Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Јованова-Грујовска: Прифаќање и респект кон различностите, затоа што светот му го овозможи тоа на македонскиот јазик

Институтот за македонски јазик денеска го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. На настанот организиран по тој повод се обратија директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и на ректорот на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски.

Рацин.мк го пренесува обраќањето на директорката на Институтот Елена Јованова-Грујовска.

Елена ЈОВАНОВА-ГРУЈОВСКА

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се залага за проучување, промоција, афирмација и негување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава и како мајчин јазик на многумина, но ги поддржува  афирмацијата и негувањето на сите други јазици што се зборуваат кај нас и во светот.

Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава, но и од соживотот на балканските простори од памтивек, во лингвистичките кругови претставен преку Балканскиот јазичен сојуз.

Почитувањето на сопствените корени, традиции и народната мудрост мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите. Тоа му го нудиме на светот затоа што светот му го овозможи тоа на македонскиот јазик. Со гордост можеме да кажеме дека годинава одбележуваме: 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков и 100 години од раѓањето на македонскиот книжевен великан Ацо Шопов. Во минатите децении соработка со Институтот остварија највидните странски лингвисти, слависти и македонисти. Делото „За македонцките работи“ славистичката наука го прифати и го испочитува како своевидна прва кодификација на македонскиот јазик. Во минатиов век поезијата на Ацо Шопов е препеана и читана на многу јазици со што придонесе за наша афирмација во странските културни средини. Прифаќањето е заемно. Самоуверените и храбрите се почитуваат меѓусебно!

Дозволете ми да кажам неколку збора за нашите постдипломски едногодишни и двегодишни студии по „Македонистика со комуникологија“ што веќе една деценија се дел од вториот циклус студии на УКИМ. Освен македонистичките и комуниколошките, често се бираат споредбени теми меѓу македонскиот и други јазици што ги владеат магистрантите. Проучувањата и компарирањето се прават на лексички, зборообразувачки, морфолошки, синтаксички, фразеолошки и социолингвистички план.

Елена Јованова-Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик
„Крсте Петков Мисирков“

Драги студенти и ученици, сите што ќе се заинтересирате за лингвистиката или комуникологијата, повелете во иднина во Институтот за да утврдуваме заедно: толеранција, соживот, мултикултурализам, родова еднаквост, негување на сопствените вредности и почит кон различностите!

Во услови на интензивна глобализација, на многу „мали“ јазици им се заканува исчезнување. Научниците препорачуваат архивирање и документирање на загрозените јазици. Ние не го сметаме македонскиот јазик за загрозен, но ги сметаме картотеките на Институтот за македонски јазик за непроценливо важни. Затоа, со финансиска поддршка од Владата и Министерството за култура, архивиравме 5 милиони ливчиња со лексиколошки, ономастички, дијалектолошки и црковнословенски записи за сегашните и идните генерации.

Да ни е честит Меѓународниот ден на мајчиниот јазик!

Зачлени се на нашиот е-билтен