Кочанската рок група „Корка“ ја освои наградата од публиката на меѓународен натпревар во Брисел

„Корка“


Младиот кочански рок бенд „Корка“ освои најмногу гласови од публиката на онлајн гласањето и го доби признанието People’s Choice Award на Imagine Music Experience International Finals, што се одржа во неделата, на 14 декември, во Брисел, Белгија.

Наградата беше официјално објавена од организаторот-домаќин при прогласувањето на најдобрите и доделувањето на признанијата, а веста со гордост ја потврдува Музичка младина на Македонија (JM Македонија), која беше организатор на домашниот натпревар Imagine Македонија, на кој „Корка“ победи и се стекна со правото да ја претставува државата на меѓународната сцена.

На меѓународното финале во Брисел, покрај македонскиот претставник, учествуваа и млади музичари од Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Унгарија, Холандија и Велика Британија. Победник на натпреварот беше белгискиот рок бенд Crimson Bullet Generation.

Imagine Music Experience е меѓународен музички натпревар за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, отворен за сите музички жанрови. Натпреварот го организира Jeunesses Musicales International (JM International) – глобална организација посветена на развојот на младите преку музика и уметност, која ги поддржува младите таленти преку натпревари, едукација, вмрежување и настапи на интернационални сцени.

Ова е четврта година по ред што Музичка младина на Македонија учествува во Imagine Music Experience со национален финалист, а годинава бендот „Корка“ не само што ја претставуваше Македонија, туку и за првпат донесе меѓународно признание за земјата во рамки на овој натпревар.

„Корка“ беше избран за национален победник на Imagine Македонија 2025, на финалето што се одржа на 10 октомври 2025 година во МКЦ – Скопје, каде што настапија осум квалитетни бендови со оригинална музика од различни жанрови.

Бендот „Корка“ носи гранџ ноиз рок звучен потпис од Кочани, а со својата енергија, авторска музика и силна поврзаност со публиката се истакна меѓу учесниците од повеќе европски земји. Признанието People’s Choice Award претставува значаен поттик не само за младите музичари од Кочани, туку и за целата млада музичка сцена во државата.

Музичка младина на Македонија упатува посебна благодарност до Ива Дамјановски, координаторка на проектот Imagine Македонија, за нејзината посветеност и поддршка. Благодарност и до сите поддржувачи на проектот, меѓу кои „Мртов Коњ“ и Gola Planina Collective, кои придонесоа за успешната реализација на националниот и меѓународниот настап.

Зачлени се на нашиот е-билтен