Изложба за битолските порти, симболи на минатото и чувари на градската душа

Прва награда Марија Дојшовска

Фоајето на НУ Центар за култура повторно го исполнија бои, светлина и приказни на отворањето на тринаесеттото издание на фотографската изложба „Со љубов од Битола“. Оваа година, објективите  беа насочени кон битолските порти, како симболи на минатото и чувари на градската душа. Изложбата е дел од годишната програма на НУ Центар за култура, а е финансиски поддржана  од Министерството за култура и Општина Битола, во рамките на манифестација „Бит-Фест 2025“.

Оваа година изложбата ни носи 33 фотографии кои ја доловуваат магијата на битолските порти. Од нив, 30 се креации на учесниците на конкурсот – секоја фотографија носи свој поглед, своја приказна и свој детал од неповторливиот шарм на портите во градот. Стручното жири, во состав Димитар Чунговски, Кети Талевска Бакревска и Диоген Хаџи-Коста Милевски, внимателно ја направи селекцијата, а и самите тие се претставуваат со по една своја фотографија, збогатувајќи ја оваа изложба со својот личен печат.

Оваа година, првото место и признанието за највпечатлива фотографија го понесе Марија Дојшовска со својата „Староградска порта“ – кадар кој ја раскажува приказната на времето и сеќавањата. Второто место му припадна на Давид Козаров, и фотографијата „216“ која плени со својата визуелна провокативност и мајсторијата во изработкта , додека третата награда ја освои Викторија Стојковска со „Вдахнување“ – фотографија која внесува тивка свежина и топлина. Освен паричните награди, беа доделени и три пофалници на автори кои со својот објектив умешно ја доловија убавината и духот на битолските порти, оставајќи печат на ова издание на изложбата.

Изложбата за отворена ја прогласи директорот на НУ Цетар за култура Битола, Сашо Илковски, кој во своето обраќање истакна дека: „Со љубов од Битола“ не е само изложба – тоа е своевидна ризница на спомени и емоции, дигитална библиотека која ја чува и раскажува душата на нашиот град. Со ова докажуваме дека Битола, со својата историја, архитектура и дух, е непресушен извор на уметноста – инспирација за сите кои знаат да гледаат и чувствуваат. Ве поканувам да ги разгледаме заедно „битолските порти“ и посакувам да продолжи оваа традиција и во иднина, за „Со љубов од Битола“ да остане жив мост меѓу уметниците, фотографијата и нашиот град. 

Во име на организаторот, присутните ги поздрави координаторот на проектот и член на жирито, Диоген Хаџи–Коста Милевски. Тој сподели дел од процесот на одлучување на жирито, истакнувајќи колку тешко било да се изберат најдобрите меѓу толку многу квалитетни фотографии. Со искрена благодарност до сите учесници и гости за поддршката, Милевски нагласи дека овогодинешната изложба, според бројот на учесници, испратени и изложени фотографии, го надминала секое претходно издание, поставувајќи нови рекорди и стандарди за иднината.

Портите на Битола се повеќе од влезови – тие се чувари на спомени, тивки раскажувачи на приказни и неми сведоци на минатото. Со секоја гребнатина, боја и форма, тие откриваат дел од душата на градот. Оваа изложба е патување низ тие порти – патување кон историјата, убавината и тајните што ги чуваат.

Зачлени се на нашиот е-билтен