Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска се невеста и зет на годинашната „Галичка свадба“, најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас која ќе се одржува од 11 до 13 јули. Младенците ќе се венчаат в недела, 14 јули, во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.
Годинашните младоженци, Јован Филипоски – потомок на старото галичко семејство Филипоски и Лилјана Михајлоска, велат дека учеството во манифестацијата за нив претставува исполнување на животен сон.
-Уште од мали нозе мечтаев да бидат зет на галичката свадба, традиција која треба да се негува која мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата, честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе не посетат и ќе ја видат оваа убава традиција, рече Филиповски.
Михајлоска вели дека голема е честa, но и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.
– Како што кажа Јован огромна чест и задоволство е што сме избрани за зет и невеста на овогодинешната свадба се чувствуваме среќно и гордо, но истовремено голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, но веруваме дека се ќе помине во најдобар ред, рече Михајлоска.

Претседателот на месна заедница Галичник Огнен Караѓозовски изрази задоволство што се уште постои интерес кај младите да бидат дел од оваа манифестација.
-Оваа година имаме богата програма, фестивалот почнува во петок, ние се одлучивме да наравиме претстава од Ѓорѓија Пулевски по повод 150 години издавање на тијазичникот, потоа во петокот по претставата ќе има забава за помалдите со диџеј и веќе во сабота почнуваме со свадбените обичаи, рече Караѓозовски.
За време на одржување на манифестацијата организаторот најавува посебен сообраќаен режим во селото, а беше повторен и апелот за одговорно однесување, особено во поглед на консумирањето алкохол и грижата за природата.
Тридневната манифестација ќе започне во петок, 11 јули, со премиерна изведба на монодрама во чест на 150 години од издавањето на Тријазичникот на Ѓорѓија Пулески, што ќе биде изведена на мијачки дијалект. Потоа ќе следува забава со диџеј сет за помладите посетители.
Во сабота, на 12 јули, започнуваат свадбарските обичаи, со пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро. Особено впечатлив момент ќе биде изведбата на ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој крај – „Невестинското“ и „Тешкото“ – од страна на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред прочуената чешма Упија. Во вечерните часови, невестата придружувана од свадбарите, со борини и факели во рака, ќе оди да полни вода од прочуените три чешми во селото: Секуличе, Динговиче и Упија – обичај поврзан со семејната среќа.
Во недела, 13 јули, денот ќе започне со традиционалните „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, во чии рамки е и прочуениот обичај „гледање низ прстен“. Потоа следуваат испраќањето на невестата и дарувањето, како и венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.
Целата програма, која ги вклучува сите традиционални свадбарски обичаи, ќе биде емитувана преку видео-екран поставен на централното плато во селото, а ќе биде емитувана „во живо“ и на социјалните мрежи, со што манифестацијата се доближува и до оние кои немаат можност да бидат физички присутни на настанот.

Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поддржувач е Министерството за култура и туризам, а „Пивара Скопје“ веќе 50 години е партнер во организирањето на манифестацијата.