскиот културен идентитет. Длабока почит и наклон пред авторите и нивниот професионализам и ерудиција, истакна професорот Венко Андоновски.
На промоцијата се обратија и редакторите на изданието, професорите Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац и Славчо Ковилоски од ИМЛ.
– Оваа монографија ќе отвори нови перспективи за македонистиката во јужнословенските и сесловенските простори, па дури и пошироко, бидејќи нејзиното појавување покажува колку македонската метапоетика и метастилистика многу придонеле во последните педесет години за проучување на книжевноста и јазикот на еден не многу голем словенски народ, нагласи Тошовиќ, преку видео-обраќање, во коешто се осврна и на претходната соработка и искажа подготвеност и за натамошно содејствување со своите македонски колеги.
Славчо Ковилоски пак се осврна на процесот на подготовка на монографијата, како од методолшки, така и од технички аспект, напоменувајќи ја примената на вештачката интелигенција во подготовката на дизајнот на монографијата.
– Освен на внатрешното графичко-техничко уредување, се водеше сметка и за надворешното обликување на монографијата. Токму затоа, искористена беше ВИ алатка на вештачката интелигенција за да се добие она што се посакуваше: Блаже Конески како еден од најзначајните македонски книжевни и научни творци, отворена книга пред него што ја претставува дејноста на Охридската книжевна школа од IX век, првиот словенски универзитет и Охридското Езеро опкружено со високите македонски Шар Планина и Кораб, кажа меѓу другото Ковилоски.
Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.
Од нивно име, на промоцијата се обрати професорката Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Во почетокот на обраќањето, таа го цитираше Блаже Конески, од првото предавање во 1945 година одржано на тогашниот Народен универзитет во Скопје од кој ќе се роди неколку години подоцна Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, под наслов „Македонската литература и македонскиот лчитературен јазик“.
– Стоејќи исправени пред ова издание, слободно можеме да кажеме дека она што го зацрта Конески во таа далечна 1945, ние авторите на колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ веќе го остваривме, го остваруваме. Она што беше иднина за генерацијата пред и по Конески, сега е реализирана сегашност, нагласи професорката Мојсова-Чепишевска, по што упати благодарност до ремонираните издавачи на монографијата, до проф. д-р Бранко Тошовиќ, како и до УКИМ и до ректорката Биљана Ангелова за заложбите за промовирање на изданието.
На промоцијата присуствуваа претседателката на државата, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, академици, професори од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонска литература и од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, членови на Македонскиот славистички комитет, професори од други факултети при УКИМ, писатели и други активни чинители на академската и книжевната заедница во државата.
Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е објавена годинава, а веќе е дел од фондовите на клучни славистички центри во светот. Монографијата претходно беше промовирана на Универзитетите во Задар и во Бања Лука, а следните промоции се закажани во Париз и во Мадрид.
Во завршницата на оваа, прва македонска промоција на изданието, покрај истакнатата потреба беше најавена и можност во натамошниот период монографијата да биде објавена и во превод на англиски јазик и како електронско издание.