Изложба „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ

Јовановиќ

Во Музејот на град Скопје, на 20 ноември во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Приказни од маргините“на Ѓорѓе Јовановиќ.

Како што вели Јованка Попова, куратор на изложбата, „Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку  интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.

Ѓорѓе Јовановиќ го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.

Фрагмент од приказната „Одрон“ од Стефан Алијевиќ

Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот.  

Расказите „Oдбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов; и „Вила Тибериа“ од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието  на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.

Што всушност ни кажува подвижната слика? Нејзината дестинација почнува да не дефинира во моментот кога ни се обраќа од дадената адреса. Додека се занимавме со вртење во одредена насока, сликата е таа што нас не превртува, ги преиспитува нашите ставови, не тера да влеземе во соучесништво со нејзините протагонисти, да размислуваме и да понудиме афективни, етички и морални матрици на животите опустошени од разно-разни неправди.

Фрагмент од приказната „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска

Цртежите, во заедништво со расказите, се тажен, траги-комичен коментар на радикалните нееднаквости во општеството, економската и социјалната несигурност, прекарното живеење, секојдневните борби на луѓето од маргините,  но и на начинот на кој се однесуваме кон животните, деградацијата на природата и еколошките катастрофи, последици на нејзината политичка и економска инструментализација. Тие се  оживување на личните приказни на оние со кои секојдневно се среќаваме, но најчесто не ги забележуваме. Безимениот бездомник што умира на улица никогаш нема да се појави меѓу „топ сториите“ на пребарувачите или вечерните вести, исто како и квир осамените, политички изманипулираните, прекаријатните работници, заглавените во постојана транзиција, невидливите во мејнстрим-кадарот, оние чии гласови не допираат до политичката елита, оние кои се исклучени од донесување одлуки, оние кои се наоѓаат вон доменот на правната и граѓанската политика, оние кои преживуваат. Сите овие слики заедно го одразуваат мноштвото начини на кои маргините се создаваат, оспоруваат и трансформираат.

Маргината хируршки  интервенира во јадрото на текстот на секој расказ.  Книжевниот јазик ја отвора можноста за транспарентна комуникација што вистинскиот социјален простор ја оневозможува, отвора полифонична сцена во која множина дисонантни придушени гласови се артикулираат и не соочуваат. Ликовната интервенција пак открива што се случува со текстот и нарацијата, но и со нашето искуство, кога уметничкиот интерес за цртеж и боја ги осветлуваат политичките пејзажи во рамки на маргината, им даваат боја и лик на  маргинализираните, но и нови значења кои продолжуваат да се читаат и независно од расказите. Оттука, комбинирајќи го текстот и цртежот во една подвижна слика, делата стануваат интерактивни мапи на политичката, социјалната и културната обоеност и разновидност на маргините, овозможувајќи им видливост и културно признавање, во и надвор од симболичните простори, локални и глобални.

Маргините се простори на несигурност, арени на динамични политики, но и места каде што се прекршуваат централните наративи и каде што историјата може повторно да се напише од спротивниот крај. Тие не се само географски или општествени периферии, туку и епистемолошки зони, места каде што се раѓаат нови начини на знаење, гледање и зборување. Да се дејствува од маргината значи да се користи нејзината слабост како сила, како позиција што овозможува критичка дистанца од центарот, но и можност да се замислат алтернативни заедници, економии и облици на грижа.

Оттука, изложбата не повикува да ја лоцираме, центрираме и да ја разрешиме маргината, да ги ги читаме маргините не само како периферии, или физички граници, туку како витални простори со енергична социјална структура; да го препознаеме мноштвото маргини како коментар на радикалните нееднаквости во општеството, но и како преглед на саморефлексивната свест за сопствените политички и социјални позиции во и вон маргините.  

Во време кога економската несигурност и политичката фрагментација продолжуваат со забрзано темпо, маргините се препознаваат како се поголеми простори, но и како политички генеративни места, простори каде се пресоздаваат животи. Во тој контекст, изложбата ги отвора маргините не само како тема, туку и  како позиција на гледање и зборување. Приказните од маргините повикуваат на одговорност, да се препознае местото од кое се зборува и погледот што секогаш останува надвор од кадарот.Bottom of Form

Зачлени се на нашиот е-билтен