Вечерва во Македонската филхармонија љубителите на класичната музика ќе уживаат во единствен концерт што ги спојува традициите на Далечниот Исток и Балканот. Јапонскиот баритон Казухиро Котецу и македонската сопранистка Елена Васова ќе настапат заедно во програмата со наслов „Јапонско срце бие во македонски ритам“, носејќи силна порака на културно пријателство.
Концертот ќе биде збогатен со настап на јапонскиот женски хор Tomoni Utao, со пијанистката Акико Каназава, како и со мешаниот хор Про Арс под диригентство на Сашо Татарчевски. Посебни гости на вечерта ќе бидат пијанистот Иван Трајковски и јапонската сопранистка Чихиро Суганума.
Во духот на своето мото – „Љубовта кон земјата, културата и луѓето најсилно се слуша преку музиката“ – Котецу ќе изведе неколку познати македонски композиции, меѓу кои „Болен ми лежи Миле Поп Јорданов“, „Македонско девојче“ и „Ако умрам ил’ загинам“.
Публиката ќе има ретка можност да чуе внимателно избрана програма со јапонски и македонски песни, создадена за да ја истакне длабоката емоционална и музичка поврзаност помеѓу двете култури.