Јасна Жмак, со перформансот победник на белградски БИТЕФ, доаѓа во Скопје

Жмак

На 10 декември 2025 година, со почеток во 20 часот, на Академската сцена при Факултетот за драмски уметности – Скопје, хрватската писателка и драматургина Јасна Жмак  ќе го изведе својот авторски перформанс „this is my truth, tell me yours (Ова е мојата вистина, кажи ми ја твојата). Гостувањето на Јасна Жмак во Скопје е дел од тринаесеттото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО,  во организација на Tiiiit! Inc.

Перформансот претставува личен и искрен авторски проект во кој Жмак го преиспитува својот однос кон уметничкото поле, отворајќи прашања за авторските позиции, нивната одговорност, како и за анксиозностите што ги носи творечкиот процес.

Појдовна точка е нејзиното лично искуство од 2011 година, кога за време на претставата „MandićStroj“,  поради истрел од сценски пиштол добива тинитус и хиперакузија – случка што подоцна станува основа за нејзиното истражување на начинот на кој уметноста директно влијае врз нашите животи и реалности.

Иако на прв поглед далечни, темите на тинитусот и патријархатот во претставата стануваат централни оски околу кои се гради изведбата – на границата меѓу стенд-ап и перформативно предавање.

Жмак, која за првпат се појавува на сцена како изведувачка, нѐ води низ своите драматуршки и сексуални искуства, поставувајќи прашања за вистинитоста, репрезентацијата, партиципативноста и смислата на уметничкото творење во капиталистичкиот контекст.

Во октомври, перформансот ја освои највисоката Гран при награда „Мира Траиловиќ“ на меѓународниот театарски фестивал БИТЕФ во Белград. Беше нагласена неговата автентичност, прецизност и повеќеслојност, како и критичкиот и храбар пристап кон патријархалните и капиталистички структури во изведувачките уметности. „Бевме воодушевени од спојот на нежност, дарежливост и искреност, а особено сакавме да ја истакнеме и поддржиме кревкоста и неуништливата содржина на оваа претстава“, се вели во одлуката на жирито.

Настанот се одржува со поддршка на Kvinna till Kvinna, Амбасадата на Шведска во Северна Македонија и Equality Fund.

Билетите може да се набават наhttps://drugastrana.mk/event/this-is-my-truth-tell-me-yours/

Сите средства собрани од продажбата на билетите ќе бидат донирани за иницијативата Support Kočani

Јасна Жмак е писателка, драматургина и универзитетска професорка од Загреб. Предава на Академијата за драмска уметност, таа е авторка е на повеќе значајни изданија.

Таа се издвојува во современата регионална уметничка и интелектуална сцена со храбриот пристап кон темите како авторство, род, сексуалност, уметничка одговорност и репрезентација. Опсегот на тие теми, од проза до театар, од документарно-автобиграфски перформанси до психодрамска терапија, придонесуваат Жмак да е исклучително влијателна во сферата на современата уметност и критичкото мислење.

Зачлени се на нашиот е-билтен