Јулија Козакова Трио, „Мордаи“ и „Луфтанза“ го затвораат 24. ОФФест

Јулија Козакова
Јулија Козакова

Со вечерашните настапи на Јулија Козакова Трио од Словачка, фолк-рок бендот „Мордаи“ од Унгарија и македонскиот состав „Луфтанза“ завршува годинашното 24. издание на ОФФест. 

Програмата ќе почне со проекција на бразилскиот документарен филм ,,Саравах” во Киното Фросина по што следува насрапот на Козакова, придружена од гитара и бас. Оваа словачка пејачка е најпозната по својата соло кариера и нејзиниот албум „Manuša“ од 2022 година. На ова издание таа внесе нов дух во некои од традиционалните ромски песни вкоренети во Словачка и Централна Европа. Од 13-годишна возраст Јулија свири со ромски музичари, а од соработките се истакнува онаа со чешката пејачка Ида Келарова. Деби албумот „Manuša” го отвори меѓународниот хоризонт за нејзините прекрасни интерпретации и таа настапи во Велика Британија, Белгија, Италија, Естонија, Чешка и нејзината родна Словачка. Реакциите на медиумите беа одлични и албумот беше највисоко рангираното словачко издание во жанрот „музика на светот“ на World Music Charts Europe, а ја доби и Radio Head наградата во истата категорија. Јулија Козакова има диплома од SOAS University of London, а моментно студира и џез пеење на Академијата во Брно. 

По Козакова, во МКЦ Дансинг салата ќе настапат Мордаи, фолк-рок бендот кој во најголема мера е инспириран од репертоарот на унгарските експериментални фолк музичари од 60-те и 70-те, чиј специфичен звук го отсликува мрачниот дух на друмските одметници. Многу брзо по првиот сингл Mordái се наметнаа како важен дел сцената во Будимпешта и се претставија на некои од најважните унгарски фестивали и клубови. Првите снимки од 2020-та им донесоа повеќе признанија и следуваше молскавична кариера. Албумот „A Dream Fell On My Еyes“, издаден во 2022, им донесе блескави критики и восхит кај публиката. Групата има настапувано на најпрестижните европски фестивали, како Primavera во Барселона, Eurosonic во Холандија, INmusic, Volt, Waves, Budapest Ritmo, Music Moscow и други. Влијанијата од фолк музиката на звукот на Mordái му даваат автентичност и длабочина, текстовите полна ангажираност, а рокот и гитарите – голема движечка сила. Mordái годинава се најдоа на програмата на South by Southwest во Остин, Тексас, што е досега најголемото признание за бендот.

Во МКЦ Дансинг салата ќе настапат и Луфтанза. Бендот се формираше во 2020 година и со четири албуми, пет години подоцна, прерасна во кормилар на свежиот бран во македонската алтернативна музика. Вредни, енергични и исклучително скромни, овие талентирани музичари ја претставуваат генерацијата на која ѝ е јасно дека формулата е многу едноставна – со искрена љубов и многу труд, резултатите пристигаат сами. Потврда за тоа се нивните настапи во Унгарија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Словенија, Хрватска, Србија… Луфтанза имаат неверојатен спектар на вкусови, интереси и музичко познавање. Продукцискиот квалитет на нивниот материјал се носи со изданијата на релевантни светски инди имиња, но тоа не би значело ништо доколку во нивните песни не вибрира енергијата што ја поседуваат. На последното издание „Далеку од вистинското нешто“ (2024) можете да препознаете влијанија и од Black Sabbath, па и од Darkwood Dub и сè помеѓу. И ако воопшто можат да се стават во рамка тоа би одело отприлика вака: експериментален и психоделичен рок, пост- панк и no-wave. А вистинската слика е онаа на концертните настапи.

Публиката изминатите три дена имаше можност да ужива во изведбите на маестралниот гитарист Вје Фарка Туре од Мали, вокалистката Флоренс Адони од Гана, финскиот виртуоз на хармоника Кимо Похјонен и дивата на португалскиот џез Марија Жоао. Фестивалот го отворија Драган и Ратко Даутовски и Canzoniere Grecanico Salentino.

Зачлени се на нашиот е-билтен