За крај на тековната година, во Националната галерија во Даут пашиниот амам ќе се одбележи уште еден исклучителен јубилеј – 100 години од раѓањето на Ристо Лозаноски. Отворањето на изложбата ќе се случи на 26 декември 2024 (четврток) во 19:00 часот
Како дел од веќе востановените практики што произлегуваат од визијата на Националната галерија и се надоврзуваат на мисијата за зачувување на нашето значајно културно богатство се и периодичните или јубилејните претставувања на најзначајните македонски ликовни творци и нивните остварувања. Во селекцијата на претставувањата се истакнуваат авторите застапени во Постојаната поставка на Националната галерија, како уште едно настојување за зачувување од заборав и ревалоризација на творештвото на авторите што во одреден културно-историски контекст одиграле важна улога во дефинирањето на она што денес го нарекуваме македонска историја на уметноста.
Еден од овие автори е Ристо Лозаноски (р. Големо Илино, 1923 – Белград, 1965), кој во рамките на Постојаната поставка на македонската уметност од XIV до XX век, поставена во објектот Даут-пашин амам, е претставен со две дела Прастари облици, 1961, масло на платно, и Бела стихија, 1962, масло на платно, во изложбениот дел што го опфаќа периодот на 60-тите години од XX век, односно историскиот приказ на времето кое се однесува на влијанијата и развојот на енформелот во нашата ликовна уметност, што од своја страна доволно говори и за местото и значењето на овој уметник.
Творештвото на Ристо Лозаноски уште од неговите почетоци го забележуваат, а подоцна и го обработуваат голем број македонски историчари на уметноста и ликовни критичари во повеќе нивни осврти, го вклучуваат во приказите на современата ликовна уметност, претставен е во бројни селекции на различни теми, но се чини дека неговиот ликовен опус денес е малку подзаборавен. За значењето на Ристо Лозаноски за македонската ликовна уметност постојат мноштво осврти на критичарите што го вреднувале неговото творештво: Антоние Николовски во повеќе наврати се произнесува за самостојните изложби и е автор на Комеморативната ретроспективна изложба, Уметничка галерија – Скопје, 1969, Борис Петковски, Соња Абаџиева, Ладислав Баришиќ, Владимир Величковски, Марика Бочварова-Плавевска, Лилјана Неделковска, Валентино Димитровски итн.
Присуството на Лозаноски во споменатите селекции се должи на неговиот распространет интерес и дејствувањето „на повеќе полиња“ во смисла на ликовниот израз и изборот на теми што го окупирале неговиот интерес во, сепак, релативно краткиот животен и творечки век (починал на рана возраст од 42 години). Така, Лозаноски уште од самите негови почетоци го интересираат повеќе теми – од портрети, актови и фигури, преку мртви природи, пејзажи и историски (епски, револуционерни) теми, па сè до теми со извесни реминисценции на традиционалните мотиви, со етнолошка (битова) провениенција.
Прераната смрт на Ристо Лозаноски ја осиромаши македонската уметност за една прогресивна личност чиј понатамошен развој може само да го претпоставиме со изучувањето на она што како автор го оставил зад себе, но и да иницираме понатамошно студиозно проучување на одредени ликовни творечки фази на постојните остварувања.